Футурама / Интернет & IT
Збогум за маусите
Иако ова одамна се зборува, една од водечките истражувачки компании вели дека деновите на компјутерските мауси се изброени.
Аналитичарите предвидуваат дека во наредните три до пет години маусите ќе бидат заменети со компјутерски механизам за гестикулација, кои ќе функционираат на допир на екранот и на принцип за препознавање на лица.
Аналитичарот Стив Прентис, вели дека неговите претпоставки се базираат на иновациите на фирми за електронска опрема, кои создаваат нови производи со интерактивен интерфејс инспириран од игрите.
Многу од познатите компании како што се Панасоник, Сони и Канон веќе користат некои вакви опции, каде се употребува препознавање на лице и функционирање на производите без употреба на далечински управувач.
Компаниите кои произведуваат мауси не се согласуваат со оваа претпоставка. Тие сметаат дека маусот е многу важен дел од компјутерската опрема, со оглед на тоа што постојано имаат подобрување на перформансите.
Прашање е колку луѓето се подготвени да се откажат од користење на маусот, и да го заменат со нова технологија, каде ќе треба да ги движат рацете во воздух или пак да прават гестикулации со лицето за да ја направат потребната функција.
Прентис смета дека со оглед на широката употреба на направите како iPhone и Nintendo Wii, прилагодувањето нема да биде тешко, бидејќи тука се вклучени многу нови и подобрени опции кои се од голема корист.
Како и да е, тастатурата и маусот нема да можат лесно да се заменат, но со постепено воведување на овие иновации можеби ќе се постигне комплетна замена на маусот.
(Т.Ј)
|