ЗОШТО ТРЕБА ДА ТРЕНИРАТЕ КАРАТЕ?

Најубаво се чувствувам во моето доџо со каратистите

Дали некогаш сте размислиле да тренирате карате и зошто некои луѓе ја избираат токму таа вештина? Според каратистите, каратето не само што го зајакнува телото, туку и го смирува духот.



Шотокан значи Шо – (стабилни како) 100 годишно дрво, То (силни како) цунами и Кан (рефлекси на) тигар, а токму тоа го поседуваат каратистите кои тренираат во единствената карате академија Шотокан-Рју Казе-Ха Карате-До во Македонија.

Под оваа академија спаѓаат повеќе карате клубови, меѓу кои и клубот Јошитака во Скопје. Основач и претседател на академијата е токму Живко Тасевски, кој е носител на титулата ханши или црн појас 8 Дан (степен). Успеа да нè запознае малку повеќе со каратето како вештина, но и да нè убеди да почнеме со практикување на истата.

Како почнавте да тренирате карате и што е тоа што ве задржа во каратето?



-Тоа беше одамна, некаде во 1970-та година, кога еден другар ми кажа дека во гимназијата Орце Николов вежбале карате. Од дома до таму ни требаа 3-4 минути пеш. Тогаш не ни знаев што е карате, но кога влеговме во салата во гимназијата ги видов младите момци и девојки подредени во 3-4 реда од крај до крај на салата, облечени во бело, а пред нив стои мала ситна девојка, која им зборуваше на јапонски. Знаев дека тоа ќе биде мојот живот (се смее). Истиот момент го замислив мојот живот во бела униформа, која подоцна дознав дека се вика карате-ги, а кај нас позната како кимоно. По ден два, таа ситна, но многу силна девојка стана мојот прв тренер, Мира Костиќ. Токму таа ми ја пренесе љубовта за каратето и ме научи како никогаш да не се откажувам, а јас бев вреден и ѝ се оддолжив со врвни резултати! Подоцна кога Мира престана со активно вежбање, мене како најуспешен натпреварувач ми дозволи да ја преземам селекцијата во гимназијата и да водам тренинзи. Иако бев многу млад и одев на тренинзи, станав тренер, а за тоа колку бев успешен нека кажат другите.

Која е Вашата титула во каратето? Што е потребно за да се достигне тоа?

-Јас сум шихан или првиот човек во организацијата, во случајот основач, шеф инструктор и претседател на Шотокан-Рју Казе-Ха Карате-До Академија во Македонија, како и носител на титулата ханши црн појас 8 Дан (степен). Потребно е помеѓу 40-50 години активно вежбање и целосна посветеност на вештината, но и популаризирање и унапредување на самото карате.

Колку е популарно каратето меѓу младите? Колку луѓе доаѓаат да тренираат во ШКК Јошитака?

-Отсекогаш било и ќе биде популарно меѓу младите, а во клубот вежбаат околу 80-100 членови.



Дали има возрасна граница која треба да се почитува при тренирање на карате?

-Не, за разлика од другите спортови, каратето може да се почне многу рано. Сега веќе почнуваат да вежбаат и деца од 3 години, но и во сериозна возраст не е доцна. Едноставно нема ограничување на годините.

Каде најчесто ги практикувате вашите тренинзи? Дали во некоја сала или пак тоа може да биде на отворено?

- Каратето може да се вежба насекаде, само треба малку чист простор околу себе, без разлика дали се тренира надвор во парк, на планина или во доџо (сала) сеедно е. Јас најубаво се чувствувам кога сум во моето доџо (салата Партизан 3).

Каква опрема треба да се поседува за да се почне со карате?

-Најважно е да се има желба за да се почне со вежбање карате, а подоцна се набавува и карате-ги или кимоно и тоа не е воопшто скапо.

Дали повеќе го практикуваат каратето мажите од жените или застапеноста е на исто ниво?

-Се уште бројката е на страна на мажите, но времињата се менуваат и жените се сè побројни.



Какви степени има во каратето? Колку време и какви тренинзи се потребни за да се достигнат?

-Порано беа поделени на 5 ученички и 5 мајсторски (црни) појаси. Ученичките беа од 5 кју до 1 кју или од жолт до кафен појас и мајсторските од 1-ви Дан (Дан-степен на црн појас) до 5-ти Дан.

Сега тоа е променето и има од 10-ти до 1-ви кју и 1-ви до 10-ти Дан. Кај нас во академијата и клубот треба да имате поминато скоро 6 години за да полагате за црн појас.

Дали може секој да тренира или мора да се запази здравствената состојба? На пример, дали може да вежбаат личности болни од астма или пак оние имаат проблеми со тироидната жлезда и слично?

