Здравје / Медицина
7 нови правила против маснотиите во крвта
Холестеролот е маснотија што главно ја произведува црниот дроб, а само во мал дел се внесува со исхраната. Во поголемо количество го содржи храната од животинско потекло, а го нема во растителната храна. Холестеролот е неопходен за производство на стероидни хормони меѓу кои се и половите, а има и некои други функции, на пример од него настанува жолчката.
Преголемото количество холестерол во крвта предизвикува создавање артериосклеротични слоеви на ѕидовите на крвните жили. Внатрешниот пречник на артериите се намалува, а со тоа се намалува и протокот на крвта во жилите. Заради забавениот тек на крвта и влегувањето на големи количества холестерол во ѕидовите, доаѓа до таложење на маснотиите и други материи што се опасни за здравјето на артериите. Токму пукањето на таквите артериосклеротични слоеви овозможува да се создадат крвни згрутчувања, што доведува до затворање на артериите кои ја носат крвта до мозокот или до срцето, и на тој начин настанува мозочен удар или инфаркт. Меѓутоа, сиот холестерол во крвта не е опасен. ХДЛ-холестеролот има заштитна улога зашто ги чисти артериите од маснотиие. Наспроти тоа, штетниот ЛДЛ-холестерол се собира на ѕидовите и ги загрозува жилите.
Неодамна во САД стапи во сила новата програма - Национална програма за едукација за холестеролот, која донесува дневни правила на однесување за да се спречи преголемото количество маснотии во крвта, со што се заштитува срцето и се спречува инфарктот. Основната препорака гласи: не е важно само нивото на холестеролот туку и на штетниот ЛДЛ-холестерол, на заштитниот ХДЛ-холестерол и на низа други фактори на ризикот. Освен што го нагласиле влијанието на лековите во намалувањето на маснотиите во крвта (особено на холестеролот), новите документи тврдат дека за здравјето на срцето не е важно само нивото на холестеролот во крвта, туку е уште поважно да се намалат сите фактори на ризик, зашто многу луѓе имаат, освен висок холестерол, уште по некој друг фактор на ризик, на пример пушат, имаат висок крвен притисок и слично.
1. Одбегнете ги комбинациите на ризикот
Високиот холестерол може сам по себе да биде проблем, но проблемот е многу поголем доколку некој во истовреме има повеќе фактори на ризик. Според најновите американски истражувања, ризикот од кардиоваскуларни заболувања е резултат на сите најважни фактори на ризикот, како што се пушењето, високиот крвен притисок, шеќерната болест, машкиот пол...
Со други зборови, високиот холестерол станува особено опасен во комбинација со другите фактори на ризикот, кои можат трајно или повремено да бидат присутни. На пример, лицето што не пуши и редовно вежба може да има ниво на холестерол нешто повисоко од лицето што пуши и има повеќе килограми, а ризикот да им биде еднаков.
Лицата со коронарна болест на срцето и преживеан инфаркт или мозочен удар мора да водат грижа нивото на маснотиите во крвта да не ги премине нормалните граници, а тоа се: вкупниот холестерол 5, за ЛДЛ- холестеролот 3, а за триглицеридите 2 ммол/л.
2. Одредете ги нивоата на опасност
Висината на холестеролот, за кој треба да се води грижа, се менува со здравствената состојба на поединецот.
ВИСОК РИЗИК
Максимално внимание на холестеролот треба да му посветат лицата што имаат проблеми со артериите, кои ја доведуваат крвта до срцето (коронарна болест на срцето), нозете (периферна васкуларна болест) и мозокот (претрпен мозочен удар), или имаат аневризма на стомачната аорта.
Особено големо внимание на холестеролот треба да му посветат дијабетичарите и лицата кај кои ризикот за коронарна болест на срцето во следните десет години е поголем од 20%. Кај сите нив ЛДЛ-холестеролот, секако, треба да биде помал од 3 милимоли на 1 литар крв, а сите тие пациенти, по правило, мора да добиваат лекови за намалување на холестеролот во крвта - статина.
СРЕДЕН РИЗИК
Нешто помало внимание им е потребно на лицата со среден ризик, кај кои опасноста од инфаркт е помеѓу 10 и 20% во наредните десет години, па и на оние што имаат два или повеќе фактори на ризик. Но и кај нив нивото на ЛДЛ- холестеролот во крвта треба да биде под 3%, па затоа и оние најжестоките мора да земаат статина.
МАЛ РИЗИК
Кај лицата со мал ризик, односно кај сите оние кај кои веројатноста за инфаркт во следните десет години е под 10% или имаат еден фактор на ризик, нивото на ЛДЛ-холестеролот мора да биде под 3%.
3. Особено внимание кај дијабетесот
Важна новост во американските упатства е дека заболените од шеќерна болест се еднакво загрозени како и болните со докажана коронарна болест на срцето (значи, лица што боледуваат од ангина пекторис или веќе имале инфаркт). Тоа се однесува на милиони заболени од дијабетес.
Новите истражувања покажале дека ризикот од кардиоваскуларни болести кај заболените од дијабетес тип 2 (независни од инсулин) е еднаков на ризикот кај лицата што немаат дијабетес, но веќе доживеале инфаркт. Дијабетесот, имено, силно го забрзува и го поттикнува создавањето артериосклеротични слоеви, кои го забавуваат протокот на крв и можат да предизвикаат инфаркт.
4. ХДЛ-холестеролот треба да биде повисок
Откако ќе се одреди нивото на штетниот ЛДЛ-холестерол, важно е да се утврди и нивото на заштитниот ХДЛ-холестерол.
Новите американски истражувања ја потврдуваат потребата од зголемување на нивото на ХДЛ-холестеролот во крвта од 1 на 1,4 ммол/л.
5. Важни се триглицеридите
Холестеролот не е единствената маснотија во крвта. Тука се и триглицеридите, масти што настануваат од храната од животинско потекло и од храната од растително потекло (иако помалку). Маснотиите што секојдневно ги консумираме (масло, путер, млечни производи) се состојат од триглицериди, кои претставуваат енергетска резерва на организмот и гориво за мускулите. За разлика од холестеролот, кој не произведува енергија и не се собира во ткивата, триглицеридите што не се искористуваат веднаш се сместуваат во масното ткиво. Заради тоа и тие се фактор на коронарен ризик.
Наспроти документите од 1993 година, новите упатства сугерираат дека секогаш треба да се одреди таканаречениот липиден профил на лицето, кој ќе го опфати не само нивото на ЛДЛ-холестеролот туку и вкупниот ХДЛ-холестерол, како и количеството триглицериди во крвта.
6. Најважно: да се намали количеството заситени маснотии во исхраната
Од аспект на исхраната, американските документи исто така донесуваат новости. Нагласено е намалувањето на внесувањето на заситени маснотии, кои се најопасни. Најмногу ги има во путерот, свинската маст, павлаката, сирењата и масното месо. Учеството на тие маснотии во исхраната треба да биде помало од 7 %, што се однесува на вкупните калории, додека вкупното количество консумирани маснотии во еден ден може да биде малку повеќе од порано поставените норми (зголемено е од 30 на 35%). Останатиот дел од маснотиите треба да го чинат незаситените маснотии, кои се многу опасни за артериите, а ги има во маслиновото масло и рибата.

