Воопшто не бев свесен што е тоа што го правам

Кравите не пијат млеко

Кристијан Винсент беше гостин на Францускиот институт во Скопје. Најновото негово дело L'hermine се најде на програмата на Францускиот филмски фестивал кој минатиот месец се одржа во Скопје и Охрид, а дел од фановите имаа можност да се запознаат со Винсент на неформална средба во центарот на Скопје. Идивиди имаше задоволство да поразговара со Винсент за неговите дела, за влијанијата и за самиот процес на снимање.


Кристијан Винсент

Господине Винсент, вашиот последен филм, L'hermine кого имаше можност да го погледне и македонската публика во рамките на Францускиот филмски фестивал на IMDb може да се најде во повеќе жанрови. Драма, крими филм, комедија... И теми од истите жанрови можете да ги пронајдете како микс во овој филм. На пример следиме судска драма за трагичната смрт на 7-месечно бебе, а преку самите ликови,  филмот успева да има и доза хумор, со оглед на сложениот дел од приказната. Како успевате да го пронајдете хуморот во овој филм?

Во сè може да се пронајде нешто хумористично. Сметам дека тоа ми е можеби мотото според кое живеам и работам. Дури и во најтешките и мрачните моменти во животот, ако не ја пронајдете ведрата хумористичната страна тогаш која е поентата на живеењето на тој живот?

L'hermine е ваша втора заедничка соработка со актерот Патрис Лучини, по таа во La discrète од 1990-та година. Која беше причината за повторниот кастинг на Лучини во најновиот проект, по пауза од 25 години и кои се паралелите кои можете да ги направите помеѓу тие две соработки и времето меѓу нив?


Патрис Лучини и Кристијан Винсент

Еве да се изразам малку поинаку... Двајцата ја изгубивме нашата „филмска невиност“ со првиот заеднички проект. La discrete. Кога го правев филмот, јас воопшто не бев свесен што е тоа што го правам, а Фабрис не очекуваше дека филмот ќе го има успехот кој го имаше. Ние го направивме La discrete сосема невино, а сега начинот на кој го снимавме L'hermine е комплетно различен. Пред 25 години, кога дојдов на сетот мислев дека практично сè сум завршил. Но, кога го создавате својот прв филм секогаш е тешко. Тоа е борба. Кога почнувате да го пишувате сценариото не знаете дали ќе одите до крај. Пред вас се наоѓа Монт Еверест кој треба да го искачите. Кога ќе дојдете на снимање веќе голем дел од работите сте ги поминале и затоа веќе сметате дека голем дел од работите сте завршиле. И сега кога ќе се вратам наназад сметам дека бев мрзелив кога го снимав тој филм. Мислам дека сценариото ми беше подобро од самиот филм како целина. Мојата цел сега по 25 години од дебито е филмовите да бидат подобри од сценаријата кои ги пишувам и мислам дека успеав со L'hermine.

Тоа што фасцинира во главниот лик, судијата Мишел Расин (Фабрис Лучини) во L'hermine е прогресијата. Од непријатен мизнатроп до крајот успеавте да му дадете дури емпатија и човечност.

Да тоа и ми беше целта во L'hermine. Да се тргне од една крајност, да се скрши неговиот оклоп, и да се прикаже траекторијата, прогресот на ликот, но во него се испреплетени повеќе ликови. Се гледа еволуцијата на ликот, но и начинот на кој функционира целата институција во која работи. Тоа беше многу важно за мене. Пред да го напишам сценариото,  воопшто не го познавав тој свет. Судството, институциите, судиите, поротите, постапките.... За да го напишам сценариото присуствував на одредени судски процеси кои ми оставија силен впечаток. Начинот на случаен избор на лица за порота е доста интересен и граѓаните кои ќе бидат избрани добиваат голема одговорност. Јас се огласувам со тој избор.


