„Авијатичарот“ леташе од Скопје до Лос Анџелес на „испржени“ ДВД-јa

Посетата на FX3X, започна фуриозно. Возевме низ Скопје на толку силен дожд и ветер, што мислевме дека ќе ни ја оддува колата на половина пат, а на локацијата пристигнавме во најголемата бура која ја видел овој град. Но, веднаш знаевме дека ова ќе биде посебен ден. Зошто? Затоа што првиот што не пречека пред портата беше сопственикот и ко-основач на компанијата Кристијан Даниловски.

Искрено не го очекувавме. Од 150 вработени во компанијата, очекувавме да го видиме Даниловски во неговата канцеларија седнат зад бирото, а не во гаражата загрижен за нашата безбедност. И затоа пријатниот, непосреден и топол пречек од првиот човек на FX3X, пред самата врата, беше првиот од многуте пријатни впечатоци. Едноставно знаевме дека посетата ќе биде незаборавна. И така би. Таа започна како класично интервју, се претвори во турнеја која би го возбудила секого, не само „hard core“ филмските фанови. 

Со особена гордост не однесе во просториите кои се простираат на околу 4000 метри квадратни земјиште и каде младите (и навистина мислам млади) генијалци ги креираат специјалните ефекти кои ние ги гледаме во филмовите. Го видовме процесот за креирање, компјутерската обработка на дел од сцените на кои работат, пред и потоа кадрите во кино салата, (да, да, FX3X си има своја приватна мини кино сала за сопствени потреби), sound студијата... Се обложувам дека само Чарли Бакет се чувствувал посреќно кога пристигна во фабриката на Вили Вонка. И да, тоа е најдобрата споредба која би можела да ја дадам за да го доловам искуството кое го искусивме. А за впечатоците, филмовите, но и приказната зад FX3X подолу од нашиот разговор со Кристијан Даниловски.

Како што би рекол Џејмс Липтон (Inside Actor’s Studio). „Да започнеме од почетокот“. Постоењето на FX3X датира од 1997-ма година, но како течеше растот на компанијата од стартот, па се до ден денешен?

Почетоците ако зборуваме најпрво за самата индустрија (поточно самата гранка дигитални и визуелни ефекти и дигитална анимација) се некаде во доцните 80-ти и раните 90-ти години. Јас и Миливоје Ѓорѓевиќ (ко-основачот на FX3X), почнавме некаде околу 1993-1994 во млада и атрактивна гранка во која беше интересно да се работи. Ние растевме, и нашите знаења гледајќи ги филмовите како Jurrasic Park, Terminator 2, (подоцна и Matrix) кои беа револуционерни во овој бизнис. Околу 1997-ма година веќе имавме изградено наше портфолио, знаење, можности за работа во Америка, но имавме фикс идеја ако сме доволно добри да работиме таму, зошто да не работиме и во Македонија.

И така ја формиравме компанијата. Реално прво работевме на реклами. Треба од некаде да се почне, треба од нешто да се живее и тоа функционираше доста добро. Првиот ангажман за реклама беше за Лотарија на Македонија, т.е. тогашното Бинго кое доминираше со рејтинзите и популарноста, следеше ребрендирањето на Мобимак, но некаде околу 2002-ра 2003-та сметавме дека рекламите можат толку да ни пружат. Знаевме дека ќе мораме да се движиме кон надвор. Не се почувствувавме целосно подготвени, но немаше друг избор. Никогаш нема да бидеш доволно подготвен. 2004-та година беше клучна година за нас. Отидовме да се презентираме на саемот за компјутерска графика во Лос Анџелес. Идејата наша беше да работиме на специјални ефекти, а ако не не бива ќе смислиме нешто друго.


Моделирање fireframe на сцена

И тоа ме води до прашањето, кој бил првиот филм на кој сте работеле како компанија?

Големата вода, на Иво Трајковски, и тоа беше крајот на 2003-та година, а првиот американски филм на кој работевме беше The Aviator во режија на Мартин Скорсезе, летото 2004-та. Мотивациски тоа многу ни помогна, и потоа се беше поинаку. Уникатно искуство со чудни предизвици за тоа време, не само од продукциски аспект,  квалитет, рокови, туку и немавме доволно интернет (се смее) . The Aviator леташе буквално од Македонија до Лос Анџелес на испржени преку 20 ДВД-а. Чудни предизвици. Потоа следеа многу реклами, но за американскиот пазар. American Express, ребрендингот на AT&T, 2005-та работевме на куклена серија за SONY а потоа почнавме работа за телевизиски филмови. Добивме номинација за ЕMMY награда во 2007-ма за мини-серијата „Патот до 11-ти септември“, што исто така беше голем поттик за нас. А дури по две години, дојдоа филмовите и сериите. Vintage Point, на пример, и за нас најважниот The Golden Compas со Никол Кидман и Даниел Крег во главните улоги. Тоа беше првиот филм на кој работевме, а кој доби Оскар за најдобри специјални ефекти. Тој пак не донесе во нова ситуација да мора да преговараме за да работиме на филмови од повисоко ниво. Ја пораснавме екипата речиси двојно, од 20 на 40 луѓе, што беше нов предизвик, и од тогаш само се зголемуваме. Од два до три филма годишно сега работиме на десет па и повеќе.


