Стресот на работа предизвикува висок притисок Како стресот на работа влијае врз здравјето на човекот
Високиот крвен притисок (хипертензија) е основен фактор на опасност од низа сериозни болести, вклучувајќи ги мозочните и срцевите удари. – Покрај стресот, висок крвен притисок може да предизвикаат и лоша исхрана, консумирање алкохол и сол, преголема телесна тежина и слаба телесна активност

Експертски тим од канадскиот Универзитет „Лавал“ во Квебек, седум години следеше 6.719 работници и заклучи дека хроничниот стрес може да доведе до зголемен крвен притисок.
Имено, познато е дека стресот на работа може да доведе до влошување на здравјето, вклучувајќи ги срцевите удари и депресијата, но студиите кои се бавеа со влијанието на стресот врз крвниот притисок дадоа различни резултати.
Високиот крвен притисок (хипертензија) е основниот фактор за опасност од низа сериозни болести, вклучувајќи ги мозочните и срцевите удари.
Стресот е само една од причините кои може да доведе до зголемен крвен притисок, бидејќи за тоа може да придонесат и многу други работи како што е лошата исхрана, консумирање на премногу алкохол, преголема телесна тежина, консумирање на премногу сол и слаба телесна активност.
Доктор Шантал Гимон, која го водела истражувањето, признава дека кај учесниците во истражувањето можно е и останатите фактори да придонеле за покачување на крвниот притисок, при што научниците веруваат дека стресот на работа е многу важен фактор кој може хронично да влијае на нервниот и кардиоваскуларниот систем.
- Нашата студија е поддржана од хипотезата дека напнатоста поврзана со работата, посебно кај работниците кои на работа немаат поддршка, може значително да придонесе за покачување на крвниот притисок, истакна Гимон и додаде дека работодавците можат да им помогнат на вработените со давање на поголема поддршка и препуштајќи им ја контролата над роковите и задачите.
Израелските научници открија дека лицата кои на работните места се изложени на стресни влијанија имаат поголеми шанси за заболување од дијабетес од типот 2.
Истражувачите од Универзитетот во Тел Авив своите заклучоци ги темелат на следењето на здравјето на 677 средовечни вработени лица.

Се покажа дека лицата под стрес, земајќи ги предвид и другите фактори како дебелината, староста и полот, имаат речиси двојно поголем ризик за дијабетес од типот 2 во однос на останатите испитаници.
Кога го елиминирале влијанието од зголемениот крвен притисок, истражувачите утврдиле дека стресот на работното место може двојно да ги зголеми шансите за дијабетес тип 2.

Во експертското списание „Психоматска медицина“ научниците додаваат дека поранешните студии покажале дека стресот го зголемува ризикот за заболување од кардиоваскуларни болести, пореметување на сонот и намалување на плодноста.
Според експертите, штетното влијание на хроничниот стрес можно е да се намали со вежбање, доволно спиење и правилна исхрана.
(Танјуг - Белград)
|