Футурама / Наука
Ќе биде како во Сахара
 Не очекува долго, многу спарно и сушно лето. Ова е најкус одговор на прашањето кое овие денови ги мачи многу жители на Србија. Под температури над 30 степени, многу се надеваа дека прогнозите од метеоролозите ќе им донесат утеха. Меѓутоа, прогнозите и краткорочно и долгорочно гледано се - врели.
Експертите најавуваат дека сонцето ќе биде немилосрдно, а дека ова лето ќе биде меѓу десетте најтопли на северната хемисфера од кога се води евиденција за времето.
- Сите големи светски метеоролошки центри ги истакнаа прогнозите според кои летото ќе биде врело, а годинава ќе биде меѓу рекордните по висина на температурата, потврдува метеорологот Верица Гбурчиќ.
- Зрачењето исто така ќе биде силно, па предупредуваме дека ултравиолетовите зраци ќе бидат најизразени токму во месец јули. Тогаш заштитата е апсолутно неопходна, од очила за сонце и капи со голем обод, до светли ткаенини кои ќе ја покриваат кожата. Исто така е потребно да се користат креми со најсилен заштитен фактор. Светската здравствена организација ги предупреди владите на сите земји на неопходноста од мерките за заштита.

Гбурчиќ потсетува и на тоа дека најсилните индекси на зрачење во јули се независни од температурата на воздухот. Тие зависат од положбата на сонцето, па така и евентуално пониските температури не подразбираат помала загрозеност од изложувањето на сончевите зраци.
Веќе во текот на следната недела ќе биде многу жешко. Според најавата од Бранко Спаравало од „Метеос“ и понатаму не очекува сончево и многу топло време со температури над 30 степени. Најтопло би требало да биде во четврток, во јужна Србија, кога се очекува температурата да се искачи до 37 степен.
- Помало освежување и врнежи на поширокото подрачје се очекуваат кон крајот на неделата, во петок и сабота, најавува Спаравало.
- Ова ќе биде со краток интензитет и веќе во недела и понеделник сонцето и топлото време се враќа. Ново минливо и краткотрајно освежување е можно во вторник и среда со температури кои ќе бидат пониски за некој степен, со понекаде можни врнежи од дожд, но во втората половина од неделата повторно не очекуваат летни горештини.
Количината врнежи во текот на следните седум дена ќе биде незначителна и во интервал од 0 до 10 литри по квадратен метар.

- Што се однесува до летото кое е пред нас, тоа очигледно ќе биде многу топло - додава Спаравало. - Меѓутоа, прогнозите за период подолг од еден месец секогаш треба да се земат со резерва, бидејќи не се сеуште веројатни. Сепак предвидувањата од неколку светски центри кои се занимаваат со истражување од оваа област, со експерименталните прогнози за период подолг од еден месец, укажуваат дека ова лето ќе биде потопло од просекот. Ова посебно го најавуваат за јули.
Ако им се верува на светските метеоролошки експерти, основната одредница за годишното време кое токму започнува ќе биде сушно време.
- Количината на врнежите треба да биде помала од просечната - додава Спаравало. - Значи пред нас очигледно е многу сушно лето.
Ако постои и добра вест за оваа „врела“ приказна, тогаш тоа е претпоставката на метеоролозите дека оваа година нема да бидат надминати апсолутните поединечни рекорди измерени лани, кога во Белград имаше повеќе од 43 степени, а во Смедеревска Паланка дури 44,9 степени.
РЕКОРДИ
 Најпрецизна статистика за температурните рекорди се води за Белград, па така најтопло лето во Белград имаше во 2003 година со средна температура од 24,5 степени, додека просекот е 21,4 степени. Најтопол месец воопшто е август во 1992 година со просек од 24,8 степени, додека најтопол јуни месец имало во 2003 година со 24,8 степени. Единствен податок кој е врзан за малку подалечното минато е рекордната просечна јулска температура измерена во 1928 година која изнесувала 26 степени, но минатата година овој рекорд е надминат со 25,7 степени.
