Британски студент успеал да фотографира единечен атом користејќи обична камера со трипод, што резултирало со добивање на прва награда на натпревар за најдобра научна фотографија.
Авторот на фотографијата сликана со долга експозиција е Дејвид Недлинџер, студент од универзитетот Оксфорд кој атомот успеал да го сликне низ прозорец на комора со ултра-вакуум, користејќи релативно едноставна технологија која вклучувала камера со додаток кој ја зголемувал фокусната должина на постоечкиот објектив на камерата, и трипод.
Научниот процес, пак, кој стои зад фотографирањето на овој атом е далеку од едноставен.
Атомот бил заробен неподвижен од електрични полиња, осветлен од сино-виолетов ласер кој предизвикал тој да ја апсорбира и повторно да ја емитира светлината, што му овозможило да е видлив на фотографијата.
Фотографијата наречена „Единечен атом во јонска стапица“ ја добила наградата за најдобра во категоријата „Научна опрема и капацитети“.
Инаку, се работи за позитивно наелектризиран атом на стронтиум, а електричните полиња кои го држат во место излегуваат од двете игли видливи од страните на сликата – чие меѓусебно растојание е околу 2 милиметри.