Футурама / Наука
Jубилеј на тероијата за еволуцијата
Во почетокот на јули 1858 година, на состанокот на биолошкото друштво Линеан во Лондон, прочитан е трудот на Чарлс Дарвин во кој за прв пат е изложена теорија за природната селекција како и клучниот механизам на еволуцијата кај растителниот и животинскиот свет. - Радикално раскинување со дотогаш доминантната теорија дека човекот и целиот растителен и животински свет ги создал Господ

Пред 150 години на 1 јули 1858 година во Лондон за прв пат е изнесена научната идеја која долго беше контроверзна, посебно во црковните кругови - теоријата за еволуцијата на растителниот и животински свет, која британскиот научник Чарлс Дарвин ја обработил во своето дело „За потеклото на видовите“ (Тhe Origin of Species).
Тој ден, на состанокот на биoлошкото друштво Линеан, во Лондон прочитан е трудот на Дарвин во кој за прв пат била изложена теорија, според која, сите растителни и животински видови настанале по еволутивен пат и природна селекција од еден заеднички предок.
Веќе во 30-тата деценија од минатиот век, Дарвиновата теорија стана општо прифатена во научните кругови затоа што со неа е дадено единствено, можно и логично објаснување за разновидноста и богатството на животот.
Идејата дека растителните и животинските видови се создаваат и исчезнуваат по пат на природна селекција - така што преживуваат тие кои се во состојба да се прилагодат на средината - претставувало радикално раскинување со до тогаш доминантното сваќање дека човекот и целиот растителен и животински свет, токму како што ни се познати денес, ги создал Господ.
Кога пред 150 години теоријата на Дарвин за прв пат била изложена, малкумина во тој момент забележале колку е таа револуционерна.
Професорот по генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Стив Џонсон по тој повод, во едно интервју за британската телевизија Би-Би-Си објасни дека Дарвин работел на идејата за еволуција или како што тој ја нарече „наследување со промени“, подолго од 20 години.
- Имаше намера да напише огромна книга во која оваа теорија би ја разработил до најситните детали, а тогаш ненадејно добил писмо од човек кого воопшто не го познавал - од научникот Алфред Расел Волас, кој живеел на Далечниот Исток. Волас јасно ги изнел сосема истите идеи кои ги замислил Дарвин! Дарвин бил очаен. Во писмо кој во тоа време го испратил на еден пријател се пожалил дека е „уништена оригиналноста“ на неговата идеја, вели професорот Џонс.
- Многу научници денес би побрзале оваа теорија да ја објават под свое име. Но, Дарвин бил вистински господин - признал дека Волас има исти идеи како него, па тие двајца зедно го напишале трудот кој пред 150 години за прв пат бил прочитан во Лондон, додава тој.
Во првиот момент никој од друштвото Линеан не се возбудил премногу. Дури година и половина подоцна, кога Дарвин ја објавил книгата „За потеклото на видовите“, на сите им станало јасно колку неговата теорија била значајна.
Професорот Џонс истакнува дека често се случува луѓето веднаш да не можат да го препознаат моментот во кој се создава историјата, па така било и со Дарвиновото дело кое постепено придобиваше се повеќе истомисленици.
За изминатиот век и половина од состанокот во Лондон, пронајдени се неброени докази кои ја потврдуваат научната теорија на Дарвин. Сепак и ден денес се наоѓа по некој да ја негира - главно од верските средини, тврдејќи како целиот растителен и животински свет и човекот, се создадени од Бога, а не по пат на еволуција.
Меѓутоа, според мислењето на професорот Џонс, теоријата за еволуција и верското убедување не се во спротивност една на друга. На југот во Англија тој истражува зошто за последните 20 години во овој регион се зголемил бројот на полжавите со определени орнаменти на нивната лушпа.
- Убеден сум дека е тоа поради глобалното затоплување, на кое лесно се прилагодуваат полжавите со вакви орнаменти, вели професор Џонс.
Ако успее да докаже дека навистина е така, ова секако ќе биде уште еден доказ за вистинитоста на теоријата на Дарвин за природната селекција и еволуцијата.
(Танјуг - Белград)
|