Моделирање frame

А кој филм претставувал најголема тешкотија за тимот во FX3X? Кој бил најпредизвикувачки, кој им задавал најголеми несоници навечер на креативниот тим?

Уф, сме имале мнооогу предизвици. Се случило предизвикот да биде самиот филм, како на пример на Terminator 3 кој имаше да се изразам воена атмосфера на работа и не беше на нивото на кое до тогаш бевме навикнати. Плус тоа се случуваше додека растевме, додека се селевме,  а дури и во 2011-та кога почнавме да работиме со Technicolor. Работевме на The Life Of Pi, кој исто така освои Оскар за најдобри специјални ефекти, Prometheus на Ридли Скот, Wrath Of The Titans, по што беше потребно ново дуплирање на тимот, така што сите имаат свои предизвици. Моментално имаме околу 150 луѓе во фирмата, а ги следиме секогаш и новите технологии. Дури можам да се пофалам дека сме меѓу 10-те први студија кои што работеле визуелни ефекти на стерео филмови како Resident Evil, Saw 3D, но количината на работа на филм се зголемува со геометриска прогресија секоја година. Кога ќе споредиме со ефектите во Terminator 2 каде имаше 200 кадри со ефекти, сега имаме филмови со 1500, 2000 кардри со ефекти, но во исто време мора капацитетот и со луѓе да се пополни, не само со технологија.


Tекстуирање

Кога сме кај луѓето, имаме ли ние во младите кадри кои излегуваат од факултет кои се веќе обучени и подготвени за работа во FX3X? Способни ли се да се снајдат со предизвиците веднаш по излегување од амфи-театарот или е потребна дополнителна обука, најмногу прашувам поради брзината на која се развива оваа индустрија, особено во поглед на техниката?

Двослоен е одговорот на ова прашање (се смее, н.з). Немаме но....

Но, значи дека сите компании во светот го имаат тој проблем, не само кај нас. Ниту еден факултет на планетава нема да произведе кадар што веднаш ќе ја работи оваа работа. Ако постои таков човек, тој сам работел многу надвор од факултетот. Но, тоа е најнормално. Реално, од тоа што сме многу задоволни е што произлегуваат многу луѓе кои се многу талентирани и вредни и што сакаат да работат, со дообука, со многу вложување се разбира. Тоа е неоспорно. Не би имале 150 луѓе да не е така. Тоа се луѓе кои имаат талент и квалитет пред се.


Интеграција во слика

Како мислите дека ќе се движи филмската индустрија во блиска иднина, не за 10-на години, туку за година-две?

Уф, филмската индустрија има сопствени предизвици. Тоа е бизнис како и секој друг и главниот предизвик е како филмовите да заработат повеќе пари, да придобијат повеќе публика, да не ја изгубат сегашната, а затоа и се воведуваат нови техники. Секогаш се гледа филмовите да имаат повеќе атракција за публиката, но целта секогаш ќе биде тоа доживување кое го имате во кино додека гледате филм, да не го доживеете дома додека го гледате филмот. За мене тоа се постигна кога го гледав The Life Of Pi. Во кино салата беше друго, а потоа и дома кога го гледав истиот филм сфатив не е тоа тоа. Сите тие технологии кои ќе го овозможат тоа филмската иддустрија ќе ги прифати. Се покажа дека таа знае да биде и флексибилна кога е притисната, а паралелно се развива и IMAX –от како посебен начин на прикажување на филмот... Се развива во правец на атракција, но и реалност во ефектите. И да некогаш има филмови кои пак имаат ефекти само да да ги имаат, но има филмови во кои ефектите пријатно ме изненадуваат. Edge Of Tomorrow на пример. ефектите се во служба на приказната и толку се интегрирани, што и не се забележуваат. И vo Gravity исто така. Но, во исто време тоа се филмови кои овозможуваат такви специјални ефекти. Алфонсо Куарон во Gravity имаше кадри кои што траеја со минути, а кои што во други времиња не би биле изводливи.

