Моќта и силата се добра работа, но само ако се добро менаџирани и искористени. Залудни се доколку се сирови, доколку се трошат ненаменски или неплански, доколку „се фрлаат во ветар“. Тогаш ефектите изостануваат, а вие се прашувате како со толку многу потенцијал е добиен толку мал успех.

Истото се однесува и на компјутерите каде што, како што знаеме, хардверот и „сировата моќ“ е контролирана од страна на оперативниот систем и програмите кои се во него. Но, што ако после подолго време користење забележите пад на перформансите, а сигурни сте дека моќта и силата на самиот хардвер не е променета. Тогаш ќе да е проблемот до менаџирањето и користењето.
Прв осомничен – оперативниот систем кој што очигледно не си ја работи работата.
Дежурни виновници – фрагментиран хард диск и многу процеси кои без потреба работат во позадина и трошат ресурси.
Решение – дефрагментација и ставање ред во процесите и сервисите.
Начин – ги има неколку, но за оваа прилика два бесплатни производи од еден производител Auslogic.

Auslogic Disk Defrag 3.3
Моќна алатка за дефрагментација и менаџирање со слободниот простор на вашите хард дискови и преносни уреди за складирање на податоци (УСБ стикови и останати). Едноставноста за користење и брзината на решавање на зададените задачи се нејзини најважни особини, кои комбинирани со цената (бесплатна) едноставно ја први неодолива, барем за проба.

При старт, програмата ги анализира партициите и преносните уреди кои се прикачени на компјутерот. Резултатите од скенирањето се прикажуваат графички преку блокови обоени во различни бои кои што веднаш даваат слика за тоа каква е состојбата и што се случува со просторот на кој треба да снимаат податоците. Решенијата за евентуално пронајдените проблеми се наоѓаат веднаш над приказот на моменталната состојба, а се презентирани преку паѓачко мени преку кое може да се избере анализа (која е веќе извршена), дефрагментација, дефрагментација и оптимизација на дискот (што е бавна опција и не треба премногу често да се користи) и брза дефрагментација без анализа што може да е корисно кога ви требаат брзи резултати а имате диск со голем капацитет чија анализа може да потрае. И тоа е тоа. Во зависност од големината и состојбата во која се наоѓа дискот, процесот ќе се одвива побрзо или побавно , но на крај работата секако ќе биде завршена. Од останатите дополнителни можности уште ќе ја споменеме само опцијата за дефрагментација по распоред или на англиски scheduled defragmentation која доколку сакате можете да ја активирате и да изберете во кои ситуации или на колку време програмата сама да се активира и да ја извршува избраната функција врз партицијата или дискот кои сами ќе ги дефинирате, без вие да треба да правите било што.
Auslogic Task Manager 2.2

Ако и после дефрагментацијата и оптимизацијата на дисковите нема подобрување, тогаш да погледнеме подетално што всушност се случува внатре во системот. Оние кои повеќе од 10 пати во живот вклучиле Windows знаат за комбинацијата Ctrl+Alt+Delete преку која што се доаѓа до Task Manager-от за кој што слободно можеме да кажеме дека е еден од сегментите во кои Windows најмалку еволуирал. Ако другите работи се променија на подобро, овде и нема некои забележителни (функционални) подобрувања освен можеби во графичкиот приказ и некоја од опциите. Но затоа Auslogic Task Manager 2.2 е сосема друга приказна. Повторно бесплатна програма која што ви ја дава целосната контрола врз програмите, процесите и сервисите кои што работат во системот.

Со клик на секоја од овие секции ви се дава детален приказ за самата апликација/сервис /процес, како и колку ресурси од меморијата, процесорот и хард дискот истите користат во моментот. Ако не сте воделе сметка, долго време не сте го форматирале компјутерот , а меѓувреме сте инсталирале и деинсталирале голем број на програми, ќе се изненадите кога ќе видите колку работи всушност се одвиваат во позадина, а нема потреба од нив. Над приказот се наоѓаат командите со кои што можете да го исклучите процесот, сервисот или апликацијата или пак да откриете со што е поврзан и која апликација (корисничка или системска) го покренала и го користи.

Внимавајте. Доколку не знаете што се случува и немате доволно информации за некој од овие активни сегменти во системот, немојте без дополнителни информации да го исклучувате. Проверете преку опцијата Search FileInspect и прочитајте детално за што се работи и потоа носете одлука за идните чекори. Некои од сервисите се есенцијално потребни за работење на системот, па не сакате да се случи ситуација кога заради забрзување за неколку милисекунди и заштеда на неколку мегабајти работна меморија сте го срушиле целиот систем. Не е пријатно, верувајте ни.
