Марина Мичиќ

Патувам од љубов и заради љубов

Скопјанката Марина Мичиќ е вистински светски патник. Патува од рана возраст, а посетила некои од најатрактивните и најегзотичните светски дестинации. Како дипломиран архитект, ја комбинира желбата за запознавање различни традиции, со професионалниот порив да ги види одблиску најубавите градби на планетата...

Зад Вас се десетици посети на атрактивни и интересни места на неколку континенти. А, кога почнавте со патувањата?

Патувам од многу рана возраст. Се разбира, на почетокот со родителите, а потоа сама или во друштво со блиски луѓе. За мене важи дека патував од љубов и заради љубов. Сакав да ги откријам сите тие дестинации, да дознаам што може повеќе за нив, да се запознаам со архитектурата во различни краеви од светот, но и да бидам со луѓето што ги сакам. На почетокот ја имав среќата мајка ми да работи во „ЈАТ“, што ни овозможуваше многу погодности при обезбедувањето авионски билети. Така уште како девојче видов неколку од најубавите европски градови. Првото самостојно патување го имав на 17 години, кога моите ми дозволија да отидам сама во Лондон, каде останав три месеци. Тоа беше многу храбар потег од нив, во време без мобилни телефони и интернет , но имаа доверба во мене. Престојот таму ми ја зголеми уште повеќе желбата да одам на разни места, да посетувам интересни градови, да видам лично нешта кои инаку може да се видат само на телевизија или на фотографии. Многу очекував од можноста да користам сервис-билети на „ЈАТ“ кога ќе почнам со студиите, меѓутоа набрзо се распадна Југославија, и таа опција веќе не ми беше достапна .

Која Ви е првата од таканаречените егзотични дестинации и имате ли некој свој принцип кога се подготвувате за патување?

Во 1999 година го посетив Тајланд и тоа ми беше првиот интерконтинентален лет. Јас сум од оние туристи, кои сакаат самите да си го организираат патот. Кога одам во агенција за да договорам аранжман, барам да ми овозможат посета на конкретни места, кои често не се во рамките на предвидената тура. За жал, во Скопје нема агенции кои работат на тој принцип, но за среќа, ги има во нашата околина, пред се’ во Белград и во Загреб. Тоа барање посебни нешта понекогаш го поскапува патувањето, меѓутоа јас и натаму го практикувам, бидејќи на тој начин го добивам она што сакам да го доживеам, искусам, видам..., иако може да ве доведе понекогаш и во непријатна ситуација.

Дали Ви се случувале често непријатности?

Не, но имало неколку ситуации. Особено паметам една, токму од тоа прво патување во Тајланд. По десетина дена поминати во Бангкок и во Патаја, ни стана здодевно, па помисливме дека би било добро да ја искористиме близината на Хонг Конг, и да го видиме и тој град. На самото место уплативме посебен аранжман за авионски лет и престој од пет дена, а претходно ги прашавме локалните власти дали ќе ни важи тајландската виза штом излеземе од земјата, затоа што треба да се вратиме, за да се придружиме на групата со која бевме дојдени. Рекоа дека нема никаков проблем и сосема мирни заминавме за Хонк Конг, каде поминавме фантастични пет дена. Меѓутоа, уште на самото враќање почнаа проблемите. Прво, го пропуштивме летот за Бангкок (задоцнивме една-две минути на чекирање) што беше голем шок, бидејќи следниот ден требаше нашата група да лета за Европа. Имаше авион малку подоцна, само што моравме да платиме нови билети. А, немавме доволно пари. За среќа, заради временската разлика, се’ уште работеа банките во Скопје, па им јавивме на нашите дома да ни уфрлат во картичките. И тоа го решивме во последен момент, но вистинскиот проблем настана кога се вративме во Тајланд. Аеродромските власти ни соопштија дека визата важела за само едно влегување и оти нема да не’ пуштат да влеземе. Ништо не помагаше објаснувањето дека од нивни колеги во Патаја добивме информација дека ќе може слободно да се вратиме. Се создаде многу непријатна ситуација, бидејќи се собра околу нас цела група полицајци. Тајланд е земја со ригорозни закони за шверц на дрога, а многу сомнително им е кога ќе видат двајца млади Европејци, кои поради некаков проблем се заглавени на граничен премин. Но, еден од полицајците се смилува, веројатно сфаќајќи дека ја зборуваме вистината, и ни дозволи телефонски разговор, односно да му се јавиме на водичот во Патаја. Замоливме да влезе во нашата хотелска соба и да ни ги донесе работите со кои бевме дојдени. А ние, мораше да преседиме цела ноќ во транзитната зона на аеродромот во Бангкок и да ја чекаме групата. Ни останаа во хотелот и неколку парчиња облека и накит, но бевме среќни што извлековме „жива глава“. Друга непријатност, или поточно речено непријатно чувство кое го паметам, е посетата на џунглите на Борнео. Јас имам фобија од змии, до неодамна не можев да ги гледам ни на телевизија, а таму ве предупредуваат дека во секој момент може да се сретнете со некој „примерок“. Се разбира, дека има професионални водичи, кои максимално се грижат за безбедноста на туристите, меѓутоа едвај чекав да излеземе од таму и се вратиме во цивилизираниот дел од островот.

