
|
 |
Футурама / Наука
Древните Египќани биле болни и гладни
Новите докази за болно и сиромашно население кое работело во тешки услови се противречни на досегашните претстави за богатство и изобилство од уметничките записи за древниот египетски град Тел ел-Амарна. Тел ел-Амарна кратко време бил главен град на древен Египет за владеењето на фараонот Акхенатон, којшто се откажал од повеќето стари египетски богови во име на сончевиот круг Атон и вовел нов и поекспресивен стил во уметноста.
Акхенатон, кој владеел со Египет од 1379 до 1362 година пред новата ера го изградил и живеел во Тел ел-Амарна во централен Египет 15 години. Градот бил речиси целосно напуштен брзо по неговата смрт и со доаѓањето на познатото момче крал Тутанкамон на престолот.
Проучувањето на останките од обични древни Египќани на гробишта во Тел ел-Амарна покажа дека многумина од нив страдале од анемија, искршеници на коски, застој во развојот и голема стапка на смртност кај децата, велат професорите Бери Кемп и Џероум Роус, кои ја предводеа студијата.
Роуз, професор по антропологија на Универзитетот во Арканзас, САД, вели дека возрасните закопани на гробиштата најверојатно биле носени тука од други делови на Египет.
"Ова значи дека имаме период на немаштија во Египет пред изградбата на Амарна", изјави тој пред групата археолози и египтолози во Каиро.
"Можеби ситуацијата не била многу добра за просечниот Египќанец и можеби Акхенатон рекол дека работите мора да се подобрат", изјави тој.
Кемп, директор на проектот Амарна посветен на запознавање на јавноста со Тел ал-Амарна и околниот регион, вели дека малку внимание им се посветува на гробиштата на обичните древни Египќани.
"Откопани се многу мал број обични гробишта, и тоа само заради предметите, а многу малку внимание им се посветува на човечките останки", изјави тој.
"Идејата за анализа на човечките останки за проучување на општото здравје на населението е релативно нова".
Сликите во гробниците на благородниците покажуваат изобилство на понуди, но останките на обичните луѓе кажуваат друга приказна.
Роуз презентираше слики со поведи на 'рбетот кај тинејџери, настанати веројатно од несреќи при изградбата на градот.
Студијата покажала дека 74 отсто од децата и тинејџери имале анемија, и 44 отсто од возрасните. Просечната височина на мажите била 1,56 метри, а на жените - 1,53.
"Висината на возрасните се смета за показател за општиот стандард за живеење. Нискиот раст е показател за исхрана сиромашна со протеини. Луѓето не растеле со целосен потенцијал", вели Роуз.
Кемп изјави дека натамошните ископувања во Тел ал-Амарна ќе ги зацврснат заклучоците на неговиот тим.
"Сега имаме пореална слика за животот во тоа време. Тоа нема врска со намерите на Акхенатон, кој што може да бил добар и заштитнички наклонет кон својот народ", вели Кемп.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
МТnet WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|