
|
 |
Здравје / Медицина
|
|
Фармацијата го откри земјоделството
Лекови за рак од кокошкини јајца, лек против тромбоза од ориз, против кариесот со тутун. Биофарминг е новата насока во која се развива медицината. Меѓутоа, до која граница човекот смее да експериментира?
На прв поглед стадото кози во Масачусетс не е по ништо поразлично во однос на останатите припадници на неговиот вид. Сепак, ова стадо е нешто посебно: животните носат човечки ген во себе. Тој е одговорен за тоа што во нивното млеко се произведува средство против тромбоза. Се вика атрин и е првиот, засега единствен лек, што се добива со помош на генетски модифицирани животни.
Голем број други материи се наоѓаат во фаза на испитување, како на пример лек против рак од генетски модифицирани јајца од кокошка, или пак, средство против кариес добиено од тутунот. Со други зборови, фармацевтската индустрија стои пред револуција. Но, останува прашањето: како се вика оваа револуција. Еднаш се споменува биофарминг (biopharming), потоа генофарминг (genopharming). *
Во секој случај, европската академија на крајот од октомври ќе објави опсежен извештај за тоа до каде стојат работите со фармингот во светот.
Надеж за неизлечивите болести
Една од причините зошто истражувањата од областа на биофармингот земаат се` поголем замав во Европа и Америка е тоа што некои поголеми, покомплицирани белковини, не можат да се произведат по синтетички пат. Нивното добивање со помош на генетски модифицирани животни и растенија, дава надеж дека конечно ќе се пронајдат лекови за некои од неизлечивите болести, или дека барем ќе им се намалат болките на заболените.
Екард Волф, професор на универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен, е еден од водечките експерти во оваа област. Тој е посебно насочен кон истражување на антителата што би можеле да ги произведат генетски модифицираните животни.
“Вака добиените антитела би можеле да се употребат против бактерии за кои не постојат антибиотици, или, пак, да бидат применети при терапијата на тумори. Моментално, сознанијата за антителата доживуваат голем напредок. Може да се работи за т.н. поликлонални антитела, што претставуваат мешавина од антитела, насочени кон различни видови бактерии или тумори. Или, пак, може да се работи за моноклонални антитела, односно антитела што се создадени и наменети конкретно за одредена структура“, објаснува доктор Волф.
Баварската фирма Агробиоген веќе разви вакви антитела.
Голема претпазливост при одгледувањето
Со создавањето на генетски модифицирано животно во лабораторија не е ништо завршено. Одгледувањето на ваквите животни мора да биде со голема доза на претпазливост. Како прво, не смее да се дозволи парење на генетски модифицирано животно со нормално, и како второ, треба да се внимава трансгенерираните животни да не се заразат со некој вирус или бактерија.
Уште поголема претпазливост е потребна при одгледувањето на генетски модифицираните растенија. Експерименти од оваа област се напревени во САД, уште во 90-те години. Најголемиот број обиди се вршеле на ориз, пченка и соја. Американското здружение „Унија на загрижени научници“, со години предупредува дека консумирањето растенија со фармацевтски гени во нив, може да биде отровно за човекот. А, нивните предупредувања не се залудни. Во 2002 година фирмата ПродиЏен насади генетски модифицирана пченка, од која се добиваше средство против пролив кај свињите. Тогаш се случи следново: „Пченката беше посадена на едно поле, но наредната година него го зема еден фармер, кој таму насади нормална соја. Меѓутоа, заедно со сојата изникнаа и неколку заостанати семиња од генетски модифицираната пченка. Додека ова се согледа, сојата веќе беше на откупниот пункт. За жал, целата жетва од 20 тони мораше да биде уништена“, вели Карен Стилерман од „Унијата на загрижени научници“.
До која граница човекот има право да експериментира?
|
|
|
Растенијата со човечки ген во нив се отровни за човекот | | САД моментално се` уште водат, кога е во прашање добивањето лекови од генетски модифицирани растенија. Сепак, ситуацијата набрзо би требало да се промени, благодарение на Фарма Планта, проект вреден 12 милиони евра, финансиран од ЕУ. Нивниот истражувачки конзорциум се состои од 39 партнери, кои моментално работат на изнаоѓање антитела за ХИВ од листовите на тутунот.
Биотехнолошките фирми тврдат дека фармингот ќе биде поевтин, за разлика од традиционалното добивање на лекови. Меѓутоа, предвид мора да се земе и подготвеноста на луѓето да почнат да користат средства и лекови добиени на овој начин. Според анкетите спроведени во Јапонија, Северна Америка и Европа за прифаќањето на манипулирањето со гени кај животните и растенијата, Германците и Австријците се искажале како најскептични. Притоа, одлучувачки фактор не е тоа колку човештвото може да профитира од оваа нова гранка во медицината. На крајот се` се сведува на личните морални гледишта за тоа до која граница човекот смее да си поигрува со природата.
* Pharming = Pharmacy (фармација) + Farming (земјоделство)
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|