Милан Мијалковиќ

Во потрага по (не)видливото

Катната гаража меѓу улицата Св. Кирил и Методиј и Булеварот Македонија во Скопје се градеше две години (од јули 2011 до септември 2013) и за тоа време очите на градот, наѕирајќи ја необичноста, беа ширум отворени. Потоа се тргнаа градежните огради и почна потрагата по (не)видливото. Потече незапирлива река од различни мислења која стана уште погласна по појавувањето на катната гаража во „Архдејли“ (www.archdaily.com), најпосетуваниот и најпрестижниот светски портал за архитектура...



На целта на „потрагата“ стои Милан Мијалковиќ кој е наш специјален гостин. Тој заедно со „ППАГ архитектс“ е автор на фасадата за која се зборува, пред која се подзастанува ако одите пеш или пред која се отвора прозорец ако сте во автомобил...

„Архитектурата не е приказна која може да се раскаже!“

Ќе можете ли да ни ја раскажете од прва рака „приказната“ за фасадата за која толку се зборува? Колку таа воопшто е битна за „тука и сега“, кога впечатливата и наградувана фасада на катната гаража е готова, можеме да ја видиме, да застанеме покрај неа, да ја разгледаме, да ги преслушаме сопствените визуелни (и функционални) впечатоци?

Накусо
Милан Мијалковиќ (www.milanmijalkovic.com) е скопјанец, архитект кој живее и работи во Виена. Досега имал неколку самостојни изложби во Берлин и во Виена, а добитник е и на наградата што ја доделува виенското списание за архитектура и урбанизам „Стар хјуман 2013“. Познат ѝ е на нашата јавност и по книгата со контроверзен наслов „Скопје светското копиле. Архитектурата на поделениот град“, што ја објави австриската издавачка куќа „Визер ферлаг“, а потоа беше преведена и на македонски и на албански јазик.

На конкурсот за катната гаража кај градската пошта добивме само откупна награда. Причината беше дека наводно сме претерале со „барокот”. Во нашиот предлог јавниот и деловниот простор беа исто толку, би рекол дарежливи, како и фасадата. Сепак, фасадата толку им се допадна, па ни беше предложено да ја градиме на друга катна гаража, која веќе беше во фаза на планирање и секако имаше и сопствено фасадно решение... Инаку, проектот за самата катна гаража (без фасада) е на фирмата „Горичанка“.

Секако дека архитектурата не е приказна која може да се раскаже, инаку не би имало потреба да се гради, но, од друга страна, приказната моќно отвора нови простори за перцепција. Приказната е многу важна „тука и сега“, се работи и за еден вид почит кон јавноста. Таа раскажува дека работите не паѓаат од небо или едноставно не излегуваат од земја. Таа се обидува да го објасни процесот.

Што интерпретира фасадата?

Во суштина, фасадата интерпретира желби. Првин желбата за орнамент, потоа желбата самата да се појавува на туристички фотографии, да биде „како во Европа“, но и желбата да биде она што не е!

Понудивте концептуална архитектура, наведувајќи ја конкретната инспирација/врската на вашата фасада со зградите во Виена во 19 век (самиот понудивте и фотографии каде што тоа се гледа). „Истоста“ или сличноста со конкретни градби од друг простот и друго време не ја криевте, тука ја приложивте на увид на сите, развивајќи ја на свој сопствен, творечки начин. Тоа е... следење на стариот пат до нова цел?

Развитокот на фасадата почнува од една аматерска фотографија, од туристичка перспектива, која прикажува станбени згради на една виенска улица. Оваа перспектива потоа ја мултиплициравме и дополнително ја разделивме во повеќе слоеви, со што добив површина со сосема нејасен хоризонт. Во суштина ние само поинаку ги подредивме желбите т.е. процесот, со што секако и на поинаков начин ги тематизиравме работите, како на пример аматеризмот, тривилизацијата, убавината, а и немирот.

„Гледањето е е многу мал дел од архитектурата!“

Вашата фасада на катната гаража ја демантира или, уште повеќе, ја коригира поделбата на „важно“, „помалку важно“ и „неважно“. Дали сѐ што ќе видат очите е подеднакво важно?

Да. Токму така. Сѐ што ќе видат очите е подеднакво важно, а и само така, преку еднаквите права на визуелното, станува можно човек да се спротистави, да се воздржи на фактичната нееднаквост помеѓу сликите и да ги открие социјалните, културните, политичките разлики. Но, кога збориме за гледање, разговараме за многу мал дел од архитектурата.

Во литературата, на пример, жанрот во никој случај а приори не ја одредува книжевната вредност на делото. Како стојат нештата во архитектурата?

