LoveMK, Ивица Челиковиќ, новинар и писател во Шведска

Во Македонија има 1001 причина за возбудливо дружење

Ивица Челиковиќ е професионално ангажиран како генерален секретар на Македонскиот сојуз во Шведска и уредник на радио-емисијата „Македонски глас“, која се емитува во Гетеборг. Дописник е на МИА од Скандинавија, а познат е и по својот долгогодишен ангажман како дописник на МРТВ од Шведска. Од неодамна е претседател на Македонското поетско друштво „Дениција“, кое дејствува во рамките на Македонскиот сојуз, а член е и на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели. Има објавено шест поетски книги и еден роман, а наскоро од печат ќе излезе неговиот нов роман. Превел преку 20 дела од шведски писатели на македонски, а преведува и македонска литература на шведски јазик. Добитник е на многу награди и признанија. Лани во Струга, во рамки на програмата на фестивалот Струшки вечери на поезијата, му беше врачена наградата „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга од автор во дијаспората.

Како со една реченица би ја опишале Македонија?

Ако веќе постои некоја трајна фасцинација, која во мене се преточува како силен одблесок од Македонија, тогаш тоа веројатно е ѕвезденото небо над моето родно Скопје, кое сонот во летните ноќи во тој простор го исполнува со леснотија.

Лесно ли е да ја претставувате Македонија во Шведска и што најчесто Ве прашуваат?

Не е лесно да ја претставите Македонија во Шведска, имајќи предвид дека во Шведска живеат педесетина емигрантски заедници од разни делови на светот и сите тие се носат со амбиција пред пошироката јавност да ја претстават својата земја, сопствената култура и традиција. Со други зборови, конкуренцијата на тој план е изразена и мошне голема. Ние, во рамките на дејноста што ја спроведува Сојузот на македонските здруженија во Шведска, правиме напори за афирмација на македонската култура во овие простори и за јакнење на шведско-македонските врски во повеќе области. Ја организираме манифестацијата „Ден на македонската поезија во Шведска”, единствена манифестација од таков вид која, секоја година се одржува во редовите на македонската дијаспора во Западна Европа.

Годинава нашата поетска манифестација ќе се одржи на 6-ти април. Гости од Македонија ќе ни бидат писателите Венко Андоновски и Славе Ѓорѓо Димоски. Правиме напори и преку нашата традиционална манифестација „Ден на македонската култура во Шведска“ да презентираме лепеза на културни активности кои се одвиваат во нашите здруженија. Настојуваме да земеме учество во разни проекти со кои Македонија се претставува во Шведска. Сето ова придонесува за ширење на добриот глас за Македонија. Но, за жал, се уште има многумина Швеѓани на кои не им е сосема јасно каде се наоѓа Македонија. Нив најмногу ги интересира какви се можностите за туристички посети во Македонија, какви се сличностите на македонскиот јазик во однос на другите јазици во соседните земји, односно, дали меѓу македонскиот, српскиот, хрватскиот итн. постојат сличности како меѓу шведскиот, норвешкиот, данскиот... Прашуваат и за македонските вина, но, за жал, вината од Македонија и понатаму се речиси непознат производ на шведскиот пазар, кој е еден од најсофистицираните пазари за продажба на вино во Европа. Низа непознаници меѓу Швеѓаните се поврзани и со нивни предрасуди во однос на Балканот, но не верувам дека ситуација е подобра доколку се погледне од обратна перспектива. Имено, колкумина Македонци можат да се пофалат со пошироки познавања на спецификите што ја чинат посебноста на Скандинавија? Да се надеваме дека проектот ЕУ ќе продолжи со својот растеж, и своето продлабочување, а со цел да ги доближиме и ублажиме разликите.

Ако имате викенд само за себе каде и со кого би го минале?

Веројатно би требало да кажам-во Охрид, бидејќи така и чувствувам. Но, во последните години се повеќе ме атрахира убавината на планинските предели во Македонија, кои нудат одлични претпоставки за обновување на телесната и мисловна енергија. Еден таков викенд би сакал да го минам, заедно со семејството и најблиските, некаде на Пелистер, или, на пример, во Крушево.

Тетово или Велес?

Дилемава не е лесна. Но, ќе се определам за Велес. Од носталгични причини. Во текот на 1980-те години, кога работев како новинар во Културната редакција на Македонското радио, често престојував во Велес, каде што ја следев манифестацијата „Рацинови средби“. Сеќавањата од Велес се уште ги носам во мене како дел од меморираниот мозаик од тоа време.

Што има(во) Шведска што нема(во) Македонија и обратно?

Шведска има висок углед во меѓународни рамки по својот исклучително сериозен пристап и однос кон заштитата на животна средина, особено во големите градски центри. Со оглед на својата исклучителна природна убавина и богата културна понуда, и добра инфраструктура, Шведска е и мошне привлечна туристичка мета. Шведска има мир и непречен општествен развој кој трае повеќе од 200 години и како земја е позната во светот по својот специфичен општествен модел на благосостојба, социјална правда и солидарност. Се разбира, Македонија, како помлада држава, соочена со политички и економски тешкотии, се уште не може да се пофали со стабилност на своите институции, а поради што ќе биде потребно уште многу труд за зајакнување на демократскиот систем на владеење во Македонија. Од друга страна, Македонија е земја во која дружењето е возбуда, во која, луѓето, за разлика од скандинавците, полесно се отвораат, но и полесно избувнуваат и понекогаш не ја одмеруваат тежината и острината на изречениот збор. Македонија-гледано низ призмата на Западна Европа е земја во која не се живее лесно, но во која едновремено има илјада и една причина и многу убави поводи да почувствувате добро расположение.

И. Николовски



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Двајца излегле со своите жени низ чаршија да се прошетат но и двајцата ги изгубиле своите жени.
И почнале да ги барат.Барајки ги жените и двајцата се судриле.Првиот рекол:Извини...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
570.- Во Мека е роден Мухамед, основач на...
1653.- Водачот на Англиската револуција Оливер...
1657.- Англиската флота, под команда на адмирал...
1768.- Умре италијанскиот сликар Каналето, еден...