Во четири очи со Д-р Александар Митов

Постењето е извонредно здраво и позитивно за нашето тело

Доктор Александар Митов е еден од оние доктори кои цврсто стојат на тоа дека секогаш е подобро да се спречи, отколку да се лечи.

Според него во многу ситуации  најнапред треба да се промени животниот стил, а дури потоа да се премине кон терапија со лекови. Во прилог, прочитајте ги неговите препораки за намалување на стресот и зошто смета дека постењето е извонредно и здраво за нашето тело.

Која беше вашата инспирација за да ја изберете оваа професија?

- Да се помогне пред да е предоцна – тоа беше мојот мотив да се свртам кон животниот стил, навиките и начинот на исхрана. Тоа е суштината на превентивната медицина. Но, тоа што го прави овој дел од медицината уште повозбудлив е дека, и откако ќе настапат болестите, животниот стил и исхраната пак имаат своја улога како дел од терапијата.

Официјалните препораки за низа болести (дијабет, покачен притисок, нарушени масти во крвта, кардиоваскуларни болести) велат дека најнапред треба да се промени животниот стил, а дури потоа да се премине кон терапија со лекови. Тука имаме многу простор за подобрување.

Дали сметате дека луѓето повеќе веруваат на надрилекарите, отколку во тие со завршено факултетско образование за истата тематика?

- За жал, во областа на лекувањето на тешките болести но и кај исхраната, настаната е една матна ситуација, а се знае кому му одговара да лови во матно. Затоа на сите пациенти им ја давам следнава силна препорака: побарајте да ги видите дипломите на тие кои претендираат да ве лекуваат или да ви даваат совети/препораки за исхраната. Бидете скептични, барајте да ги видите дипломите, потоа отидете на интернет и проверете кои се тие организации кои ги дале тие „дипломи”. Дополнително, користете второ мислење. Макар и ако одите кај лекари, не само кај надрилекари, обврзно разговарајте и со друго лице.

Ситуацијата не е наивна, имам видено многу луѓе кои добиле погрешни совети и така си наштетиле на здравјето. Да не ја потценуваме ничија струка: би сакале ли вие лекар да ви биде архитект на вашата куќа? Или, би сакале ли архитект да ве оперира? Истото важи и за советите за начинот на исхрана, стручноста не се добива со читање на интернет.

При консултација со пациенти, дали препорачувате најпрво промена на исхраната или терапија со лекови?

- Медикаментозната терапија е дадена со причина и јас имам доверба во моите колеги лекари кои ја препишале. Значи, најчесто доаѓаат пациенти кои веќе имаат одредена терапија со лекови. Со мене започнуваат да го изменуваат начинот на живот. Се хранат поинаку, стануваат физички активни и доколку пушат – почнуваме да работиме и на тоа, со цел постепено да се откажат и од цигарите. Кога ќе почнат ефектите од овие интервенции – мора многу да се внимава на терапијата која веќе ја примаат бидејќи за кратко време ќе се создаде потреба истата да се намали. Најосетлива е терапијата за покачен крвен притисок бидејќи притисокот дава брз одговор на промените на животниот стил. Тука, во соработка со колегата кој ја дал терапијата, истата се коригира.

Посебна приказна е инсулинот кај дијабетот. Потребата за намалување на инсулинските единици се јавува рано после промената на исхраната и степенот на активност. Пациентите ги едуцирам за можноста од пад на шеќерот, како да ја препознаат и како да реагираат во тие ситуации. Зависно од случај до случај, но калибрирањето на инсулинските единици бара секојдневно внимание, додека да се постигне новиот баланс и стабилна состојба. Затоа, би завршил, измената на исхраната оди паралелно со измените на терапијата со лекови.

Дали сметате дека здравата храна по правило е и органска храна, со оглед на тоа што органската храна е голем тренд во светската исхрана?

- Не е неопходно. Има одредени видови на овошје и зеленчук кои се прскаат многу почесто, и тие е паметно или да се избегнуваат, или да се најдат произведени на природен начин. Извонредно добра идеја е човек да се ангажира и да си произведува сам барем еден мал дел од храната. Дали ќе одгледуваме босилек на балкон, или ќе издвоиме мал простор покрај куќата/викендицата за неколку култури кои не бараат многу интензивен труд – сите тие се добри идеи. Работата во градина дополнително е здрава бидејќи нуди добра физичка активност. Ова е ангажман за кој вреди човек да се потруди.

Кое е вашето мислење за постењето и дали според вас тоа е здраво?

- Постот е извонредно здрав и позитивен за нашето тело. Мојата препорака е до секој кој сака и може – да се обиде. Секако, јас зборувам само од здравствен, не и од духовен аспект кој можеби е и поважен кога станува збор за постењето. Единствено нешто кое би го посочил е да се пости здраво, односно да не се внимава само што ќе се исфрли од исхраната, туку и што ќе се внесе како замена. Важно е да се консумира што повеќе овошје и зеленчук во тој период, секако и интегрални житарки и мешунки.

Со оглед на тоа што живееме во динамично време, која е вашата препорака за намалување на стресот?

- Има повеќе начини за справување со стресот и ние треба да ги развиеме тие навики за одржување на ментална хигиена. Има физичка, но има и ментална хигиена. Иако коренот на стресот е длабок и оди до таму како ние гледаме на целиот наш живот и која е нашата животна филозофија и начинот на прифаќање на нештата, сепак има и поедноставни (да не речам поповршни) работи кои можеме да ги правиме: вежби за релаксација, длабоко и контролирано дишење, земање чаеви и природни суплементи кои смируваат... Пресудно е да ја развиеме навиката на здрав сон, минимум 7-8 часа секоја ноќ.


За крај, која е вашата препорака за водење здрав начин на живот?

- Љубов во срцето, ред во мислите и нежност кон телото. Така започнува тој долг, но благороден пат кон здравиот начин на живот. 


Д.П.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...