Судир на две планети?!
Сцените од научно-фантастичните филмови сепак не се далеку од реалноста, тврдат американските научници кои откриле дека и во зрелите планетарни системи може да дојде со судир на две планети.

Ваквите тврдења научниците ги поткрепуваат со новите докази за судир на две планети кои кружат околу една ѕвезда од соѕвездието Овен, кое се наоѓа на 300 светлосни години од Земјата.
„Тоа е како на пример да се судрат Земјата и Венера. Астрономите досега не виделе нешто слично. Се чини дека катастрофалните судири можат да се случат и во планетарните системи кои се потполно зрели“, изјави Бенџамин Зукерман, професор по физика и астрономија на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.

Целото откритие, кое е дело на научниците од Калифорнискиот универзитет, Калифорнискиот технолошки институт во Пасадина и на државниот универзитет во Тенеси подетално ќе биде објаснето во следното издание на магазинот „Astrophysical Journal".
Научниците забележале и необична количина на прашина во орбитата околу ѕвездата „BD+20 307“, што, како што тврдат, може да биде резултат само на судир на две планети.
|