Здравје / Медицина
Генот поврзан со прееклампсија

Научниците од Харвард го идентификувале генот кој кај некои жени е поврзан со прееклампсија, пореметување во бременоста кое предизвикува нагло зголемување на крвниот притисок, објави магазинот „Nature“. Статистичките податоци покажуваат дека прееклампсијата е причина за 15 отсто од предвремените породувања. Резултатите од студијата покажале дека клучна улога за оваа појава имаат гените кои го контролираат производството на ензимот со име COMT, кој дава можност за развој на дијагностичко тело и рано третирање на прееклампсијата. Намалената активност на COMT ензимот е поврзана со промена на количината на кислород кој допира до постелката, а зголемениот крвен притисок може да биде опасен и за мајката и за детето. Во моментов прееклампсија може да се излечи само со породување, доколку не се третира можни се конвулзии, откажување на работата на бубрезите и отежнато работење на црниот дроб на трудниците. Едно постаро истражување на научниците од Јеил укажува дека консумирањето на чоколадо во текот на бременоста ги намалува изгледите за прееклампсија. Според нив, чоколадото содржи високо ниво на теобромин, хемиска состојка која ја стимулира работата на срцето и ги опушта и шири крвните садови. На тој начин се намалуваат шансите за прееклампсија. Теоброминот, кој досега се користел за третирање на болки во градите, зголемениот крвен притисок, исто така може да ја подобри циркулацијата во постелката блокирајќи го оксидативниот стрес. (Д.Т)
|