Футурама / Интернет & IT
„Гугл“ е најскап светски бренд
 Интернет пребарувачот „Гугл“ втора година по ред се најде на чело на листата на најмоќните светски брендови, со вредност која се проценува на 86,1 милијарда долари, објави „Фајненшел тајмс“.
Меѓу првите десет најмоќни брендови на листата на „Бренд З ТОП 100“, која ја составува агенцијата „Милворд Браун Оптимор“, водат технолошките фирми, кои заземаат шест места. Тука се и иконите на брзата храна - „Мек Доналдс“ и „Кока - Кола“.
Во првите десет фирми според пазарната вредност и понатаму е производителот на цигарите „Малборо“, наспроти силните кампањи против пушењето. Навистина, падна за четири места - од шестото на десеттото.
Вредноста на „ТОП 100“ брендовите во последнава година порасна за 21 отсто и вкупно достигна до 1,94 илјади милијарди долари. Иако листата е светска, на неа се наоѓаат фирми од само 16 земји. Повеќе од половината, 54 марки се од САД. Добро се држи и Кина, чија телекомуникациска компанија „Чајна мобајл“ се најде на петтото место.. Меѓу стоте највредни се уште и „Бенк оф Чајна“, „Чајна констракшн бенк“ и банката ИЦБЦ.
По првпат на листата се најде и источна Европа. На 89 место е рускиот мобилен оператор МТС, најголем во средна и источна Европа, со 83 милиони корисници.
Вредноста на брендовите најточно се утврдува според сумата која конкуренцијата е подготвена да ја плати за целата компанија. Таму каде ваквата споредба не е можна, се бараат поинакви методи. Истражувањето на „Бренд З“ пред се ја зема предвид вредноста на претпријатието според обемот на прометот и според тоа како таа марка ја вреднуваат потрошувачите. Меѓутоа, кога тие би одлучувале, на водечките места распоредот би бил сосем поинаков, покажа истражувањето. Би воделе марките кои претставуваат луксуз како што се „Луј Витон“, „Порше“, „Хермес“, „Гучи“ или „Картие“... Меѓутоа, изненадувачки би било на шестото место да се најде прашокот за перење „Тајд“.
На официјалната листа на „Бренд З ТОП 100“, на второ место се наоѓа „Џенерал електрик, чиј бренд вреди 71,4 милијарди долари, следи „Мајкрософт“ со 70,9 милијарди долари, „Кока-Кола“ со 58,2 милијарди долари, „Чајна мобајл“ со 57,2 милијарди долари, „Епл“ со 55,2, „Мек Доналдс“ со 79,5, „Нокиа“ со 44, и „Малборо“ со 37,3 милијарди долари.
|