Дали ваквите патувања се многу скапи?

Тоа зависи од дестинацијата и од времето што ќе се помине, но секако не се евтини за нашиот стандард. Минималната цена е околу 1.500 евра за еден човек, а може да достигне и до 5.000 евра, па и повеќе. Со оглед на тоа што треба да се плати долг авионски лет, престој од две до три недели и обиколка на специфични места, трошоците обично се делат на три приближно еднакви дела: за патот, за сместувањето и храната, и за локалните тури.

Во кој од градовите што сте ги виделе, најмногу би сакале да живеете?

Прво ќе кажам дека ја сакам егзотиката и природата, но за живеење секогаш избирам место, кое е максимално урбанизирано. Мој омилен светски град е Буенос Аирес. Таму ми се допаѓа се’. Луѓето се физички многу убави, постојано насмеани, страсни, внимаваат на облеката, манирите и мошне се љубезни и топли. Времето е, исто така прекрасно - никогаш многу студено, но никогаш и претопло. А, она што мене професионално ме интересира, архитектурата, е фасцинантна. Во Буенос Аирес лесно би можела да се прилагодам. Што се однесува до европските градови, многу ги сакам Барселона и Валенсија.

Кои дестинации досега не сте ги посетиле, а би сакале?

Бидејќи големо внимание посветувам на духовната сфера, голема желба ми е да го видам Тибет. Знам дека е и тоа премногу искомерцијализирано и не сум сигурна дека ќе го затекнам она што си го замислувам, но сепак би сакала да ги посетам тие храмови и да ја почувствувам атмосферата во нив. Исто така, не сум била во Индија, и таа е мојата втора желба за следно патување.

Што им препорачувате на потенцијалните глобтротери, оние што сакаат како Вас, да отидат онаму каде што од овие краеви не се оди често?

Најважна е добрата подготовка, односно собирање што повеќе информации. Денес, со интернетот, тоа е прилично лесно и треба да се искористи. Многу поубаво ќе си поминете доколку уште пред тргнувањето знаете каде сакате да одите и што да видите. Кога бев на западниот брег на САД, уште од Скопје резервирав билети за НБА и за хокеарски натпревар, музички концерти и за претстава на Cirque du soleil (кој го обожавам) во Лас Вегас, што е според мене неповторливо доживување.

Во Танзанија и Кенија бев на сафари. Африка е извонредно убава, особено овој дел, со непрегледната савана, каде шетаат околу вас лавови, жирафи, зебри, слонови… Она што го расипува впечатокот е големата сиромаштија. Луѓето живеат во минијатурни колиби направени од гранки и кал, немаат струја и вода, лекарска заштита, ниту нормално образование. Некои пијат директно од Викториините езера, поради што има чести случаи на цревни заболувања. Во Танзанија, посетив и село на племето Масаи, кои барем во тој регинот се’ уште живеат според старата традиција, што значи дека мажот има онолку жени колку што може да купи. А ги купува со крави - од две-три, па нагоре за една жена, а се хранат со крв и месо од животните, односно млеко и сирење од кравите.

