Футурама / Наука
Во светот расте бројот на левораките луѓе
Околу 12 отсто жители пишуваат со лева рака. Левораките луѓе се во состојба побргу да размислуваат кога играат компјутерски игри или се занимаваат со некој спорт. Меѓу левораките се Да Винчи, Микеланџело, Бетовен, Бах, Чаплин, Цезар, Александар Македонски, Наполеон, Ајнштајн...
Експертите тврдат дека во последните 100 години бројот на левораките луѓе речиси двојно е зголемен и се смета дека околу 12 отсто од населението денес пишува со лева рака.
За среќа никој не се обидува да ги натера да пишуваат со десна рака, туку се обидуваат да разберат како изгледа да се живее во светот на „деснораките“, а некогаш анатемисани како невешти сите луѓе кои пишуваат и повеќето работи ги вршат со левата рака за свој ден го одбележуваат 13 август.
Научниците се обидуваат да ги утврдат причините за оваа појава, ги испитуваат психолошките карактеристики, функционирањето на мозокот и моториката на левораките луѓе, додека од друга страна, пазарот настојува од се да профитира и во последно време се произведуваат ножици и многу други инструменти за левораки.
Во забавните текстови во многу списанија се наведуваат славни личности кои се левораки. Обично тој список започнува со Леонардо да Винчи, Микеланџело, Бетовен, Бах, Чарли Чаплин, Пол Макартни или војсководителите Цезар, Александар Македонски, Наполеон, а кој ги сака научниците секако ги наведува Ајнштајн или Максвел.
Прашувајќи се како настанала толку голема разлика во корист на деснораките, научниците се обидувале да најдат одговор споредувајќи ги истражувањата направени врз животни, но и на различни податоци за бројот на левораките луѓе, зависно од земјата во која се родиле и пораснале.
Интересни се истражувањата кај животните, посебно на папагалите, од кои околу 60 отсто од нив кога јадат го користат десното ноџе, а 40 отсто левото.
Слични резултати се откриени во следењето на однесувањето кај глувците и кокошките.
Експертите утврдиле дека левораки мажи се 8 отсто, а жени околу 6 отсто од англосаксонското подрачје, левораки Јапонци се малку повеќе од 4 отсто, а околу 2 отсто Јапонки, додека на пример, само 1,5 отсто Кинези пишуваат и јадат со лева рака.
Очигледно дека леворакоста-десноракоста не се сведува само на моториката на дланката и функционирањето на мозокот, туку во прашање се и традицијата, верувањата, воспитните мерки.
Обично се поставува прашањето која е причината за леворакост, но научниците немаат единствен одговор на ова прашање.
Експертите сметаат дека леворакоста-десноракоста се определува уште во пренаталниот период, бидејќи се знае дека ако во семејствата кои имаат барем еден леворак родител, 10 до 12 пати често се раѓаат левораки деца.
Децата многу рано ја покажуваат својата определеност дали се деснораки или левораки, но има и случаи оваа појава кај некои деца да се воочи подоцна, меѓутоа многу ретко по четвртата година, односно петтата година. Меѓутоа, повеќето животни активности се обавуваат со користење на двете раце, но обично едната рака го придржува предметот, а другата прецизно и вешто ги обавува определените активности.
Во играта и животот, обрнувајќи внимание на детето, може да се провери со која рака детето црта, ја држи четката за заби, со која рака се чешла, дели карти, игра со топка, става коцки, прави кула, го тркала автомобилчето, ја облекува куклата, брише со гумичка, која рака ја става прва во ракавот кога се облекува...
Ако детето во девет од десет вакви ситуации ја користи левата рака, може да се претпостави дека е ловорако.
Има деца и возрасни кои рамномерно ги користат двете раце, па може да се случи некоја активност да ја работат се едната, а друга активност со другата рака.
 Доколку е потребно, соодветно тестирање може да се направи кај специјалист, бидејќи е познато дека човечкиот мозок има две половини кои не се идентични.
Ако е поразвиена левата половина на мозокот, лицето е деснорако, а ако е развиена десната страна на мозокот тогаш лицето е леворако.
Нашите половини на мозокот се одговорни не само за спротивните страни на телото, туку и за карактерот на нашите активности.
Левата половина на мозокот ги обработува информациите, систематично и постепено, а благодарение на левата половина ние ја разбираме смислата на зборовите, апстрактните поими, способни сме да го класифицираме светот кој не опкружува, да ги планираме своите активности вклучувајќи ги фактите и логичкото расудување.
Затоа често ни се чини дека деснораките заклучуваат црно-бело, логично и рационално, организирани се, завршуваат една обврска и преминуваат на следна, прво планираат па потоа реагираат, тешко им е да ги сменат одлуките.
Десната половина на мозокот информациите ги обработува интуитивно, моментално, со многу емоции, креативно.
„Обичниот“ човек нема проблеми кога треба да определи која му е десна рака, додека за леворакиот тоа не е едноставно.
Тешкотиите во просторната ориентација во животот и на хартија се честа одлика на левораките.
Веројатноста да се појави пишување како во огледало е над 80 отсто кај левораките деца на возраст од 5 до 7 години, при што познато е дека Леонардо да Винчи пишувал како во огледалото од лево кон десно.
Експертите ги советуваат возрасните дека не треба да истакнуваат посебен однос и притисок кон леворакоста, бидејќи тоа може сериозно да го загрози здравјето на детето, обично во вакви ситуации најбргу се воочува почеток на пелтечење кај детето.
Водечката рака природно се определува до четвртата година, односно петтата година и при тоа е потребно внимателно следење на детото кое е леворако - воочување на промени на расположението, препознавање на причините за радост или тага кај детето, разбирање на неговите проблеми.
Левораките се темпераментни, нестрпливи и често работат, не помислуваат на потреба за менување на активност и тешко издржуваат присила.
Левораките луѓе се во состојба да размислуваат побрзо, кога на пример, играат компјутерски игри или се занимаваат со некој спорт, а кај нив исто така побргу се воспоставува врска меѓу левата и десната мозочна хемисфера, утврдиле австралиски научници.
Следствено на тоа, тестовите спроведени на 80 отсто деснораки луѓе, покажале дека постои силна корелација меѓу брзината на преносот на информациите од левата на десната мозочна хемисфера и обратно и брзината на препознавањето на соодветните букви.
Меѓутоа, кога во тестот биле вклучени 20 левораки доброволци констатирано е дека тие биле побрзи во обработката на информациите во двете мозочни хемисфери.
Лицата кои исклучително ја користеле левата рака биле за 43 милисекунди побрзи во препознавањето на буквите во левото и десното видно поле од деснораките.
Научниците констатирале дека луѓето ги користат двете мозочни хемисфери за многу брзи или многу тешки задачи, кои бараат интерпретација на истовремено многу информации, како на пример компјутерските игри, возење на автомобил кога сообраќајот е густ или во текот на играње на некој спорт.
|