Футурама / Наука
Пронајдена палатата на кралицата на Саба
 Археолозите претпоставуваат дека ја нашле палатата на кралицата на Саба во Аксум, Етиопија, и олтар на кој се чувало најскапоценото богатство на древниот јудаизам, Ковчегот на заветот, соопшти Универзитетот во Хамбург. Научниците од германскиот град дојдоа до ова ненадејно откритие во текот на пролетните ископувања на локалитетот во минатите три месеци.
Етиопската кралица му била жена на кралот Соломон од Израел во 10 век пред новата ера. Кралската двојка се една од позначајните личности во Библијата. Етиопската традиција кажува дека ковчегот, којшто го содржел камените плочи на кои биле напишани Десетте божји заповеди, бил пренесен во Етиопија од нивниот син Менелек и останал таму.
Од универзитетот велат дека научниците предводени од Хелмут Зигерт нашле останки од палатата во Аксум-Дунгур од 10 век пред новата ера под палатата на еден подоцнежен христијански крал. Тие утврдиле дека старата палата била урната и повторно изградена според поставеноста на sвездата Сириус.
Тимот претпоставува дека Меленек ја сменил религијата и станал поклоник на Сириус, но го сочувал ковчегот, којшто во Библијата е опишан како дрвен ковчег обложен со злато. Околу олтарот имало останки од јагниња кои биле принесувани како жртви.
Истражувањето во Аксум, кое почнало во 1999 година, треба да ги утврди корените на етиопската држава и Етиопската православна црква.
"Резултатите покажуваат дека Култот на Сотис се појавил во Етиопија со појавата на јудаизмот и Ковчегот на заветот, и траел од 600 година во новата ера". Сотис е древното грчко име на sвездата Сириус.
Тимот археолози вели дека доказ за ова се симболите на Сириус на локалитетот, останките од принесувани жртви и поставеноста на светите градби кон највисоката точка на Сириус, најблескавата sвезда на небото.
|