Футурама / Планета
Меркур се собира
Најмалата планета во соларниот систем се смалува, покажа анализата на податоците кои леталото „Месинџер“ ги донесе од последната мисија на Меркур во јануари годинава.

„Месинџер“, кој пред четири години го започна своето патешествие кон Маркур даде нови докази дека планетата која се наоѓа најблиску до Сонцето постепено се собира.
Научниците од НАСА објавија нови фотографии од површината на планетата кои укажуваат на драстични промени на површината. Според научниците намалувањето на планетата е последица на постепеното ладење на нејзиното јадро и досега има изгубено околу 4 километри во дијаметар.
„Месинџер“ откри дека просецот на ладење се одвива многу побрзо отколку што досега се сметало. Последните фотографии покажуваат дека бурните вулкански ерупции имале важна улога во оформувањето на површината на планетата.
Леталото, кое успеа да направи снимки само од една петтина од површината на Меркур, открива уште една мистерија која се однесува на магнетното поле на планетата. Досега научниците не беа сигурни дали магнетната активност доаѓа од јадрото на планетата, како што е случајот со Земјата, или пак е последица на големата количество на елементот железо кој се однесува како голем магнет, како кај Месечината.
Мисијата на Месинџер откри дека Меркур е сличен на Земјата, па оттука научниците се надеваат дека оваа планета ќе им помогне да ја одгатнат историјата и еволуцискиот развој на нашата планета.
(Д.Т)
|