
Скопје, 28 декември 2010 (МИА) - Македонските економски промотори интензивно преговараат и остваруваат контакти со потенцијалните странски инвеститори, но потпишување договори за конкретни проекти се очекуваат од идната година.
Ниските даноци, слободните индустриски зони и конкурентната работна сила остануваат главните адути за привлекување странски капитал.
- Со сигурност можам да кажам дека во последниот квартал од годинава бројот на компании, квалитетот на посетите и интересот се зголемени. Сметам дека во првата половина од 2011. би се реализирале три до четири инвестиции од оние со кои моментно сме во крајни преговори, изјави директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Виктор Мизо пред денешната средба со економските промотори на која учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, како и министерот за економија Фатмир Бесими.
Владата, како што рече Пешевски, е релативно задоволна од капацитетот на тимот промотори и од она што тие досега го сработиле.
- Релативно сме задоволни, но се разбира, може подобро. Затоа се зголемува и бројот на држави, се менува составот на промоторите, но и моделот на мерење на нивните перформанси. Правиме прилагодувања и тоа е важно, да не се стои во место, нагласи Пешевски.
Според Мизо, неблагодарно е да се кажува колкави ќе бидат инвестиците следната година, но во 2010. преку Агенцијата за странски инвестиции, преку мрежата на промоторите и по други основи, се реализирани над 130 единечни посети на компании со агенда која траела два или три дена, што допрва ќе даде резултат.
- Тоа се фирми кои доаѓаат, ги разгледуваат можностите прв пат, се среќаваат со сите институции, од највисоко ниво во Владата до приватниот сектор, разгледуваат локации, можна соработка со локални компании. Тој процес за секоја компанија, зависно од бизнисот, може да трае понекогаш дури две години од моментот на посетата на Македонија, напомена Мизо.
Секогаш, додаде, треба да има предвид со колкав број компании се остварени контакти и колку дошле да не посетат.
- Бизнис анализата на странските фирми при барањето поконкурентен пазар за производство на нивните производи е длабинска и трае многу долго. Таа должина на временскиот период и ангажманот на промоторот не соодветствуваат во кракот временски период, објасни директорот на Агенцијата.
Посочувајчи го примерот со Турција, Мизо рече дека промоторите се вклучени во многу активности кои овозможија влез на странски инвестиции на различен начин.
- Промоторката во Турција од почетокот беше вклучена во активностите за очната болница чија изградба во „Ѓорче Петров“ привршува, како и во првичните разговори на компанијата која откупи земјитше во општина Аеродром за изградба на нов, модерен трговски центар, истакна Мизо.
Тони Атанасовски, промотор во Индија, Сингапур и Малезија, за неполни две години остварил преку 1.200 контакти со тамошни компании.
- Битен е квалитетот на 30-те компании што беа донесени во Македонија да разговараат за подетални проекти. Договор конкретен немаме. За да се случи, треба претходно да се реализираат други активности. На тоа работиме моментално. Реално очекуваме во 2011. да се случуваат некои работи. Индијците се најзаинтересирани за фармацевтската и автомобилската индустрија, ИТ секторот и биотехнологијата, рече Атанасовски.
Економскиот промотор во Њујорк Филип Блажевски досега донел повеќе конкретни можности за инвестирање.
- Во моментов траат преговорите со поголем број компании. Актуелната економска ситуација глобално не е идеална, голем дел од овие фирми имаат екстра капацитети што не им се искористени во Европа. Се додека не порасне побарувачката на глобално ниво, особено во Европа, Централна Азија, Северна Африка, Блискиот Исток, мора да бидеме трпеливи за да очекуваме поконкретни инвестиции, изјави Блажевски.
Од својата работа е задоволен и промоторот во Австрија Филип Нелковски. За две години на разговори во Македонија донел околу 14 компании, главно од автомобилската индустрија. Но, досега, договор за конкретна соработка не е потпишан.
- Мојата работа е да донесам фирма што ќе преговара со институциите тука. За еден клиент да го донесам во Македонија ми требаа 19 месеци по првиот контакт. Во просек, ако знаеме дека еден бизнис циклус трае четири години, од првиот контакт минимум период е 1,5 година, рече Нелковски.