Кои филмови од оваа година ви оставија најголем впечаток?

Сериозно многу ми се допадна Edge Of Tomorrow. Работевме на него, но најмногу затоа што немаше ефекти само заради ефекти како што кажав. Имаше сторија. Оваа година беше навистина богата морам да признам. Ако зборуваме само за ефекти, Trasnformers не можат да се заобиколат.

X-Men? Потпрашувам јас?

Да, X-Men- Days Of Future Past беше солиден. Dawn Of The Planet Of The Apes исто така, Guardians Of The Galaxy кој е доста интересен и уникатен во аспект на ефектите. Па дури и Malficent кој иако беше филм на Disney и наменет за деца, убаво беше направен.

Да се осврнеме малку и на сериите. Game Of Thrones на кои работите оваа година е номиниранa за Emmy наградата. Која е разликата во работењето на филмовите и сериите?

Па порано беше голема разликата. И се’уште е на некои други серии. Ние работиме и на други серии, со ужасно мал рок во однос на филмовите. Ако на филмовите имаме рок од неколку месеци, и повеќе време за работа, нормалните серии (во ефекти мислам) имаат многу помалку време и пократки рокови. Нивото на внимание во визуелните ефекти не може нормално да биде исто како и кај филмовите. Game Of Thrones Тие всушнсот се некаде измеѓу. Game Of Thrones ја работиме по-филмски бидејќи има друг буџет. Тие се поквалитетни во визуелни ефекти од останатите серии и има огромна разлика во квалитетот. Дури и не е фер, но тоа е тоа.

Како се одвива комуникацијата кога работите со тимот зад филмот од Америка? Продолживме и се вративме повторно на темата филмови. Дали комуницирате со режисерот или со продукцискиот тим?

Генерално, ние комуницираме со супервизорите на визуелни ефекти и продуцентите на визуелни ефекти, кои својот input  го добиваат од режисерот или главниот супервизор за визуелни ефекти... Се внимава специјалните ефекти да бидат на исто ниво според квалитетот, се внимава на роковите, се внимава да не се надмине буџетот... а се служиме и со софтвери во широка употреба како Skype, но и „custom“ системи од Cisco, или специјализирани како CineSync.

Да се вратиме за момент повторно во Македонија. Дали оваа бранша од филмската индустрија ќе почне да се применува повеќе и во македонските филмови?

Да, да веќе се работи. Ние од Големата вода, каде што повеќе ги решававме продукциските проблеми на филмот, имаме работено на повеќе македонски филмови. Трето полувреме, До балчак, имаше сериозен број на кадри со визуелни ефекти, бидејќи е поголем и обемен филм. И не е секаде естетски, некаде ефектите се и заштеда на снимањето...

А сега малку да се прошириме географски. Имате ли како фирма конкуренција тука на Балканот во оваа професија? Има ли играчи за оваа професија на Балканот: Србија, Хрватска?

Можеме да ги сметаме за конкуренција компаниите од наша големина. Таква компанија има на пример во Софија, но колку што сме информирани, работат исклучително за потребите на својата мајка компанија, продукцијата Nulmage. По бројка мислам дека се помали од нас додека друго студио за ефекти од оваа големина според моите сознанија не постои ни во Хрватска, ни во Србија, Грција... Би требало да сме или меѓу најголемите или најголеми на Балканот. Во Унгарија има студио за анимација, а во Чешка за визуелни ефекти, но во околинава не.

Кои се следните проекти на кои ќе работите? Да го очекуваме Star Wars Episode VII можеби?

Уф хахаха, не можам да коментирам. Имаме правило дека за следните филмови не смееме да зборуваме, па за имиња можеме да дискутираме до бескрај, но ме можеме да ги потврдиме или негираме ниту едно од нив. Работиме на филмови кои ќе имаат премиера следната година, но и оваа година. Но, дел од нив веќе ги најавивме и на нашиот сајт и можете да ги погледнете. Unbroken, The Giver, Lucy, Guardians Of The Galaxy на кој работевме дел од ефектите а има филм на кој целосно ги правиме визуелните ефекти. До нова година ќе има уште еден куп премиери.

А што е предизвикот за вас како компанија? Работевте на реклами, филмови, серии, што е следно?

Да се зголемиме како компанија. Да работиме посериозни визуелни ефекти, а ова сега што го работиме е добар чекор натаму.

С. Лазаревска / Б. Бошковски



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...