Ќе излеземе на сцена и ќе „здрвиме“ во наш стил

По пауза од седум години, пред публиката повторно ќе засвири најдобриот македонски хеви-метал бенд Санаториум. На 11 јуни во рамките на моторџискиот фестивал што го организира Mото-клубот „Ноќни волци“, групата ќе има концерт на скопско Кале. На сцената ќе се појават Горан Станковиќ Црни (бас), Перо Стефановски Шпирт (гитара и вокал), Горан Атанасов Глупсон (тапани) и Бобан Василевски (гитара), а ова интервју го правиме со Црни...

Што се случуваше со бендот во овие седум години? Имавте ли план за враќање?

Постоеја разни планови и разговори, но во основа групата стагнираше цело време, затоа што немавме конкретна понуда, на нивото што го заслужува Санаториум. Тука не зборувам за хонорари, туку пред се’ за квалитетни услови за добар настап: озвучување, бина, светло... Со текот на времето малку и замре таа иницијатива за повторен настап на бендот, но сега, благодарение на “ Ноќните волци ” повторно е даден импулс и жестоко вежбаме за да ја оправдаме шансата. Верувам дека на 11 јуни ќе направиме супер свирка.

Малку е познато дека групата има демо материјал за цел албум, кој исто така чека вистинска можност. Дали нешто од тоа ќе изведете на концертот?

Не, се определивме во настап од околу 90 минути да се потсетиме на старите песни. Целта, исто така, ни е помладите генерации, кои слушнале за името и можеби некоја нумера од носач на звук, да го доживеат Санаториум во живо и да видат како изгледа тоа. Инаку, точно е дека имаме демо материјал за албум, односно 11 песни, кои мислам дека се одлични, па ако се најде некој што ќе не’ поддржи, ние сигурно би сакале да ги ставиме на цеде, иако денес е големо прашање дали да се издава албум во Македонија. За жал, условите се такви.

Ти имаш редовно клупски свирки со Бени и Нон стоп, и ја одржуваш кондицијата, но другите членови не се музички активни. Во каква форма е бендот на првите проби?

Изненадувачки добра, далеку над моите очекувања. Бев прилично несигурен што ќе се случи кога почнавме да свириме, дури и за себе. Иако настапувам скоро секоја вечер, тоа не е исто како за Санаториум. Голема е разликата и од музички аспект и во стилот на свирење. За другите беше стравот поголем, но на првата проба сите бевме ТОП, што многу пријатно ме изненади. Како што поминува времето , сме се’ поуиграни, така што на концертот ќе функционираме како хеви-метал машина (се смее). Едвај чекаме да излеземе на сцена и да „здрвиме“ во наш стил.

Каква публика очекувате да ви дојде?

Комбинацијата на моторџиски фестивал и Санаториум е многу соодветна. Верувам дека на луѓето што ќе бидат таму ќе им се допадне тоа што ќе го покажеме. Ние почнавме пред 24 години, така што тогашните фанови денес веќе имаат деца кои се стасани за одење на концерти. За среќа, метал публиката отсекогаш била таква, што гласот за некој бенд бргу оди од човек на човек и за кусо време се создава интересот. Ние никогаш не сме имале професионално менаџирање или некој што ќе ни помага отстрана. Уште од почетокот сами си ги организиравме концертите, закупувавме сали, обезбедувавме опрема, правевме каков-таков маркетинг... Релативно бргу се создаде приврзана публика, која присуствуваше на секој настап. Верувам дека добар дел од нив ќе дојдат и сега, а сигурно ќе има и некои млади металци коишто сакаат да слушнат дали се точни старите приказни за бендот.

А, како почнува приказната за бендот?

Во 1987 година, кога бевме средношколци, јас и Горан Атанасов Глупсон учевме заедно, а во близина имаше хеви-метал фан клуб, каде одевме скоро секој ден. Таму ги запознавме Перо Стефановски Шпирт, Миле Бурсаќ (првиот пејач на Санаториум, а денес сопственик на кафулето „Браво“) и Антонио Роб. Првата свирка ни беше во гимназијата „Орце Николов“ и во тој состав функциониравме до 1990 година кога заминаа Миле и Антонио, а дојде Константин Качев. Тоа е составот што публиката најдобро го знае.

Сепак, Коста нема да биде на концертот на Кале?

Не, меѓутоа од оправдани причини. Тој е академски сликар и токму во тие денови отвора изложба во Берлин, така што мораше да биде таму. На неговото место ќе свири Бобан Василевски од “ Нон стоп ” , за кој сум сигурен дека одлично ќе го замени, а Коста кога ќе се врати би можел да ни се придружи.

Во кој момент, на почетокот од кариерата, сфативте дека Санаториум e бенд кој публиката го прифаќа?

Во 1990 година направивме концерт, иако имавме само седум или осум песни,и тоа, сите снимени во демо верзија. Како што реков претходно, самите организиравме се’ - од сопствениот џепарлак ги плативме трошоците за свирката, позајмивме опрема од каде што можеше да се позајми, другото го изнајмивме... Вложивме голем труд, работевме со многу ентузијазам, и за среќа, салата во МКЦ беше преполна. Тоа ги надмина сите наши очекувања, а ние сфативме дека тоа што го работиме им се допаѓа на луѓето.

Колку нови металци има денес? Ја сакаат ли децата таа музика, ја свират ли како некогаш?

Апсолутно. Мислам дека луѓето ќе се изненадат колку добри млади бендови има во Македонија, но за жал, влезени се во длабок андерграунд и не добиваат вистински третман од медиумите. Никогаш не било лесно да се биде металец за овие простори. Кога ние се појавивме, тоа беше доживеано како катастрофа: долги коси, црна облека, обетки, тетоважи, треш-метал музика... Не’ доживуваа како опасност за младите. Но, со нашата упорност се изборивме за простор, да излеземе на телевизија, да снимиме албум, да организираме концерти. Денешниве групи се попасивни, повлечени, не се трудат доволно да се покажат, иако имаат квалитетна музика и одлично свират. Сигурен сум дека некои од нив да ги слушне неупатен љубител на музиката редовно би им доаѓал на свирките.

Колку се разликува животот на рокерите во 80-тите и 90-тите од она што е денес?

Тогаш се живееше токму рокерски. Немавме компјутери и интернет, па моравме да излегуваме надвор за да се гледаме со другарите и да комуницираме. Тоа влијаеше и на музиката, која според мене, имаше повеќе енергија.

Како е да се живее ноќе? Каков ти е ритамот на живот со ноќните свирки?

Ритамот е пеколен, но таква е ситуацијата, бидејќи јас живеам од музика. Петнаесет години бев и редовно вработен во трговска фирма, што значи наутро одев на на работа, се враќав, вечерта следуваше свирка до три или четири часот, од каде доаѓав дома да спијам час-два, и повторно на работа, па пак истиот круг. Денес е малку полесно затоа што дадов отказ во фирмата и сега се занимавам само со музиката и со свирење. Тешко е, но одговорноста како семеен човек и татко е голема. Ме радува што секаде каде ќе се појавиме со Бени и Нон стоп е полно, луѓето се задоволни, доаѓаат повторно, и така е низ цела Македонија. Целата своја енергија ја вложуваме во тие концерти, што публиката го чувствува и ни враќа со голема приврзаност.



Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...