м-р Тина Васков, клинички невропсихолог

Водењето љубов е отпорно на заборавање

Долгорочното помнење кај човекот има неограничен капацитет

Клиничката невропсихологија е малку позната на нашите простори и е релативно млада наука. Го проучува односот меѓу промените кои се случуваат во човековиот мозок и последиците кои тие ги имаат врз когнитивното функционирање (мислење, помнење, говор, читање, пишување) и врз однесувањето. Mеѓу останатото, ги следи и промените кои се случуваат во помнењето, а се манифестираат преку симптомот на заборавеност. Повеќе детали на оваа тема ИДИВИДИ дозна од М-р Тина Васков, клинички невропсихолог од Центарот за невропсихологија, психотерапија и психологија „Когниција".



Заборавноста е една од најчестите појави кои се поврзуваат со промени во мозокот. Што претставува таа?

Заборавноста е симптом кој може да биде откриен и следен со невропсихолошки техники и упатува на промени во мозокот од најразлична природа. Се манифестира преку неможност за репродукција или препознавање на претходно научени содржини.

Кои се причините за заборавност?

Причините можат да бидат од физиолошка природа и претставуваат дел од нормалното стареење, но и органски како што се повреда на мозок, воспаление на мозок, деменција и сл. или психолошки, како депресија, анксиозност и сл.

Кои лица имаат зголемен ризик за појава на овој симптом?

Возраста е најзначаен ризик фактор, па следствено на тоа лицата над 65 години се со најголем ризик. Потоа следат лицата кои имаат било какви промени во мозокот или во крвните садови, лица со одредени психијатриски пореметувања итн.

Значи дека младите не забораваат или тоа го прават намерно во некои случаи?

Секако дека и младите се подложни на заборавање. Кај нив станува збор за нормална физиолошка заборавност, соодветна на возраста. Ниту еден човек не помни сè. Сите ние ги помниме само содржините кои ни се од значење т.е. помниме селективно. Мозокот го издвојува важното од помалку важното и на тој начин прави селекција кои информации ќе ги запише и ќе ги складира, а кои не. Доколку младиот човек имал некаква интервенција во мозокот заради нa пр. повреда, крварење, тумор или пак имал енцефалит или мозочна исхемија и сл. тогаш и тој може да има проблеми со помнење. „Добрата страна” во овие ситуации е што младиот човек полесно учи и може полесно со соодветен когнитивен тренинг побргу да го надомести изгубеното.

Како се одвива процесот на помнење во мозокот?

Помнењето е процес на усвојување, задржување и користење на информациите и тој се одвива во неколку фази. Прво, информацијата се кодира, се издвојуваат важните од помалку важните податоци и така издвоени се пренесуваат во краткорочното помнење или тн. работна меморија. Бројот на информации кои тука стасуваат е ограничен на 7+/- 2 информации и тие на ова место се задржуваат околу 60 секунди. Оттаму се пренесуваат во долгорочното помнење, кое пак има неограничен капацитет и информацијата може да остане неограничено долго. Потоа, информацијата се пронаоѓа токму тука и се привикува во свеста. Кога и овој процес ќе биде завршен велиме дека помнењето е зачувано.

Значи дека над десет информации не може да помниме?

Во даден момент нашиот мозок процесира и ги користи податоците од работната меморија, а нејзиниот капацитет е 7+/- 2 информации. Но, доколку ситуацијата налага потреба од дополнителни информации тогаш на помош го повикуваме долгорочното помнење чиј капацитет не е ограничен. Во овие услови нашиот мозок селектира, според важноста кои информации ќе ги префрли во долгорочното помнење, а кои ќе ги избрише како недоволно значајни. На тој начин ослободува повторо место во работната меморија за нови содржини. Со други зборови, помнењето е динамичен процес и кај човек кој нема никакви оштетувања тој се одвива последователно без ние да можеме да ги препознаеме и разграничиме фазите за кои зборувавме.



Сепак, постојат различни видови на помнење?

Да! Кога зборуваме за настани т.е. епизоди од нашиот живот, тоа помнење го нарекуваме епизодичко. Кога се работи за знаења стекнати во текот на нашето живеење, најмногу преку процесот на образование, тогаш зборуваме за семантичко помнење. Тука, пред сè се мисли на знаења како што се нa пр. кој е главен град на Италија, или кој го напишал Хамлет и сл. И, постои уште еден вид на помнење т.н. процедурално и тој се однесува на научени вештини, како што се нa пр. возење велосипед, пливање и сл. Овој вид на помнење е најотпорен на заборавност.

А, дали водењето љубов (и другите начини на споделување емоции) исто така најтешко се заборава, т.е. никогаш не се заборава?