7. Ограничете го холестеролот веќе во чинијата
Американските стручњаци препорачуваат многу внимание со храната што има холестерол.
Внесувањето на холестеролот треба да се намали од 300 на 200 мг на ден. Затоа треба да се одбегнуваат јадења богати со холестерол: путер, бисквити и слатки, павлака, зрели сирења, масно меса, а особено жолчката на јајцето (само една жолчка содржи 300-400 мг холестерол).
ПРЕВЕНЦИЈАТА ПОЧНУВА НА МАСАТА
1. Ограничете го консумирањето црвено месо на двапати неделно. Наместо црвено месо јадете риба и месо од живина.
2. Намалете го консумирањето маснотии од животинско потекло (павлака, путер и свинско месо) во корист на растителните маснотии (маслиново масло, пченкарно масло).
3. Ограничете го консумирањето сирење на 2-3 пати неделно.

4. Овошјето, мешунките (грашокот, сојата, гравот и наутот) и другиот зеленчук треба да се јаде секојдневно. Благодарение на растителните влакна кои содржат антиоксиданти, тие помагаат холестеролот во крвта да се намали и да се спречат негативните последици од неговото дејствување.
5. Дајте им предност на сложените шеќери, особено на интегралните, зашто се богати со влакна, а намалете го внесувањето на едноставните шеќери (шеќер и мед).
ВОВЕДЕТЕ ПРОМЕНИ ВО НАЧИНОТ НА ЖИВОТОТ
За да го држите под контрола нивото на холестерол, водете здрав и рамномерен живот. Еве ги факторите за кои треба да водите грижа:
Пушење
Секако престанете да пушите зашто цигарите го намалуваат нивото на заштитниот ХДЛ-холестерол, го намалуваат присуството на кислород кој доаѓа до ткивото и поттикнуваат процес на настанување артериосклероза. Пушењето го намалува и производството на простагландин (групи сродни хормонски споеви што се создаваат во ткивото, поволно дејствуваат на организмот и го спречуваат настанувањето на згрутчувања, кои можат да ги затворат крвните садови).
Наследство
Кај лицата, особено од машки пол, кои во семејството имаат случаи на коронарна болест на срцето или инфаркт од машка страна пред 55-тата година или од женска страна по 65-тата година, постои поголем ризик.
Телесна активност
Лицата што редовно вежбаат, имаат поголемо ниво на заштитен ХДЛ-холестерол во крвта и пониско ниво на штетен ЛДЛ-холестерол, отколку лицата што не се занимаваат со телесни активности. Ризикот од инфаркт или од мозочен удар е многу помал кај лицата што вежбаат.
Дебелина
При зголемена телесна тежина, срцето мора да работи за да го зголеми крвниот притисок. Кај дебелите луѓе постои поголем ризик од дијабетес, им се намалува нивото на заштитниот ХДЛ, а се зголемува нивото на лошиот ЛДЛ- холестерол и на триглицеридите во крвта. Ако сте дебели, треба да се вратите на нормалната тежина.
Солта во храната
Преголемото внесување сол во храната предизвикува собирање течност во организот и зголемен крвен притисок. Наместо сол треба да се користат ароматични тревки и зачини за да биде храната вкусна, но не и нездрава.
Висок крвен притисок
Систолниот (горен) притисок над 140 и дијастолниот (долен) над 90 се важни фактори за ризик на срцето и на крвните жили.
Менопауза
Количеството маснотии во крвта се зголемува по менопаузата, зашто тогаш во организмот има помалку женски полови хормони, естроген, кој го поттикнува и производството на ХДЛ-холестеролот.

Лекови
Некои од лековите за намалување на крвниот притисок, на пример некои диуретици и бетаблокатори, можат да го зголемат холестеролот на ниво малку поголемо од нормалното, но тоа не значи дека не треба да се земаат ако вашиот лекар ви ги препишал.
|