Здравје / Медицина
Кламидија - модерна и тивка зараза
Заразата кламидија трахоматис денеска, заедно со половите HPV инфекции , е најчестата „модерна и тивка“ сексуално пренослива болест во светот, за што сведочат тестирањата за кламидија кои младите ги прават по летувањата или по годишните одмори.
Се проценува дека кај нас процентот на заразените се уште не ја достигнал втората цифра, но сепак загрижува зголемената застапеност на оваа болест кај младите.
Годишно во светот се регистрираат околу 100 милиони случаи, кои само во 2003 година резултираа со 600 илјади воспалителни процеси на јајцеводите, од кои 120 илјади завршиле со неплодност. Одговорен за оваа болест, присутна и кај мажите и кај жените, која се јавува како воспалување на уринарниот тракт, но и на другите органи, се бактерии од семејството кламидијаке (Chlamydiaceae), кои долго време се сметале за вируси.

До сега се откриени 18 стереотипи кои предизвикуваат трахом, полови и неонатални инфекции, воспаление на мочната цевка, простата, воспаление на слузницата на окото, ректумот, грлото, воспаление на белите дробови и на ушите кај новороденчињата.
За време на инфекцијата често доаѓа до воспоставување на рамнотежа меѓу кламидијата и нејзиниот „домаќин“ поради што се создаваат упорни инфекции кои ги имаат речиси истите симптоми како и вирусите.
Инфекциите кои не се лечат може да предизвикаат тешки компликации, кај жените тоа е затнување на јајцеводите, вонматерична бременост, кои можат да бидат опасни по животот, воспаление на карлицата, прекин на бременоста, предвремено породување, неплодност, зголемен ризик од карцином на грлото на матката, додека кај мажите може да дојде до намалување на плодноста, до појава на реактивен автоимун артритис, како и зголемен ризик од рак на простата.
Важно е да се истакне дека откако ќе се прележи и излечи кламидиската инфекција, организмот не стекнува отпорност, односно секој пол кој еднаш е излечен може повторно да се зарази. Сексуалните односи и преносот од заразената трудница на новороденчето се двата главни начина на кои може да се пренесе кламидијата.
Најважна е благовремената дијагноза
Кај повеќето жени, во почетните стадиуми не се забележува, додека кај помал дел од жените се забележани симптоми, меѓу кои се невообичаено вагинално крвавење или секрет, болки во стомакот, болки при полов однос, зголемена телесна температура, болки во пределот на мочниот меур и зачестено мокрење.
Кај повеќето мажи симптомите изостануваат, а сомнежот за инфекцијата се јавува откако ќе се забележи печење и непријатност при мокрење, болка и непријатност во тестисите, проследено со зголемена телесна температура, која не мора задолжително да се јави.
(Д.Т)
|