ЌЕ ЗОВРЈИАТ И МОРИЊАТА
 Во сезоната на летување треба да се знае дека индексите на зрачење во земјите кои се најчести дестинации на туристите - се уште пожешки. Според Верица Гбурчиќ, зрачењето расте со намалувањето на географската ширина, па така во текот на летото заштитата ќе биде уште поважна во Грција, Турција, Шпанија, Египет и Тунис.
Температурите во текот на летото во овие земји ќе бидат многу високи и над просекот за ова време од годината.
КАКО НАЈЛЕСНО ДА СЕ ПОДНЕСАТ ГОЛЕМИТЕ ЖЕШТИНИ, ШТО ПОВЕЌЕ ТЕЧНОСТИ И ПОМАЛ ЗАМОР
 За успешно справување со високите температури, лекарите ги советуваат граѓаните да се придржуваат кон упатствата за начинот на исхрана, пиење течности, вода и пијалаци, заштита од надворешното влијание во работниот и домашниот простор, а посебно кога сме на отворено... Еве ја и листата на „златните“ правила кои одговараат на прашањата како најлесно да се поднесат големите жештини:
1. Неопходно е повеќе да се одмараат оние кои спаѓаат во т.н. чувствителна популација - децата, младината, бремените жени, доилките, заболените од хронични болести, реконвалесцентните, сите кои се бават со тешки физички работи и кои работат на отворено.
2. Се препорачуваат редовни оброци - обврзно појадок, лесен ручек и вечера и две дневни ужини.
3. Согласно полот, возраста, физичката активност и видот на работата, во текот на денот треба да се конзумира леб во количина од 4 до 7 кришки со средна големина.
4. Неопходно е конзумирање млеко или млечни производи со низок процент на млечна маст, термички добро подготвено месо - пилешко, ќурешко, риба, јунешко, телешко, само варено, динстано или на скара. Исто така дневно околу пола килограм убаво измиено овошје како претпладневна или попладневна ужинка.
5. Исклучително е важно да се пие многу течност. Возрасните здрави лица треба да пијат од 8 до 10 чаши вода на ден, а тие кои се занимаваат со физичка активност на ова треба да дополнат од една до три чаши вода за секој час активност.
6. Добар избор се и млекото и овошните сокови, а истовремено треба да се намалат кофеинските и алкохолните пијалаци, бидејќи дејствуваат како диуретици, т.е. условуваат дополнителна загуба на течности.
7. Доколку се користи минерална вода во шише, се препорачува негазирана и умерено ладна. Течностите треба да се внесуваат постепено, голтка по голтка.
8. На лицата постари од 65 години се советува често да пијат течности без оглед на тоа дали се жедни, бидејќи организмот кај постарите луѓе има намалени резерви на вода поради намаленото чувство на жед.
 9. Заштита од надворешните влијанија во местото каде подолго време се престојува, подразбира редовно одржување на личната хигиена - туширање, капење со млака вода пред заминување на спиење, по пристигнувањето од работа, од град, место за рекреација, секојдневно одржување хигиена на гениталиите, пазувите, нозете, лицето и миење на забите.
10. Се препорачува редовно проветрување на просториите, употреба на завеси на прозорците, подесување на клима-уредите, разликата во температурата меѓу надворешната средина и средината во која се престојува да не биде поголема од 7 до 10 степени.
11. На отворено на граѓаните се препорачува да носат облека од природен материјал, удобни чевли, да се заштитат со шешир или баретка, да се разладуваат со лепези или да ја заштитат кожата со соодветни козметички препарати, посебно меѓу 11 и 16 часот.
12. Не треба да се претерува со физички напор, вежбање и долго одење, а на спиење треба да се оди пред полноќ.
(Вечерње Новости)
|