Здравје / Медицина
Проширени вени
Проблемот се проширени вени бележи пораст во последните години, а најверојатно има врска со современиот начин на искрана и со животот воопшто, а особено со фактот што денешните работни места бараат долго седење.
Бидејќи проширените вени уште повеќе се шират за време на топлите денови, тие во летниот период претставуваат и голем естетски проблем.
Причините за ова заболување, најчесто се од генетска природа и претежно се сведуваат на слабоста на ѕидот на вените, односно нивниот среден слој или валвурален апарат, односно венските залистоци.
Сепак, жените најчесто се жртви на овие проблеми пред се поради влијанието на хормоните. Ризикот од вакво заболување расте со процесот на стареење.
Каде најчесто се јавуваат
Проширените вени може да се јават на било кој дел на телото, кое има богата венска мрежа, но сепак најчесто се јавуваат на нозете. Причина за ова е тоа што на долните екстремитети (нозете) има две површни вени кои имаат многубројни притоки. Проширувањето на вени може да се јави на овие површни вени, но и на нивните притоки. Постојат различни степени на оваа болест, а тие се класифицираат од чисто естетски, па се до најтешки, кои подразбираат создавање на рани во пределот на проширените вени.
Симптоми
Појавата на тежина или грчеви во нозете, особено навечер, поретко се присутни, но доколку се јават претставуваат медицинска причина за хируршко лечење. Сепак, отоците на нозете се показател за лошо празнење на површинските вени во длабокиот венски систем и се знак на понапредна болест. Проширените вени најчесто се попратени со некои други аномалии, како на пример што се рамните стапала.
Лечење и превенција
Лечењето претежно е хируршко бидејќи, за жал, со никакви лекови не може да се стесни проширената вена, ниту пак да се поправи функцијата на венските залистоци. Лицата кои ги наведовме како ризична група треба да носат еластични завои. Еластичните завои или еластичните доколенки треба да се стават наутро, пред станувањето и додека ногата е подигната над нивото на срцето. Завојот треба да почне на коренот на прстите и да заврши под коленото. Постојат разновидни вежби за активирање на мускулите, а со тоа и поттикнување на подобро празнење како на проширените, така и на нормалните вени. Доволна е прошетката со нормален од, проследена со паузи во кои треба да ги подигнете нозете. Особено е добра прошетката во плитки води, а се препорачува возење велосипед и пливање. Доколку имате отоци на нозете наместете го креветот така што нозете ќе ви бидат поставени на ниво погоре од нивото на срцето, односно подигнете го долниот дел на креветот за 15 сантиметри. Лицата кои долго седат на работното место треба повеќе пати во текот на работниот ден да прават кружни, но и напред назад движења со стапалата. Исто така треба да се нагласи дека не е препорачува туширање со врела вода.
Може ли да дојде до трајни последици
Ризикот од трајни последици е навистина присутен. Познати се случаи на венски рани. Најтешки компликации се појава на белодробна емболија и венска гангрена на стапалата. Полесни компликации се крвавење од проширените вени, кое изгледа драматично но лесно се решава. На пациентите им се советува, доколку забележат проширени вени, веднаш да се обратат кај хирург, кој веднаш ќе процени колку ситуацијата е сериозна и ќе ги посоветува што да прават.
Жените најчесто заболуваат
Жените пет пати почесто заболуваат од проширени вени, а причина за тоа најчесто е женскиот хормон прогестерон. Состојбата со проширените вени има тенденција да се влошува пред менструација, најверојатно поради проширување на матката. Проширените вени се уште повидливи во текот на топлите денови, бидејќи површинските вени се шират за да го помогнат регулирањето на телесната температура.
Зошто проширените вени се јавуваат во бременоста
Појавата на проширени вени во бременоста не е толку поврзана со растот на плодот и матката која се зголемува и ја притиска карличната вена и на тој начин го отежнува протокот на крвта од нозете кон срцето, колку што е поврзана со хормонските промени, особено во првите три месеца од бременоста. Зголеменото лачење на естроген и прогестерон го оштетува и го ослабува ѕидот на вените, па тие понекогаш се шират и до два-три сантиметри во пречник.
Ризични групи
Лицата кои поголемиот дел од времето стојат, но и оние кои многу седат со скрстени нозе, потоа лицата со прекумерна тежина и слабо активните претставуваат потенцијална група со висок ризик за проширени вени. Исто така бременоста, и секоја следна бременост која ја зголемува можноста за ширење на вените, како и лицата кои земаат контрацепциони средства. Хирурзите, трговците и административните работници спаѓаат во најризичната група.
(Д.Т)
|