Стево Пендаровски, експерт за безбедносни прашања

Груевски и не требаше да оди во Чикаго, а ни Иванов

„Премиерот не требаше да оди во Чикаго, исто како што немаше потреба македонската делегација да ја предводи шефот на државата, за која одамна се знаеше дека таму ќе доживее уште еден неуспех на меѓународен план. Меѓутоа, ми изгледа неверојатно дека претседателот заминал за Чикаго без претходна консултација со премиерот, а министерот за надворешни без согласност од својот шеф“, вели професорот Стево Пендаровски, еден од најголемите авторитети во државава за безбедноста и надворешната политика, како и претседавач на Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции во опозицискиот СДСМ...

Помина уште еден самит на НАТО без да ја добиеме поканата за членство. Дали ова прашање веќе престанува да биде важно за Брисел, Вашингтон, па и за Скопје?

Претпоставувам никој сериозен во земјава не верува дека влезот на Македонија во НАТО е критичен факт за одржување на светскиот мир. Нашето членство беше дел од еден поголем проект во пост-комунистичката епоха за проширување на јужното крило на НАТО и на интересите на Западот во целина, и тој е практично завршен - речиси сите околу нас се во Алијансата. Значи, во овој момент ние би требало да имаме далеку поголем мотив за влез во таа организација отколку Брисел и Вашингтон што имаат за наш влез во НАТО.

Во заклучоците е практично повторен ставот од Букурешт за потребата од решавање на спорот за името. Како ги толкувате заклучоците од Чикаго?

Како очекувани во делот на проблемот за името. Меѓутоа, за македонската јавност веројатно ќе биде изненадување делот во кој од нас бараат „дополнителни напори да се изгради мултиетничко општество “, што според мене се однесува на тензиите, кои по таа линија се видливи во изминатиот период и кои го поткопуваат Рамковниот договор, каде САД и ЕУ се ко-потписници. Бидејќи станува збор, пред се’ за безбедносна организација, логично е дека таму со посебно внимание ги нотираат потенцијалните безбедносни жаришта кои можат да додадат нови критериуми за наш прием, се разбира, ако после се’, воопшто постои интерес за такво нешто во Скопје.

Многумина велат дека решение нема затоа што Американците не притиснале како што знаат. Вистина ли е тоа и дали само наметнувањето е принцип на кој функционираат работите на овие простори?

Во историја на овој спор САД најмногу притиснаа пред Букурешт, но и тоа не беше доволно за наш влез, што на најдобар начин го демантира кафеанското разбирање на меѓународната политика, дека единствено е важно САД да имаат волја да се ангажираат. Иако САД се повеќе години практично дистанцирани од нашиот регион, мојата проценка е дека само екстерниот притисок нема да биде доволен за да се реши проблемот, при отсуство на недвосмислена политичка волја и во Атина и во Скопје.

Зошто спорот не се реши во времето кога и Вие бевте во кабинетите каде што се одлучува за најважните државни прашања? Што ја спречуваше тогашната власт, од 2002 до 2006, да се избори за поволна опција?

Толку зборувавме за новата политичка реалност создадена по самитот во Букерешт во 2008-та, што ја заборавивме старата реалност која постоеше пред тоа. Претпоставувам дека за дел од помладата генерација или за партиските проследувачи на спорот е чудно, но вистина е дека таканаречената двојна формула имаше позитивни ефекти за нас повеќе од една деценија. Мало потсетување: кога таа стана товар наместо наша предност? Јавно познат податок е дека дури во јуни 2007-та, значи десет месеци по доаѓањето на власт на новата Влада во Скопје стигна првата најава од Атина дека Македонија нема да може ниту под ФИРОМ да влезе во НАТО. Во сите изминати години пред тоа грчката Влада не бараше дефинитивно затворање на спорот, туку не „ пропушташе “ во меѓународните форуми под привремената референца, вклучувајќи го и добивањето на статусот на кандидат за ЕУ. Значи, потполно истите луѓе на чело на грчката политика, Караманлис и Бакојани, за една година темелно го променија својот став кој ниту една влада во Атина со години пред тоа не го менуваше. Што во меѓувреме започна да се случува во Скопје во делот на идентитетското редефинирање на нацијата - на сите ни е познато.

