Компанијата Orbbec на Indiegogo ја лансираше кампањата за својата нова 3Д камера, за која веќе не ви е потребен надворешен PC, со оглед дека во неа интегрираа компјутер кој работи на ARM Cortex A17 процесор од 1,8 GHz и Mali-T7 GPU од 600 MHz со поддршка за OpenCL.
Освен процесорскиот оддел, тука се уште и 2 GB DDR3 RAM меморијата, како и интерното eMMC flash складирање од 16 GB, кое може да се проширува со MicroSD картичка до 64 GB.
Покрај тоа, камерата нуди и бројни опции за поврзување па можете да ја споите со LAN кабел, WiFi (dual-band 2,4 GHz/5 GHz), како и Bluetooth. За спојување на монитор или ТВ уред поседува HDMI 2.0 влез, а тастатурата, маусот или надворешната меморија можете да ги споите со USB 2.0 слот.
Што се однесува до функциите на самата камера, Orbbec Persee ви нуди изработка на 3Д филмови, но и опции за управување со помош на гестикулации со надворешни уреди и роботи.
На крај треба да се нагласи дека 3Д камерата-компјутер се испорачува со прединсталирани два оперативни систем во dual-boot конфигурација, па можете да одберете дали ќе работите во Android или Ubuntu Linux.
Од Orbbec наведуваат дека ова е целосно open-hardware проект, па ги поттикнуваат сите ентузијасти да и се „нафрлат“ на камерата и да се обидат да ја користат за свои проекти.