Протеински фрагменти во крвта на Комодо змејовите имаат антимикробни својства кои им помагаат да развијат отпор кон токсични бактерии и би можеле да ни помогнат при развивање на нови лекови кои ќе можат да се справат со бактериите отпорни на антибиотиците.
Комодо змејот е најголемиот гуштер во светот, кој може да порасне до 3 метри должина и 70kg тежина. Живее на 5 малечки острови во Индонезија, каде што големината и острите заби му овозможуваат да се храни со плен голем колку воден бивол, но тоа не е единствениот разлог зошто не би сакале да бидете гризнати од еден таков – во нивната уста истражувачите имаат пронајдено до 57 видови на опасни бактерии.
Не се потполно познати од каде овие бактерии доаѓаат, но некои научници сугерираат дека причината за нив може да е фактот што Комодо змејовите пијат вода која е контаминирана од канализациите.
Сега, истражувачите откриле како овие гуштери станале отпорни на смртоносните бактерии во нивната уста. Тим од Универзитетот Џорџ Мејсон земале примероци крв од нив, и ги анализирале да видат дали ќе пронајдат траки на KAMП – катјонски антимикробни пептиди.
Овие протеински фрагменти инаку функционираат како основни делови на вродениот имунолошки систем на скоро сите живи суштества и не оддржуваат во живот тие две или три недели додека организмот да не произведе антитела за одредена бактериска инфекција.
Со лабораториски развиена техника, биле користени негативно напојувани наночестички направени од хидрогел за да се заробат пептидите од примероците крв, а понатамошните анализи идентификувале 48 потенцијални КАМП. Од нив, 47 биле деривати на хистонски протеини, кои се познати по нивните антимикробни својства.
Тимот синтетизирал 8 од овие пептиди и ги тестирал против две исклучително опасни врсти на бактерии - Pseudomonas aeruginosa, и Staphylococcus aureus, позната како MRSA. 7 од нив биле ефективни во уништување на двете врсти на бактерии во лабораториски израснати култури, додека едната била ефективна само против Pseudomonas aeruginosa.
Истражувачите се надеваат дека идните студии кои ќе се вршат врз овие пептиди би можеле да доведат до нови антибиотски лекови кои би се бореле против смртоносните „супербубачки“, кои сега имаат развиено отпорност кон антибиотиците.