Почетокот е тежок, но верувај во себе и ќе успееш

ДАМА за дама: Облека создадена со искрена љубов и посветеност

Велат дека парите се отепувачка, а да основаш сопствен бизнис е мошне ризичен деловен потег.

Сепак, Маја и Данка, заедно попознати како студио ДАМА имаат далеку похрабар и поентузијастички пристап кон она што го работат, па велат „Кога водиш сопствен бизнис се трудиш повеќе, повеќе уживаш, работиш за себе и што е најважно го сакаш она што го работиш“.

Од неодамна овие две девојки го следат својот сон и ризикуваат сè за она што најмногу го сакаат, а тоа е шиењето. Сè што прават, прават сами, па колку што е поголем влогот, толку поголемо е и задоволството од завршената работа.

Нивната приказна започнува во модното студио MCouture каде што впрочем и за прв пат се запознале.

-Јас работев во МCouture каде што ни се придружи и Маја. Тука се запознавме и за кратко сфативме дека карактерно се надополнуваме и одлично функционираме кога работиме заедно, открива Данка, додека Маја додава дека пред бизнис партнери, пред сè се две добри пријателки со многу креативни идеи.

 - Во денешно време мошне е тешко да создадете добро партнерство. Личностите мора да се надополнуваат за успеете да создадете нешто. Ние сме свесни дека карактерно се согласуваме и знаеме како да функционираме како целина.

Својата работа ја опишуваат како креативен процес кој бара многу труд, внимание, но пред сè и многу љубов бидејќи создавањето на еден фустан е како создавање на уметничко дело.

Дали постојат невозможни креации или подобро кажано модели кои што не би се нафатиле да ги сошиете?

Данка: Во досегашното работно искуство не ни се случило да одбиеме клиент бидејќи не можеме да го изработиме тоа што го бара од нас. Секој модел може да биде сошиен. Често ни се случува клиентите да дојдат со некоја замисла од црвениот тепих, да речеме фустан од Elie Saab, кој може да се изработи, но од материјали со подостапни цени бидејќи оригиналните материјали се далеку поскапи за нивниот џеб. Секогаш посветуваме големо внимание на изработката и на тоа сè да изгледа најдобро што може.

Споменавте дека материјалите се со достапни цени за клиентите. Од каде ги набавувате?

Данка: Користиме материјали кои може да се најдат на овој пазар. Значи претежно увозни материјали од Турција, Кина, Дубаи... Тоа се квалитетни материјали, најчесто со пристапни цени. Обично ние ги избираме материјалите затоа што знаеме за кој модел што конкретно може да се земе, но не претставува никаков проблем доколку и самиот клиент си донесе свој материјал се додека тој одговара на бараната креација.

Со оглед на тоа дека работите со различни типови на луѓе како реагирате во ситуации кога клиентот бара од вас да му сошиете модел за кој што сте свесни дека нема да му одговара?

Маја:
Бидејќи сакаме нашиот клиент на крајот да биде потполно задоволен од сошиеното искрено му укажуваме на маните на моделот и на тоа дека тоа што го бара нема да одговара на неговата фигура. Понекогаш луѓето сакаат определени модели, но не размислуваат на материјалот или пак на тоа како саканиот модел ќе изгледа на нивното тело. Кога знаеш дека конкретниот модел ќе ги истакне маните на клиентот, наместо да ги покрие, твое е да сугерираш подобро решение. Повеќето од луѓето ги прифаќаат сугестиите бидејќи целта е да изгледаат совршено. Некои пак остануваат на своето. Се зависи од личноста со која што работите. Никогаш не смеете да заборавите дека луѓето имаат различни карактери и реагираат поинаку едни од други.

Изработувате фустани, накит, венчаници...Што се покажало како најтешко за изработка?

Данка: Венчаниците се специфични за изработка, бараат многу работа и посветеност. Затоа вообичаено се бара повеќе време за нарачка на венчаница. Таа бара проби, трпи измени...Освен тоа најголемиот број на венчални фустани бараат многу рачна работа, а како што знаете за рачната работа е потребно далеку повеќе време.

Од тоа што може да го забележам во вашето студио, често изработувате фустани со корсет. Како реагираат современите дами кога ќе се стегнат во едно такво парче облека?

Данка: Корсетот не е секојдневна облека, се носи за посебни прилики и освен тоа наметнува држење. Не секој знае да го носи фустанот со корсет кој што му е направен и не секој може да се замисли во такво издание. Првото чувство кога носите корсет е поинакво, необично, дознавате како им било на жените во минатото. Ние сме навикнати на широка облека, а корсетот доловува една сосема друга димензија на женственоста. На почетокот изгледа чудно, но кога ќе се погледнат во огледало и ќе сфатат дека изгледаат одлично, едноставно забораваат на тоа чувство. Тоа е исто како кога носите високи потпетици.

Македонија не може да се пофали со некоја голема модна сцена, но со текот на годините по сè изгледа дека успешно се поместуваме од мртва точка, кон посветла модна иднина. Што мислите за тоа?

Маја: Мислам дека имаме прогрес. Како, така, одиме напред. Се приближуваме кон нешто за разлика од порано. Полека почнува да се издвојува квалитет и има луѓе кои добро пловат во модните води. Ништо не е лесно, ништо не е идеално, но сите се обидуваме да придонесеме за нешто подобро.

Данка: Се согласувам, нештата се подобри од порано. Далеку сме од Њујорк, Париз, Рим, но полека напредуваме во вистинската насока.

За крај едно прашање чиј одговор претпоставувам сакаат да го знаат сите оние кои се уште се колебаат дали да се втурнат во авантурата наречена сопствен бизнис. Кој е рецептот за успех?

Данка: Најверојатно успеваме затоа што пред сè, го работиме она што го сакаме. Знаеме дека оваа работа ќе ја работиме до крајот на животот, па затоа решивме да се обидеме и да создадеме нешто свое.

Маја: Веруваш во својата работа, знаеш како да ја работиш и што е најважно знаеш дека сè што правиш, правиш за себе, а со тоа и максимално се вложуваш. Точно е дека е тешко, секој почеток е тежок, но кога знаеш дека имаш самодоверба и знаење да ја завршиш задачата која е пред тебе, стравот станува позитивна трема која те води напред.

Н. Вуковиќ



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...