-За лица со астма можам да потврдам дека веќе имам такви ученици сега веќе се по 25-30 години во каратето, токму поради тоа што дишењето во нашата вештина многу им помага. Но, секако и за такви лица потребна е лекарска консултација и одобрување како и за сите други проблеми што може да ги мачат идните членови. Сепак, ние законски на секои 6 месеци правиме редовни специјалистички спортски прегледи на сите наши членови.

Дали сте учествувале на некои меѓународни натпревари и кои ви биле најзначајните достигнувања?



-Како натпреварувач и член бев на југословенската репрезентација со која поминав прекрасни моменти, а како селектор на Македонија во кати за сите возрасти сум учествувал на многу балкански, европски и светски првенства и купови. Најзначајни резултати се од светските универзитетски првенства екипно, сребрени медали, од официјалните европски првенства 3-то место и бронзениот медал во Тенерифе 2005 година со женската екипа составена од Симона Трајкоска, Тамара Рибарска и Ивана Димитрова! Тоа е првиот официјален сениорски медал за Македонија од осамостојувањето на Македонија и во кати и во борби и се уште немаме таков друг медал во сениорска конкуренција. Тоа беше момент на кршење на мразот за нашите спортисти и отворање пат за другите натпреварувачи, кои подоцна освојуваа голем број на медали. Инаку со клубот имаме освоено за сиве овие 49 години на постоење, околу 6500 медали и пехари! Кога ќе ви набројам некои од моите ученици, сè ќе ви биде јасно зошто толкав број:

Да почнам од секцијата во гимназијата Орце Николов: Јорго Огненовски, брат му Петар или Пеце Бандата, Златко Богески-Звер, Раде Доневиќ, Радун Јоксимовиќ, Димче Савески, Сашо Стојчев, подоцна во Партизан 3, Ариан Превала, Давор Петровски-Нинџа, Жарко Стојановски, Силвија Петровска, Менсур Омерагиќ, Дарко Ангелески, Александар Стојановски, Тијана Сољакова, Мерсиха Беговиќ, Драгана Каровска-Чемерска, Бисера Станкоска, Симона Трајкоска, Сања Николиќ, Мирослава Андриевска, Емче, Турбо Тања, Душан и Тијана Зец, Томе, Ѓоле, Џукле и многу други. Од помладите генерации се Марко Секуловски, Александар Вујиќ, Симон Антиќ, Давид Јовевски, Ико Ташов, Нина Ѓорѓевиќ, Петар Балабурски, Иван Петковски, Иван Маркоски и да не се лутат многу од нив што не ги спомнав затоа што се многу и им се извинувам на сите неспомнати!

Колку е успешна карате вештината при самоодбрана? Дали може соодветно да се одбраниме?



-На почетокот на мојата кариера во каратето имав неколку блиски средби со некои момци желни за докажување, сето тоа се заврши бргу и лошо по нив. Од тогаш наваму не сум имал потреба да ја употребувам мојата вештина. Тренингот нè учи секогаш да бидеме подготвени, над проблемот и истиот го решаваме без употреба на сила, бидејќи проблемот бргу бега од нас кога ќе ја почувствува нашата енергија!

Дали сметате дека секој човек треба да вежба некоја боречка вештина и зошто?

-Да, секако, ќе ви кажам барем 10 причини зошто, а ги има повеќе:

  • Зајакнување на самодисциплината
  • Зајакнување на социјалните вештини 
  • Поттикнување физичка активност
  • Поставување и постигнување цели
  • Зголемена самодоверба
  • Почитување
  • Ненасилно решавање конфликти
  • Подобра внимателност
  • Развој на тимски вештини 
  • Подобрувања во други аспекти на живеењето

Какви се плановите на клубот за периодот кои претстои?

-Во моментов работиме на омасовување на клубот и се подготвуваме за меѓународните турнири и стилските шампионати, а наскоро ни е и државното првенство за кадети и јуниори во КФМ. Се надеваме дека до година ќе успееме да организираме успешна прослава на јубилејот 50 години од своето постоење!



За крај што би сакале да им порачате на нашите читатели?

-Нека ги прочитаат 10-те причини зошто е добро каратето и нека дојдат во сала, таму има многу другарување, вежбање и ги чека едно големо семејство кое што со успех опстојува 49 години и произведува успешни натпреварувачи и тренери, а пред сè личности. Токму тоа е семејството ЈОШИТАКА, а родителите нека најдат барем три часа во неделата за своите деца и за самите нив, ќе ни бидат благодарни, ги чекаме во Хонбу Доџо Партизан 3 (парк) и ООУ Кочо Рацин.
OSS!

И.Витановска

*Фотографиите се преземени од Facebook профилот на ШКК Јошитака



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...