Мобилен за глуви
 Научниците од универзитетот во Вашингтон развиле софтвер кој ќе им овозможи на глувите и на лицата со оштетен слух да комуницираат со помош на евтини мобилни телефони.
Глувите и наглувите во САД за сега не можат да комуницираат преку мобилен телефон со помош на јазикот со знаци бидејќи мрежата не овозможува доволен брз пренос на податоци, а и самите телефони немаат доволен капацитет за обработка на податоците.
„Брзите мрежи веќе можат да се најдат насекаде, но тие се поскапи. Сметаме дека лицата кои се глуви не треба да плаќаат повеќе за мобилен телефон“, изјави Ана Кавендер, учесничка во проектот „Mobile ASL“.
Тимот научници од Вашингтон пронашле нов начин на компресија на видео содржина, односно намалување на големината. Со новиот софтвер би требало да се постигне непречена комуникација, без притоа сликата да изгуби на квалитет, што е особено важно за комуникацијата со помош на знаци.

Со оглед на фактот што соговорниците, како што покажаа истражувањата, се гледаат в очи за време на комуникацијата со знаци, фокусот на сликата ќе биде на лицето. Позадината на снимката ќе биде со послаб квалитет.
Истражувачите во моментов се обидуваат да развијат систем кој ќе препознае кога луѓето ги движат рацете, со се цел да се намали потрошувачката на батеријата и за да се искористи капацитетот на обработка на податоци кога комуникацијата не е во тек.

Новиот телефон наменет за овие лица со посебни потреби ќе мора да има камера и екран на истата страна на апаратот со цел корисниците да можат истовремено да снимаат и да гледаат.
Американската државната фондација за науки го поддржа проектот, на кој во 1009 година ќе работат 20 научници.
Услугата нема да биде достапна за широка употреба, се додека не се склучи договор со произведувачите на телефони. Претставниците од универзитетот во Вашингтон веќе преговарале со компанија која се занимава со мрежа за мобилни телефони и која пројавила интерес за проектот.
За видео повиците потребна е мрежа од третата генерација.
|