По интернационалните архитектонски конкурси градежен стил речиси и не се спомнува. Стиловите во моментов, со мали исклучоци во Европа, главно се тема во бившите СССР републики. Но, секако дека градежните стилови се важни за човек да може да го разбере контекстот, проблематиката. Барокот е масовен ефект, обид да се дисциплинира, морализира масата. Обид да се создаде вистина. Втиснување на уметноста во реалниот простор на набљудувачот, но, и на реалноста во измамата. Се поставува прашањето зошто се бара конкретен стил, а не просторни решенија, просторна креативност или просторни одговори!? Но, тоа е друга приказна...


„Оддалеченоста ги смирува емоциите!“

Дали и колку наградите можат да го менуваат јавното мислење? Дали вашата катна гаража стана „поубава“ за повеќемина по наградувањата? Реален ли е впечатокот дека одеднаш, токму оваа катна гаража ни се допаѓа на сите (барем на повеќемина отколку на почетокот)?

Фасадата не е убава... и токму затоа, таа може да стане „поубава“. Обратниот процес е катастрофален. Е сега, убавината не само што не ми беше цел, туку од тоа и свесно бегав. Нашата фасада имаше повеќе за цел да биде нешто чудно, необично, нешто помеѓу непознатото и познатото, нешто во што се крие немирот... На германски тоа се вика „unheimlich“.

Кои се разликите да се живее „дома“, да се проектира надвор, наспроти обратната ситуација: да се живее надвор, да се проектира „дома“? Колку е важна оддалеченоста во овој контекст?

Кога се проектира за дома мислам дека оддалеченоста ги смирува емоциите. Не мислам дека со оддалеченоста се гледа од некојаси птичја перспектива. Секако дека многу работи и важни информации се пропуштаат, се губат преку дистанцата, ама од друга страна проектирањето и истражувањето за дома исто така значи и соочување, средување и подредување на емоциите. Од друга страна, интернационалноста е важна за прибирање и размена на искуства, и тука не зборувам за себе туку за тазе пропуштената шанса да ни се проектира дома, но и за пропуштената шанса да собереме искуство од постземјотресно Скопје.



„Модернизмот е добра основа!“

Велите дека „малите простори“ отвораат „големи слободи“. Што точно мислите со ова?

Шатор на полјана е многу поголема слобода од стадион во Чиле... или сетете се само на просторите од детството: меѓу-просторите од зградите, куќите и бараките во Тафталиџе, каде што растев, за мене беа места каде што ги доживував најголемите емоции и слободи.

Но, кога сме веќе кај пропорциите, за време на последната моја посета во Скопје имав можност да влезам, да го посетам и новиот Национален архив кој ме остави без воздух. Раскошноста на фасадата и малодушноста во просторот... Тој скржав простор... Затоа и велам дека не секогаш малите простори отвораат големи слободи...

Честопати нагласувавте дека на Скопје повеќе му требаат функции отколку фасади и во тој контекст „заговаравте“ концепт на „комбинирање функции што се навидум во конфликт“ во кој со социјална медијација на готовите проекти тие вистински ќе се „завршат“, ќе се „остварат“, „ќе успеат“. Кога за еден прокет може вистински да се рече дека е завршен? Кога ќе биде изграден, кога ќе биде отворен, кога ќе...

Како архитект, сметам дека најинтензивната фаза е планирањето, градењето, сѐ до отворањето, но, една интелигентна архитектура расте, се менува, се вообличува со корисниците и нивните потреби. Еден објект или поточно едно архитектонско здание не може да биде завршено ниту со уривање! Единствено заборавањето е вистинското завршување! Има една убава мисла, не знам точно од кого е, во која се вели: „Каде што нема ништо - сѐ е можно, а каде што има архитектура – можно е ништо!“.



За крај, модернизам или постмодернизам?

Во суштина, постмодерното на некој начин и го презирам. Модернизмот, со сите свои грешки, сметам дека е добра основа. Треба да се продолжи со модерното, со класификација и организирањето на нештата. Сомнежот во сѐ, па дури и во вистината е погрешен.

Текст: О. Ќорвезироска

Фотографии: Дарко Христов



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Студенка по медицина полага
испит.
-Колешке,во тестисите на
мажите колкаво количество спер-
ма има?
По кратко размислување.
-Паа,голтка -голтка ипол!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на бабите, празник...
1472.- Роден е италијанскиот сликар Бартоломео...
1483.- Во Урбино е роден Рафаело Санти,...
1749.- Во Бомон ан Ож е роден Пјер Симон Лаплас,...