
|
 |
Футурама / Планета
Успешната мисија на Касини доби продолжувањe
Вселенското летало Касини успешно помина пат од седум години до Сатурн, по неговото лансирање на 15 октомври 1997, и четири години истражување на гасовитата планета и нејзиниот систем, по пристигнувањето до неа во јуни 2004.
Испратените податоци од сондата во овие изминати години беа вистинско богатство за планетарните научници, проучувајќи ја втората најголема планета во Сончевиот систем, нејзините прстени и сателити. Токму поради успешноста на Касини, мисијата доби и продолжување за барем уште две години.
„Ваквата вест не претставува голема радост само за научната заедница, туку и за светот кој продолжува да ги споделува неотклучените тајни на гасовитиот џин. Новите откритија, заедно со огромниот број на извонредни фотографии, кои беа испратени на Земјата, се едноставно неверојатни и претставуваат преседан сами по себе, па токму затоа сметавме дека оваа мисија заслужува да биде продолжена“, изјави Џим Грин, директор на Планетарната научна дивизија на НАСА за мисијата Касини.
Продолжувањето на планираната четиригодишна мисија, која истекуваше на крајот на јули годинава, беше одлучено по неколку успешни тестови и речиси беспрекорна оперативна состојба на леталото до денес. Три од вкупно дванаесетте инструменти на леталото имаат претрпено мали откажувања, но количеството на податоци кои леталото сè уште е способно да ги собира и испраќа е огромно според стандардите за вселенските летала.
Касини до сега има направено вкупно 62 орбити околу Сатурн и 55 прелетувања покрај неговите месечини, од кои дури 43 беа посветени на Титан - најголемиот и најинтересниот сателит на Сатурн. Касини неодамна направи и многу блиско прелетување покрај сателитот Енцелад, за да ги проучува гејзерите од воден мраз, кои исфрлаат материјал на растојанија трипати поголеми од неговиот дијаметар од 500 km.
Во двегодишното продолжување на мисијата, леталото ќе направи уште 60 орбити околу планетата, 26 прелетувања покрај Титан, 7 прелетувања покрај Енцелад и по едно прелетување покрај Диона, Реа и Хелена. Неодамнешното прелетување покрај Енцелад беше на растојание од само 50 km од неговата површина, а во иднина можеби тоа ќе биде и уште поблиску, односно околу 25 km.
Според перформансите и достигнувањата на леталото во изминатиов период, можеме само да очекуваме уште две извонредни дополнителни години и фантастични фотографии, кои Касини ќе ни ги испраќа на Земјата за анализирање и восхитување. Доколку ова двегодишно продолжување на мисијата заврши успешно, НАСА предвидува дека Касини ќе има доволно сила и за трета фаза, т.е. мисија која ќе се сконцентрира на подетално истражување на Титан и Енцелад.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|