Еден промотор месечно државата ја чини, во просек, околу 2.000 евра или, како што рече Мизо, колку потсекретар во нашите конзуларни претставништва.
- Цената на чинење на еден промотор е во ранг на најнискиот дипломат во нашите дипломатски конзуларни претставништва во странство, на ниво на потсекретар. Од 2008 до 2010 година, како што се зголемуваше бројот на промоторите, растеше и буџетот за нив. Од друга страна, ако се гледа процесот, колку време е потребно еден промотор да стигне до компанија, да реализира посета, да ја заинтересира за Македонија, па потоа да дојде и да го разгледува моделот на инвестирање, не може толку директно да се направи споредба колку е вложено и колку е вратено. Но, ако се видат земјите каде што се тие лоцирани и се направи економска анализа колку некој може да преживее со таа плата, се гледа дека не е тоа директно пропорционално со цената на чинење или платите во Македонија, појасни Мизо.
На новинарско прашање како ја коментира оценката на државната ревизија дека парите за промоторите се трошат, но од тоа нема резултати, Мизо одговори: - Процесот на трошење на парите или користењето на средствата за ангажирање, работа на промоторите и остварените резултати, не соодветствуваат во еден временски период кој бил разгледуван од ваша страна или од страна на ревизорот.
Не е точно, подвлече, дека македонската Агенција за привлекување странски инвестиции има многу поголем буџет од ваквите агенции во регионот, а степенот на инвеститорите е најнизок.
- Агенцијата врши две активности во име на промоција на Македонија на странските пазари. Истовремено од нашиот буџет ја исплаќаме државната помош на компаниите во технолошко-индустриските развојни зони. Ако ги извадите тие две ставки, ќе видите дека нашиот буџет не е воопшто поголем од оние на агенциите во другите земји од регионот, нагласи Мизо.
На денешната средба, освен владини, присутни беа и претставници од бизнис заедницата по повод новите, дополнителни ингеренции на економските промотори - промовирање на извозот што треба да ги преземат од идната година. Стопанствениците директно информираа и изнесоа согледувања, на кој начин и како најдобро би можела да се користи мрежата на промоторите за зголемување на нивните извозни капацитети.
- Освен привлекување инвестиции, промоторите од 2011. треба да се фокусираат и на промовирање македонски производи. Дел од она што ќе го дефинираме денеска е и колкав временски период од нивниот ангажман треба да се посвети на едната или на другата активност. Притоа мора да се земе предвид дека во некои од земјите каде што има економски промотори, многу поголем интерес постои за привлекување инвестиции, а во други, многу е поголем интересот или можноста промоторите да помогнат за извоз на македонските производи, истакна Мизо, додавајќи дека сето ова ќе биде договорено со бизнис заедницата.
Целта на состанокот, додаде Пешевски, е поквалитетно да се дефинира работењето на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
- Како процес ова ќе продолжи зашто првпат Агенцијата се зафаќа со промоција на извозот. Ваков модел постои и во други држави. Сепак, секоја, зависно од структурата на нејзината економија и стратегија, одбира која нијанса на концепт ќе ја примени. Токму тоа е целта денеска - да дефинираме некоја од попрецизните нијанси во моделот и во континуитет да го прилагодуваме. Насоките ќе бидат кон зголемување на извозот на постојните компании на странските пазари, но и на изнаоѓање нови пазари или нови фирми кои ќе настапуваат надвор, односно да се зголеми бројот на извозни компании во Македонија зашто извозот е мерило за конкурентноста на една економија. Сите мерки што ги презема Владата се во таа насока, напомена Пешевски.
Моментно, вкупно 19 економски промотори од Македонија работат на привлекување странски инвестиции во повеќе земји. До средината на идниот месец на оваа функција треба да бидат испратени уште тројца, а согласно предвидувањата на Агенцијата, до крајот на 2011. бројката на економски промотори во странство треба да достигне 29.
За одредени земји како што е Северна Кореја тешко се наоѓаат кандидати од аспект на возраст, познавање јазик или образование воопшто. Засега ротирање на промоторите не се планира зашто евалуацијата се уште не е завршена.
Директорот на Агенцијата Мизо е најмногу задоволен од сработеното во Турција, Австрија, САД и Германија.