LoveMK ♥ м-р Жарко Кујунџиски, писател

Нашето сонце ги раѓа највкусните домати

Името на Жарко Кујунџиски е дел од најмладата генерација македонски писатели. Негови авторски дела се: Америка, Најдено-загубено(романи), 13(раскази), Ендрју, љубов и други непогоди (драми), Мојата Сузан повторно девојка(песни) и Најкраткото долго(есеј). Најголем успех постигнал со романот Spectator кој е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со пет изданија. Преведува книги, учествува на фестивали и објавува за наши и странски медиуми. Уредник е на издавачката куќа „Антолог“ и на електронското списание Репер(www.reper.net.mk).

Кој е твој синоним за Македонија?

Сонцето. Докажано е, во нашиот млечен пат сите небесни тела ги има во повеќе примероци, но сонцето е само едно, единствено. А, сонцето е Македонија. Е, сега, ние викаме дека е од Кутлеш, Грците дека е од Вергина, ама нашето е потопло, бидејќи е на црвена основа. И бидејќи ги раѓа највкусните домати за шопска. Што друго да кажам на темата. а што претходно не го отпеал Дадо Топиќ?

Омилен македонски писател и дело?

Понекогаш како народ сме инвентивни колку и човек што кревет го асоцира на спиење. Ги читам сограѓаните како одговараат на прашањето што сега ми го постави, а цело време во игра се вртат истите четири-пет имиња на писатели. Веројатно на сите омилен предмет во училиште им бил препишување лектира саат време пред часови. Да ја сведеме македонската литература на четворица автори е како да кажеш дека само четворицата револуционери кои се спомнуваат во нашата химна се заслужни што Македонија е самостојна. Во некој повеќе, во некој помалку, но кај секој македонски писател може да најдете нешто што ќе ви стане омилено.

На прашањата во споменарите кои девојчињата ми ги буткаа под клупа секогаш одговарав кратко.

Омилена девојка? Сите.

Омилено јадење? Сите.

Омилена пијачка? Сите.

Омилена книга? Сите.

Така што, на прашањето омилен македонски писател, мојот одговор гласи... Сите, особено ако се девојки со кои седиме на ручек, испробуваме пијачки и тоа што следи потоа е толку интересно што вреди книга да се напише.

Дали и во кој период од годината Македонија најмногу те инспирира?

Ме инспирира преку цела година и во позитивна и во негативна смисла. Тука решив да зборувам само околу пријатните нешта. Во јануари снегот до над глава уште сабајлечки ме инспирира да удрам две наместо една ракија. Во февруари ме инспирира чкембе-чорбата во Букет со другар ми Филип, а јас со замаглени очила. Во март, почеток на слабеење на кеј со Гиле, како алиби да заседнеме во некое кафанче во Дебар Маало. Во април, Саем на книга. Мај е месец за домашна скара со пиво.

Во јуни ме инспирираат вргањите кои сакам да ги берам и да ги подготвувам за јадење. Во јули уживам во пусто Скопје. Јас, девојчето, велосипеди и градот. Идеална комбинација. Август е месец за патувања. Да се открие Македонија што едвај чека авантуристи како мене, кои би се бутнале и во мечкина пештера. Во септември ме инспирира Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Во октомври ме инспирираат печените костени во комбинација со џез. Во ноември ме инспирира сеќавањето на Градскиот парк во деведесеттите. Грч ладно, а јас вријам, бидејќи топлам дланки од каминот наречен женско коленце. Во декември ме инспирира да се качам со кола на некој планински врв за таму да не ме следи око ничие, што би рекол Конески. После тоа, се враќам дома и најпосле пишувам.

Преспа или Дојран?

Берово и Пехчево. И таму има риба, езеро, блиска граница, водопади и петстотини други керифекии. Да не отворам апетит уште на почеток од недела со муабети за сирење, компир-салата, печурки, бурум(боровници), шумски јаготки, аронија, дивеч, хаха. А, можам да редам уште! Струмица поради прекрасните Струмичанки. Охрид поради сè, освен услугата. Битола поради Широк Сокак. Струга поради пастрмка и шприцер. Преспа поради една Штипјанка. Кокино поради тоа што ми покажа како на куп камења да не гледам само како на куп камења. Дојран поради една фотографија од 1982 година на која јас сум гол клинец на плажа, а сите други по купаќи. Имам јас повеќе за кажување, отколку вие простор за објавување.

Во случај да постои временска машина во која година би сакал да те однесе?

Ако некој тука евентуално смисли временска машина и се обиде да прави пари, ќе му пропадне бизнисот. Македонија е уникатна, бидејќи на исто место паралелно опстојуваат сите историски периоди. Што ќе ми е да патувам во минатото кога уште бавно излегуваме од социјалистичката сенка, кога турско време пак ни дојде, кај со ќебапи и баклави(што е послатката страна), та и со чичковци со епски бркови и напнати свекрви кои секој ден плашат деца и снаи од телевизори, кога раскошот на Византија и трагите на ренесансата ги имаме како вечен свод во црквите и манастирите, кога Александар Македонски и роднините до четврто колено се вратија каде што припаѓаат. Во Македонија навистина цело е кога има сè.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...