
|
 |
Здравје / Медицина
Лекување на неконтролирано испуштање на урината
Најнепријатна ситуација што може да им се случи на луѓето со ослабени мускули на излезниот канал на мочниот меур или органот во малата карлица е испуштањето на урина на јавно место. Навистина, тоа ретко се случува, зашто лицата со ваква болест преземаат најразлични подготовки ако знаат дека подолго време нема да бидат дома. Го празнат мочниот меур и по неколку пати, користат влошки, строго го планираат времето и местата каде што по потреба би можеле да користат тоалет, не земаат течности. И покрај сите преземени мерки, ослабениот мочен меур често испушта по неколку капки течности.
Отсуство на сигнал
Интересно е што овие пациенти поради чувството на срам со текот на времето се навикнуваат на овие проблеми, често ги прикриваат и не им се жалат на пријателите, па дури ни на својот лекар. Ослабувањето на мускулите на мочниот меур најтешко се крие во лето, кога се носат тенки панталони и летни фустани. Пелените, кои се поставуваат како помошно средство, натопени со урина се непријатни за носење не само поради влагата туку и затоа што го шират мирисот на урината.
Инконтиненцијата на урината или неможноста за задржување на урината може да биде предизвикана и во ситуации како што се смеење, кивање, нагло станување и брзо одење. Ова е честа појава кај жените што раѓале крупни деца. Тоа е причината поради која жените неколку месеци по породувањето не смеат да вршат тешки физички работи и да креваат товар. Жените во менопауза исто така се соочуваат со оваа појава. Лачењето на естрогенот во овој животен период е намалено. Затоа и ослабуваат мускулите на мочниот меур или органите во малата карлица, кои врз неа вршат притисок. Освен тоа, се јавува и нецелосно празнење на мочниот меур. Со подолготрајно задржување на урината настануваат чести воспаленија на овој орган.
Ослабувањето на мускулите на мочниот меур е често и кај мажи постари од 65 години. Помладите мажи се соочуваат со овој проблем по операцијата на мочниот меур во траење од неколку месеци, а понекогаш и подолго, а само во многу мал број случаи и доживотно.
Ослабувањето на мускулите на мочниот меур се манифестира со отсуство на сигнал што ја информира контролата во централниот нервен систем за потребата од празнење. Во овој случај мочниот меур не ја задржува долго урината или се полни, а човекот не е свесен за потребата од празнење. Тогаш е доволно да потече вода од чешма или од фонтана, да врне дожд или некој друг импулс од надворешната средина за мочниот меур да почне рефлексно да се празни. Исти тегоби можат да дадат и честите инфекции на уретерот и мочниот меур, без оглед на годините. Со лекување на инфекцијата, овие тегоби минуваат.
Ослабувањето на мускулите може да се случи и на почетниот или на завршниот дел од мочниот канал. Кога ќе ослабат овие мускули, невозможно е да се запре капењето на урината “капка по капка“ и влажнењето на долната облека. Оваа појава предизвикува и неможност мочниот меур целосно да се испразни.
Терапијата е мошне пријатна
Во могу случаи на ослабување на мускулите на мочниот меур, на мочниот канал и на соседните органи, физиотерапијата и вежбите можат многу да помогнат или да ја одложат операцијата. Пациентот прво оди кај уролог или кај гинеколог, кои поставуваат дијагноза и советуваат соодветно лекување.
Електростимулацијата со галванска струја селективно ја стимулира мазната мускулатура на мочниот меур и на другите органи. Една електрода се поставува на прецизно одредена точка во крсниот дел на 'рбетот, а другата над срамната коска. Од тие две точки преку мускулите потекува струја. Оваа терапија е безболна и мошне пријатна. Пациентот чувствува само благо стегање на мускулите. Успехот во лекувањето доаѓа до израз веќе во втората недела од физикалната терапија. За постигнување целосен ефект на терапијата потребни се 20 до 30 сеанси, кои се спроведуваат секој втор или трет ден. Физикалната терапија трае максимум четири месеци и се применува по потреба два пати годишно.
Вежбите, исто така, се задолжителен дел за јакнење на глутеалната, стомачната и пелвичната мускулатура. Најмногу се применуваат статички вежби, прво под контрола на физиотерапевт, а подоцна, бидејќи се невидливи, секаде и во секоја пригода. Тие се изведуваат во седната или стоечка позиција додека се гледа телевизија, додека сте во автобус или додека одите. Со време, пациентите се навикнуваат на вежбите и тие за нив не претставуваат напор. Се изведуваат цел живот. Мускулите се јакнат и со намерно прекинување на млазот на урината при уринирањето, но не и со негово целосно задржување. Напротив, задолжително е редовно празнење на мочниот меур за да се спречи инфекција.
Кога не помага оваа физиотерапија, решение е операција со која ослабените мускули се затегаат или олабавените органи што вршат притисок врз мочниот меур се поместуваат во нивното природно лежиште. Овие хируршки интервенции ги вршат уролози и гинеколози. Во светот се вградуваат и електрични стимулатори на мускулите на мочниот меур и на уретерот. Тие содржат електроди кои во моментот кога мочниот меур ќе се наполни, преку нервите и испраќаат на контролата во централниот нервен систем “порака“ и на тој начин лицето станува свесно за потребата за празнење.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|