Дали премиерот постапи правилно што не отиде во Чикаго? Што ќе променеше неговото присуство?

Премиерот не требаше да оди во Чикаго, исто како што немаше потреба македонската делегација да ја предводи шефот на државата, за која одамна се знаеше дека таму ќе доживее уште еден неуспех на меѓународен план. Меѓутоа, ми изгледа неверојатно дека претседателот заминал за Чикаго без претходна консултација со премиерот, а министерот за надворешни без согласност од својот шеф.

Како опозиционер, претпоставувам не се согласувате со политиката што ја води актуелната власт. Но, имате ли разбирање за фрустрациите со кои е таа соочена (во светлина на интервјуто што го даде премиерот за МИА), поради ригидниот став на НАТО и ЕУ: „име, па се’ друго“?

Кога станува збор за фрустрациите на политичарите соочени со пречките кои се поставуваат пред Македонија, тие се наша константа, за жал, повеќе од 20 години. Мислите дека немало фрустрации во државниот врв по Лисабонската декларација, која користи стравична антимакедонска реторика? Но, македонската јавност никогаш нема прочитано интервју од Киро Глигоров, на пример, во кое има толкава малодушност и чувство на бесперспективност. Во врска со последното интервју на Никола Груевски мене само една работа не ми е јасна : дали премиерот за двојните колосеци во меѓународната политика и користењето на помалите држави од страна на поголемите разбрал сега или тоа го знаел уште кога се нафаќал да ја води државата? На човечко ниво го разбирам неговиот гнев, но изненаден сум од неговото непознавање на принципите според кои функционира меѓународната политика и тоа не од вчера, туку - со векови.

Верувате дека е можно да дојде до повлекување на нашите војници од мисиите на НАТО и што ќе значи тоа за нас, а што за Алијансата? Добивме ли ние нешто од тоа присуство во Авганистан и во Ирак, освен повремено тапкање по рамо?

Повлекување од Авганистан, според својата суштина е одлука со второстепено значење и нејзината симболика би била евентуално да ја најави покрупната одлука, а тоа е наше повлекување од кандидатурата или ставање под мораториум на тој долгогодишен стратешки приоритет. Инаку, нашето учество во Авганистан досега имаше неспорна логика затоа што подразбираше повратна политичка поддршка, најмногу од САД, за нашата кандидатура за членство. Но, во услови кога нашите односи со Вашингтон се на историски минимум, таква поддршка повеќе не можеме да очекуваме. Затоа и не чуди што во последните месеци пред Чикаго, но и за време на самитот немаме ни близу таква американска поддршка како пред четири години во Букурешт.

Со евентуално запирање на европската финансиска помош, Грција за неколку недели ќе остане без пари дури и за храна, која во поголемиот дел ја увезува. Колку истата опасност ни се заканува и нам ако продолжи „замрзнатиот“ статус кон евроатланските интеграции и дали НАТО повеќе ни треба заради економијата или заради безбедноста?

Паралелата меѓу Македонија и Грција, и интеграцијата во НАТО не е точна до крај, бидејќи Грција е членка 60 години, а сега се соочува со финансиски колапс. По граѓанската војна Грција беше исправена на нозе и во економска и во безбедносна смисла со Трумановиот план и со членството во НАТО во 1952 година, така што Атина во оваа смисла нема таква потреба од Алијансата денес колку што имаме ние. НАТО и’ треба на Македонија не за да ја брани од напад на странски армии, туку за дефинитивно да го поправи нашиот имиџ на земја на крстопат. Патем, точно е дека членството во Алијансата придонесува за странските инвестиции повеќе од било која рекламна кампања на Си-Ен-Ен. Ако зборуваме за ситуации надвор од НАТО контекстот, постојат сличности меѓу Македонија и Грција во темпото на задолжувањата на земјата, но тоа нема врска со регионалната безбедност или опстанокот на државата, туку со популистичките политики за купување на електоратот, кои ни станаа секојдневие.

Зошто е проблем да побараме стратешко партнерство на друга страна, на пример со земјите БРИК (Бразил, Русија, Индија, Кина)? Заради географијата, економијата или бројноста (на населението)?