Изабел Ипер и Даниел Атеул во La Séparation

Да се осврнеме малку и на La Séparation. Драмата која во 1994-та година ја претставивте пред публиката, а во која маестралната Изабел Ипер ја толкуваше главната женска улога. Често при гледањето на La Séparation не може, а да не се направат паралели со Scenes From A Marriage на Бергман. Дали дел од инспирацијата пристигна токму од Бергман и погледот на машко женската психологија при распадот на една врска?

Не. Искрено Бергман е режисер кој многу малку го познавам. Сакам да кажам неговите дела, малку ги познавам.  Да, можеби има некое единство, но во суштина јас правам филмови кои се многу различни еден од друг. Снимав филмови да се надградам, а не да дадам лекции кон публиката. Немав мислење однапред за темата и тоа не си го дозволувам. Која е целта своето мислење да го пренесете на другите? Тоа е и својствено за француските критичари. Кога не се согласуваат за еден филм, најмногу не се согласуваат со ставовите изнесени во филмот. Ова го велам затоа што видов критика во Le Monde за мојот филм која особено ме изнервира. Филмската критика не е тука да суди за филмот.

Да го третираме малку и Haute Cuisine (некаде ќе го најдете под името Les saveurs du Palais). Главниот женски лик е всушност инспириран од вистинска личност, готвачка по име Даниел Мезет Депле, која работела за тогашниот претседател Франсоа Митеран. Но, гледајќи го една сцена посебно  фасцинира. Да секако тоа е визуелно прекрасен филм со фантастични гастономски сцени, но кога прв пат ќе и биде понудена позицијата на готвачката Хортенс Лабори (Кетрин Фрот) таа ќе одбие со објаснување дека не е „кадарна“. Не како лажна скромност, бидејќи е свесна колку знае и умее, а со тоа и колку вреди на пазарот на трудот. Туку затоа што е свесна низ сè што ќе мораше да помине како жена во машки доминантната работна околина. Сопки, препреки, многу его, многу борба...


Винсент на сетот на Haute Cuisine

Да во филмот се е вистинско, а и се е измислено ( се смее). Јас се запознав со готвачката, но таа ми кажа многу малку нешта и тоа што го кажа, не беше баш онака како што се случило. И тоа што навистина се случило, беше спротивно на тоа  како јас сакав да го претставам. Создадов голема дистанца во однос на ликот, но ми се допадна идејата да направам филм за таков лик. Исто така добив можност да ги снимам луѓето како работат во кујната, нешто што ми претставуваше огромно задоволство.

Да се навратиме повторно на L'hermine, на техничкиот пристап во самото снимање, секако тоа е употребата на широки кадри особено во сцените во судницата. Благодарение на нив гледачот има можност да ги погледне сите аспекти на самиот процес во судницата, сите ликови, активности... Се добива чувство како да гледате театарска претстава. Се ви е изнесено на сцената, сите актери, нивните костими, нивниот флуид...


Сцена од L'hermine

Има и аналогии со театарот, да се согласувам. Една публика, една сцена, да секако. Дури и имате и три удари од чеканот на судијата за почеток на судскиот процес, како што на времето ги имало и ударите во самите театарски претстави...Има филмот призвук на театар, но не би сакал да ги споредувам во детали. Мене ме интересираше да го покажам и тоа во позадината, зад кулисите. Штом има врата, сакам да знам што се случува зад неа.

Во изминатите неколку години го гледаме растот и пробивот на голем дел на одлични талентирани режисери како Жан Марк Вали, Денис Виленвју, Ксавиер Долан, тие се претежно од Квебек, но ги започнаа кариерите во франкофонски филмови. Кои режисери (не мора да се само Французи) ви оставиле впечаток со потенцијалот во изминативе неколку години, а во кои гледате светла иднина?

Многу помалку гледам филмови. Кога бев млад гледав многу повеќе филмови, но сега таа квота ми е намалена хаха. А и еве краток одговор на тоа прашање. Кравите не пијат млеко.

С. Лазаревска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...