Здравје / Исхрана
Исхраната и шеќерот

Се наоѓаме во период од човечкиот развој кога многу болести се актуелни и земаат сé поголем замав, а човекот станува сé повеќе свесен дека треба итно да преземе мерки за да го зачува своето здравје. Како резултат на нашите “современи” навики на живеење и длабоко вкоренети хронични биолошки дегенерации, може да се констатира дека модерната цивилизација се наоѓа пред нови предизвици за зачувување на своето здравје.
По многубројните научни испитувања, констатирано е дека неправилниот начин на исхрана е еден од примарните фактори за појава на разни облици на дегенеративни заболувања, а меѓу нив е и шеќерната болест.
Шеќерната болест или дијабетес (diabetes mellitus) претставува преголемо количество шеќер во крвта. До ова заболување доаѓа кога панкреасот (жлезда со надворешно лачење - лачи ензими што го помагаат варењето на храна и со внатрешно лачење - лачи хормони што ги регулираат метаболитичките процеси) или не произведува инсулин (хормон што ги поттикнува клетките да го апсорбираат шеќерот и да го метаболизираат), го произведува недоволно или произведениот инсулин е неефикасен.
Во случај кога инсулинот не може да дејствува на глукозата, шеќерот во крвта абнормално расте, предизвикувајќи многу нарушувања: обилно мокрење и жед, слабост, замор, оштетување на кардиоваскуларниот систем (срцето и крвните садови) и бубрезите, претерано консумирање храна, комбинирано со губење на телесната тежина. Пациентот може да страда и од зголемена подложност на инфекции, особено на уринарниот тракт. За жените болни од дијабетес е вообичаено почесто да заболуваат од габични инфекции на вагината. Меѓу долготрајните компликации е гангрената на стопалата (која може да доведе до ампутација), како и зголемен ризик од инфаркт, мозочен удар, слепило...
Постојат два основни облици на дијабетес. Посериозниот, но поредок облик од типот 1 се појавува кај деца и понекогаш кај млади, обично прд 35-та година. Бидејќи клетките на панкреасот што лачат инуслин постепено се уништуваат, пациентите со типот 1 дијабетес мора да примаат инсулински инјекции. Од тие причини дијабетесот од типот 1 е познат како инсулин зависен или јувенилен дијабетес.
Дијабетесот од типот 2 речиси секогаш се појавува по 40-тата година. Обично луѓето со овој тип дијабетес имаат доволно инсулин, но клетките се отпорни на неговото дејство. Овој тип дијабетес уште се нарекува инсулин независен или дијабетес на возрасните и на него отпаѓаат 90% од заболените од дијабетес.
Создавањето на дијабетесот е сложен процес и според најновите сознанија, човекот се раѓа со склоност кон дијабетес, а под влијание на неправилниот начин на исхрана и стресот се појавуваат комплетните симптоми на болеста.
Дали Ви е позната поврзаноста на исхраната со дијабетесот?
За манифестација на дијабетесот се потребни неколку години. Во текот на критичната фаза, изборот на исхраната може да помогне во избегнувањето на генетичките предиспозиции. Повеќето испитувања поврзани со исхраната се насочени кон запирање на процесот на инсулинската резистенција.
За да можеме да укажеме на начинот на превенција од појава на дијабетесот, први ќе укажеме на причинителите.
Цивилизацијата “воведе” начин на исхрана, кој изобилува со многу масти и рафинирани производи - преработени житарки, шеќер (кој потоа се користи како засладувач за многу колачи и торти)... Кога тој шеќер (брзоослободувачки) ќе се внесе во организмот, многу брзо се ресорбира и концентрацијата на глукозаата во крвта се зголемува, поради што панкреасот мора да лачи поголеми количества инсулин. Ако не се искористи шеќерот како енергетски извор, се депонира во облик на масти. Најчесто лицата со прекумерна телесна тежина произведуваат големо количество инсулин, па организмот може да се доведе во состојба да не може правилно да реагира на тој хормон.
Како преку исхраната може да ја спречиме појавата на ова заболување?
Тоа може да го направиме со употреба на производи богати со растителни влакна, како што се интегралните житарки или житните снегулки, мешункастите растенија, зеленчукот и овошјето. Да внимаваме производите да бидат нерафинирани - во интегрален облик, како што веќе посочивме. На пример, со употребата на рафинираното брашно за добивање бел леб, колачи, бисквити или печива, расте гликемичкиот индекст - ГИ (кој го мери нивото на шеќерот во крвта). За разлика од тие производи, кај интегралниот леб или интегралните тестенини вредноста на ГИ е многу ниска, односно ресорпцијата на глукозата е постепена. За спречување на дијабетесот најполезен е интегралниот леб од 'рж.
Од житарките најполезен е овесот, бидејќи ГИ не варира, без разлика во каков облик се употребува (интегрален овес, снегулки од овес или брашно од овес.) Внесувањето на многу масти, особено заситените животински масти, исто така може да ги зголемат ризиците од појавата на дијабетес. Некои испитувања покажуваат дека колку што е поголема концентрацијата на заситените масти во ткивата, толку е послаб инсулинскиот одговор. Како засладувачи може да се користат кафеавиот шеќер или малтексот.
Што да употребуваат заболените од дијабетес?
Кај лицата заболени од дијабетес, повеќето стручњаци препорачуваат исхрана богата со растителни влакна, односно со интегрални житарки, снегулки од интегрални житарки и сојата. Сите тие состојки се караткеризираат со многу низок ГИ. Особено се препорачува хрната богата со растителни влакна (овес), кои делумно се раствораат во системот за варење и се претвораат во желе. На тој начин се продолжува времето на ресорпција на шеќерот од храната и се спречуваат драстичните скокови на шеќерот во крвта.
Општо кажано, лицата заболени од дијабетес најдобро е да имаат исхрана што им се препорачува на луѓето што сакаат да ја спречат или да ја подобрат состојбата кај кардиоваскуларните заболувања, односно земаат храна сиромашна од масти, особено заситени масти од животинско потекло. Од тој аспект д-р Џенкинс, како резултат на своите истражувања, укажува дека со внесувањето производи со низок ГИ се подобрува контролата на севкупниот шеќер во крвта кај пациентите со двата вида дијабетес. Тој потенцира дека таквата исхрана го намалува и нивото на триглицеридите. Со несување нискогликемична храна се овозможува одржување на нормално ниво на шеќерот во крвта, како и количеството инсулин потребно за да се разгради шеќерот. Високото ниво на инуслин, според неговите сознанија, може да биде фактор за појава и развој на рак.
|