Една неодамнешна студија од одделот за физика и астономија од San Francisco State University објави дека од Кеплеровата листа на егзопланети, некои 20-тина од нив имаат потенцијал да се „втора Земја“, поточно на нив постои некоја шанса да се развие живот.
Сега, извештај од германскиот медиум Der Spiegel, цитирајќи анонимни извори, вели дека европски астрономи пронашле нова планета слична на Земјата и тоа во наша близина – сè уште неименуваната планета орбитира околу Proxima Centauri, најблиската ѕвезда до нашиот сончев систем, и тоа во зоната каде што водата на планетата би можела да се задржи во течна состојба, а не да испари или замрзне.
Инаку, Proxima Centauri е дел од Alpha Centauri системот, кој од нашиот Сончев систем се наоѓа на далечина од 4.35 светлосни години.
Der Spiegel не објавил повеќе детали околу ова откритие, освен дека European Southern Observatory (ESO) ќе ги објави своите сознанија при крај на овој месец.
Сега засега, портпаролот на ESO ниту ги потврдил, ниту ги демантирал овие тврдења.