Едноставно, тие земји такво нешто не им нудат на држави со ваква големина и влијание. Не заборавите, Русија која од набројаните е најблиску до Балканот, никогаш на ниту една балканска држава, ниту на Србија, не и’ понудила членство во регионална организација како алтернатива за НАТО и ЕУ, освен билатерална соработка во различни области. И нешто многу поважно - организациите во Евроазија, каде Русија и Кина се лидери, не поставуваат критериуми за влез, па затоа таму членуваат и школски примери на авторитарни режими. Клучната придобивка која, за жал, ние не ја препознаваме кај евроатлантските организации е токму потребата од усогласување со нивната легислатива и практики на демократијата. Денес, според сите индикатори за демократски и економски слободи на релевантни меѓународни институти, од Фридом Хаус преку фондацијата Херитиџ до Светската банка, членките на ЕУ или кандидатите за членство се подобри од било која друга држава која не поминува низ тие трансформативни процеси.

Во Србија се случи победа на Томислав Николиќ над Борис Тадиќ. Од реакциите на социјалните мрежи може да се заклучи дека Македонија жали за Тадиќ. Очекувате промената на претседателот да значи и промена на политиката, односно враќање на состојбите пред 2001 година?

Промена на политиките ќе има затоа што новиот српски претседател и според персоналниот стил и според политичката филозофија во која верува е различен од неговиот предходник. За идните политики на Србија е многу важно кој ќе ја предводи новата влада. Ако остане истата коалиција како и досега битни промени на курсот нема да има затоа што уставната позиција на претседателот таму не е посилна од онаа на Владата. Но, ако Српската напредна странка ги држи двата кабинета не можам да исклучам извесни проблеми во српскиот пат кон ЕУ, затоа што нивниот главен проблем е Косово, а по тоа прашање Николиќ и неговата партија тешко можат да бидат пофлексибилни од Тадиќ. Инаку, во однос на регионот, српската доминација од 1990-тите е дел од историјата, и тој факт им е добро познат на сите релевантни политички фактори во Белград. Патем, не сум сосема сигурен дека во Македонија, Тадиќ има повеќе симпатизери од Николиќ.

Исходот од српските избори потврди дека харизмата, стилот и личниот шарм на лидерот не се доволен аргумент за убедување на гласачите. Најголемата опозициска партија, СДСМ, во која сте претседавач на Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции, најави за наскоро серија митинзи низ Македонија. Но, што е со економската програма, зголемувањето на продуктивноста, вработувањата, перспективата за младите...?

Ако излезам за момент од „ моите ресори “ , би можел да потсетам дека на минатогодишните парламентарни избори СДСМ ја имаше неспорно најдобрата економска понуда на политичкиот пазар, која за разлика од конкурентската содржеше реална понуда, а не фикции. Таму се зборуваше за инфраструктурни објекти и капитални инвестиции, а не за споменици и вработување на државни јасли.

Анкетата на Дневник за рејтингот на партиите, според која СДСМ заостанува зад ВМРО ДПМНЕ 3,5 проценти беше дочекана како поволна за опозицијата, бидејќи се очекуваше поголема разлика. Меѓутоа, ако се направи анализа од последните избори, ќе се види дека владејачката партија доби приближно толку гласови повеќе (сооднос 1,18:1), што значи дека на Груевски му е сегашната предност сосема доволна за да ја освои власта повторно. Дали во СДСМ можат да бидат задоволни од сегашниот рејтинг, со оглед на тоа дека до локалните избори има неполна година?

Да не го заборавиме појдовниот факт : истата агенција на последното мерење пред ланските избори прогнозираше сооднос 24 : 16, за на 5 јуни да го добиеме соодносот кој го цитиравте. Се разбира, промашувањето не беше резултат на некомпетентноста на конкретната агенција, туку на атмосферата на недоверба и страв која владее во последниве години кај нас. Значи, ако на последното јавно изјаснување од овој тип во иста, ако не и во полоша атмосфера од лани имате разлика од само 3,5 проценти, тогаш логична претпоставка е дека главната опозициска партија, првпат од 2006. постепено го презема водството.

Миодраг Мишолиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...