Крвави од секоја пора од кожата
Тринаесетгодишната Твинкле Диведи страда од необично здравствено нарушување, крвави од порите на кожата, без притоа да биде расечена или изгребана.

Тинејџерката од Индија, досега повеќепати примила трансфузија откако почнала да крвави од очите, носот, челото, стапалата.
Диведи ненадејно почнува да крвави од најразлични делови од телото, а понекогаш кога се буди нејзиното тело цело е облеано во крв.
Семејството на несреќната Индијка досега побарала помош од голем број доктори и свештеници, но се чини дека сите напори биле залудни.
„Очајно сакам да и помогна на ќерка ми. Не сме религиозни луѓе, но веќе сме очајни. Бевме во најразлични храмови, џамии, цркви, кај сифи светци, но ништо не и помогна“, вели 42-годишната Нандани Диведи.
Лекарите во Индија сметаат дека девојчето страда од редок случај на екстремно нарушување на крвните зрнца, за кое засега не постои лек.
Докторите од Сèиндијскиот медицински институт тврдат дека Твинкле Диведи, боледува од „Type 2 Platelet Disorder“, состојба при која во крвта има значителен недостаток на честичките задолжени за засирување на крвавењата. Тие велат дека крвта на Диведи е толку воденеста што дури изгледа како розе вино и оти не можат да изнајдат третман како да ја згуснат нејзината крв.
Сепак, можеби за Диведи има надеж. Британскиот хематолог Дру Прован вели дека можеби го знае клучот на нејзиниот здравствен проблем.
„Таа можеби страда од „Type II von Willebrand-ова болест. Треба да побара помош од доктор, специјалист за засирување на крвта. Мислам дека нејзиниот проблем не е врзан со бројот на честичките задолжени за засирување на крвта, туку со таканаречениот „Von Willebrand“ фактор, кој им помага на крвните зрнца да останат во крвните садови и кој го потпомага засирувањето на крвта“, вели доктор Прован.
Доколку не се воспостави вистинска дијагноза, здравствената состојба на Твинкле ќе продолжи да се влошува. Таа досега неколкупати примала трансфузија, но лекарите стравуваат дека еден дена таа премногу бргу ќе загуби големи количини на крв и оти тогаш ќе и нема спас.
„Кога крвавам од главата, тогаш главата ми станува ужасно тешка. Кога крвавам од очите тие стануваат целосно црвени. Имам ужасни болки кога ќе се обидам да се измијам после крвавењето“, вели Твинкле Диведи.
 Болеста за првпат се појавила кога Твинкле имала 12 години, кога во текот на денот без било каква причина почнала да крвави и тоа од пет до 20 пати на ден.
„Беше страшно. Блузата ми стана црвена. Никој повеќе не сакаше да ми се приближи, ниту да си игра со мене. Плачев секој пат кога ќе почнев да крвавам, сега веќе само молчам“, вели Твинкле Диведи.
Соселаните на Твинкле Диведи сметаат дека таа е проколната и постојано ја исмејуваат и навредуваат. Поради нејзината здравствена состојба Твинкле ја избркаа од училиште и некој не сака да ја подучува. Таа е принудена сама да се образува, и ретко да излегува од дома.
„Многу сум загрижена за неа. Таа е слаба и бледа од загубата на крв. Многу е изолирана и депресивна. Сака да оздрави за да може да се врати на училиште. Сметам дека индиските лекари се некомпетентни, не верувам дека ќе можат да и помогнат“, вели Нандани Диведи.
|