Куба е земја на контрасти. Јас не си заминав многу среќна од таму, бидејќи на самото место не ја доживеав романтичната слика, со која пристигнав. Народот е прилично сиромашен, а масовно доаѓаат луѓе од Западот заради забава. Целата економска политика е базирана на доларите и еврата од странските гости. Секој производ има две цени, една за домашните луѓе и друга, неколку пати повисока, за туристите. Во принцип, нема многу производи што може да се купат, а познатите пури или румот се со иста цена како во било кој фришоп. Добрата работа на Куба се бесплатните здравство и исклучително доброто образование, убавата музика, специфичниот амбиент, прекрасното море.,, Да се види е добро, но не би се враќала таму многу често.

Од Перу, исто така, имам поделени впечатоци. Историјата и традицијата на Инките е фасцинантна, додека природата не остава силен впечаток. Таму се Андите, но поради големата надморска височина, речиси се’ е пусто. Нема многу вегетација и буен живот. Затоа пак, да се видат Мачу Пичу и Куско е нешто што многу го посакував. Додека одите по некои од патеките таму, имате чувство како да поминувате од еден век во друг. Инаку, Куско, главниот град на империјата на Инките, се наоѓа на повеќе од 3.000 метри височина, поради што не е погоден за луѓе со здравствени проблеми. Поради недостигот на кислород, се отежнува работата на срцето и се спојува горниот со долниот крвен притисок, така што често се чувствувате зашеметено, со главоболки и тешкотии при дишењето. Перуанците тоа го „решаваат“ со листови кока, која е достапна во секој хотел и масовно се џвака или пие чај од нив. Можам да кажам и дека помага :).

За Чиле само ќе издвојам дека има фантастична кујна. Јас обожавам морска храна, а чорбата од морски плодови што ја јадев во Сантијаго е нешто досега неповторливо за мене.

На Хаваите сум била трипати. За разлика од Карипското море, таму е водата постудена, бидејќи сепак, се работи за океан. Само тоа може малку да го расипе впечатокот, како и чувството на изолираност - најмалку четири-пет часови лет до најблиското копно. Инаку, се’ друго е како што може да се замисли и посака. Таму ја остварив мојата голема желба, да летам со хеликоптер. А посебно кога сте над толку убаво и егзотично место со прекрасна и неповторлива природа, летот останува незаборавен во мојата меморија.

Израел е земја, која многу сакав да ја посетам и на секого ја препорачувам. Тел Авив е многу убав и организиран (го нарекуваат Белиот град, поради големиот број објекти изградени во Баухаус стил), Мртвото море е природен феномен, а рекат а Јордан посебно важна за нас христијаните. Ерусалим, пак, е град каков што ни приближно нема друг на светот. Особено посебен е стариот дел од Ерусалим, со своите христијански, муслимански, еврејски и ерменски дел. Да се оди од еден во друг и да се почувствува тој амбиент е нешто што се памти целиот живот.

Карипското море е, според мене, најубавото на светот. Ги поминав со крузерот “Allure Of The Seas”, кој е моментно најголем брод на светот. Тоа е цел град на вода, со речиси 6.500 гости и 2.500 луѓе во екипажот. Тргнавме од Мајами и посетивме неколку убави места во тој дел : Хаити, Јамајка и Козумел - остров кој припаѓа на Мексико. Таму ја искористивме можноста за одење на deep sea fishing , односно риболов на отворено море. Во пристаништето постојат агенции, каде може да уплатите тура и за цена од сто и нешто долари за еден човек, ќе си ја испробате среќата во лов на големи риби. Ние четворица, кои бевме на тој риболов, уловивме туна и баракуда.


<BR)Миодраг Мишолиќ
На Allure of the seas, најголемиот брод на светот
Буенос Аирес, градот во кој би живеела
Со уловените туна и баракуда, на островот Козумел
На Куба, пред Че Гевара...
... и до Ернест Хемингвеј
Шарената, забавна страна на Хавана
На плажа во Хонолулу
На водопадите Игуацу, во Јужна Америка
Кај ѕидот на плачот во Ерусалим
Масада + Мртво море
Реката Јордан
На сафари во Кенија
Покрај Викторииното езеро
Во Танзанија
Во друштво на Масаи
Мачу Пичу - Перу
Чиченица - Мексико
Мерида - Мексико
Теотихуакан - Мексико
На НБА натпревар во Лос Анџелес
Најубава чорба од морски плодови се прави во Чиле
Вал Гардена, Италија
На егзотичниот Занзибар



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...