Здравје / Медицина
Од голем стомак до деменција

Средовечните луѓе со голем стомак имаат поголеми изгледи во подоцнежните години да развијат деменција, покажале резултатите на најновата студија објавена во магазинот на Американското здружение на невролози. Триесетгодишното истражувањето се темели на информациите собрани од 6.500 испитаници. Зголемен ризик е утврден и тогаш кога не постоеле традиционалните предиспозициски фактори, како што се шеќерна болест, мозочен удар или болести на срцето и крвните садови. Доктор Рејчел Витмер, која го предводела истражувањето објаснува дека големиот стомак не секогаш мора да е знак за дебелина. „Дури и кај луѓето кои припаѓале во групата со нормален индекс на телесна маса, големиот стомак укажуваше дека ризикот за појава на деменција е за 90 отсто поголем, во споредба со оние кои немаа стомак. Според резултатите колку стомакот е поголем, толку и ризикот од деменција е поголем. Кај испитаниците со прекумерна телесна тежина со голем стомак, ризикот од деменција бил за 260 отсто поголем“, вели доктор Витмер. 
И додека студијата не објаснува каква е поврзаноста на масните наслаги во стомачната празнина и развојот на деменција, др. Витер вели дека резултатите од истражувањата спроведени врз животни укажуваат на поврзаност на масните наслаги околу органите во стомакот и отпорноста на организмот на инсулин и на појава на атеросклероза. Таа истакнува дека среќна околност е што маста сместена околу органите прва се губи доколку организмот се изложи на гладување. „Кога лицето ќе одлучи да гладува или да се стави на диета и кога ќе почне да губи од телесната маса, овие масни наслаги веднаш ќе се губат, Тоа треба особено да се истакне бидејќи за разлика од другите ризик-фактори, на овој може релативно лесно да се делува“, вели Витер. Истражувачкиот тим сега се подготвува да утврди дали масните клетки излачуваат некоја материја кога може да влијае на губењето на меморијата и на деменцијата. Според Доктор Витер, иако деменцијата настанува во подоцнежните години од животот, никогаш не е прерано да се размисли за факторите на ризик и да се влијае врз нив секогаш кога ќе може. (Д.Т)
|