Ха, ха... доколку водењето на љубов го ставиме во групата вештини, тогаш би рекле да, и тоа е отпорно на заборавање. Но, јас сепак претпочитам и сакам да верувам дека водењето љубов е многу повеќе од вештина...Тоа би било убава тема за некој следен разговор... Емоциите и нагоните влегуваат во сосема друга категорија и тие подлежат на поинакви правила...

Кога ги чувствуваме проблемите со помнење, што всушност се случува во нашиот мозок?

Во тој случај доаѓа до прекин во некој од процесите на помнење, било да е тоа на ниво на усвојување на информација или нејзино задржување или пак нејзино привикување во свеста. Сето ова се јавува како резултат на постоење на некаков процес во мозокот. И токму симптомот заборавност сигнализира дека со мозокот нешто се случува и упатува на потреба од натамошно следење!



Што треба да се направи во таков случај?

Најнапред, препорачувам да ги запишат тешкотиите кои ги чувствуваат. Со така напишана листа на симптоми да се јават кај матичниот лекар или кај својот невролог или на невропсихолог, за натамошна процена. Исто така, треба да дадат информација дали симптомите во тек на време се влошуваат и дали им го попречуваат секојдневното живеење. Пожелно е кога се јавуваат на лекар да ги придружува близок роднина или пријател кој е запознаен со проблемот. Особено е корисно да располагаат со информации за останати заболувања, да понесат резултати од до тогаш реализирани испитувања и /или лекови кои ги земаат. Од големо значење се и информациите кои се поврзани за постоење на одредени заболувања во семејството.

Помнењето и заборавеноста се клучни за нормално функционирање на еден човек?

Секако, зашто губиток на помнење значи нарушено секојдневното живеење. Тие лица имаат потреба да се служат со помош т.е. да запишуваат, да користат електронски потсетници. Имаат тешкотии на работа, во планирање или во решавање на проблем ситуации на пр. на месечно плаќање на сметки, отежнато се концентрираат, потребно им е повеќе време да завршат одредена работа. Губат чувство за простор и време, датум, годишно време, за тоа колкав временски период е изминат...Повремено тешко можат да проценат растојание, отежнато разликуваат бои или контрасти, отежнато ќе ја распознаат сликата во ретровизор, имаат тешкотии со зборовите во говор или пишување. Преместуваат и претураат по работите без можност да се навратат наназад и да се присетат на чекорите кои ги превземале. Работите ги ставаат на необични места и не можат да се присетат каде биле и што направиле. Губат интерес и се повлекуваат од работата или од социјалните активности. Конечно, овие лица имаат промени во расположение и на план на личност. Понекогаш стануваат конфузни, се сомневаат, депресивни се, плашливи или анксиозни и лесно можат да се вознемират доколку бидат изместени од комфорна зона.

Зошто е важно навреме да препознае симптомот на заборавност?

Доколку на време се реагира тие лица имаат многу повеќе можности за третман, можат значително да ја одложат прогресијата на болеста и подолг период да функционираат самостојно. Исто така, можат самите да го планираат своето идно живеење и самите да донесат одлуки за себе наместо некој друг да ги носи за нив. Од особено значење е што во оваа фаза можат самостојно да донесат одлуки поврзани за некои легално-правни сегменти како што е на пр. наследување на имот или сл., бидејќи во поодмината фаза на болеста нивната деловна способност се доведува во прашање и ваквите одлуки можат да бидат оспорени.



Постојат ли совети или превенција за одложување на симптомот на заборавеност?

Да, постојат одредени препораки, првенствено интелектуална стимулација: ново учење, читање книги, играње шах, судоку и сл. Особено е важно овие лица да практикуваат редовна физичка активност, пешачење, како и постојано да бидат во контакт со други лица и да останат социјално ангажирани. Исхраната е фактор кој треба да го контролираат т.е. треба да практикуваат тн. медитерански тип на исхрана, богат со зеленчук и овошје. Доколку постои можност треба да ги редуцираат сите форми на стрес и анксиозност. Во секојдневното живеење треба да воведат рутина/автоматизми. Секогаш кога е можно работите да се реализираат на ист начин, во исто време, на исто место...Доколку пак проблемите со помнење се понагласени се препорачува воведување на когнитивен тренинг, како и учење на некои од техниките на помнење, како што се повторување, градење на асоцијации, групирање на информациите во парови, запишување сл. Но, не исклучено во овој дел да биде неопходно вклучување на стручна поддршка.

И.Н



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Наставникот по географија го завртел глобусот и го прашува ученикот кој треба да одговори:
- Што е ова?
- Почнуваат вести - одговорил ученикот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1191.- Почна зографирањето на црквата "Свети...
1284.- Роден е англискиот крал Едвард II....
1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански...
1599.- Роден е водачот на Англиската револуција...