ТРОЈКА ОД СРЕДИНА НА ТЕРЕНОТ „БЕЗ КОСКИ”!

Среќен десетти роденден, MakNBA!

Магијата од спортот и страста кон навивањето за кошарка ја држи оваа приказна на Енко и Шепард, основачите на MakNBA.net. Oвие двајца пријатели десет години стојат зад блогот кој е врталиште за сите фанови на американската кошарка. За круна на годишнината им посакуваме еквивалентот на тројка од средина на терен „без коски”!



Кое е првото сеќавање на натпревар на НБА што ви паѓа на памет, на кој играч?

Енко: Крајот на 80-тите со себе ја донесе и НБА на просторите на поранешна Југославија. Нормално, тоа беше далеку од она што го имаме сега, кога можеме да го гледаме кој сакаме натпревар, кога информациите ни се достапни во секој миг. Беше март 1989 и во рамките на „Неделно попладне“ даваа ВХС снимка од мечот кој се одиграл пред недела дена. Тогаш, Атланта против Чикаго, Доминик Вилкинс против Мајкл Џордан, Булси ги прегазија Хокси, а јас од тој ден почнував да се заразувам со НБА и со мојот нов омилен играч - Доминик.

Шепард: Веројатно не сум разбирал премногу кога почнав да гледам кошарка во 1994, ама забивањата на Шон Кемп, фризурата на Родман и финесите на Хаким Олајџувон се првото нешто што го помнам од тоа време. Поконкретно, од тоа време добро се сеќавам на финалето во 1995, и трилер завршницата во која Ник Андерсон ги утна четирите слободни, а Кени Смит даде тројка за продолжение. Хјустон ги згази Орландо 4-0.

Која е магијата на спортот?

Енко: Магијата на спортот веројатно е една од оние работи кои не можаат да се дефинираат со една-две реченици. Спортот, а и кошарката, не трпат такви рамки и сите кои се занимавале со него, па макар и само рекреативно, знаат за каква „дрога“ станува збор.

Шепард: За мене бар, љубовта кон НБА не се сведува само на кошаркарската игра, туку многу повеќе на приказните на кошаркарите – оние успешните, и неуспешните. Многу бргу по моето заљубување во играта научив за гнасната бизнис страна и комерцијализацијата на спортот, што делумно ја намали мојата страст кон играта и самата лига. Но, од друга страна, почнав да дознавам за личните борби на играчите растени во најсиромашните делови на САД, во воени подрачја низ светот, луѓе кои страдале со повреди, физички и ментални болести, а кои стигнале таму каде што се, затоа што биле посветени, работеле напорно и никогаш не се предавале. Од друга страна, постојат и цела армија незнајни јунаци, кои не само што не успеале – па дури и пропаднале, и сведочат не само за суровоста на спортската индустрија, туку и на доминантниот економски ситем – и кои повторно својот „лек“ го наоѓаат во кошарката, како играчи, тренери или преку пишување мемоари. На купче, сите тие наративи за мене се многу важен дел од моето созревање како личност.

Како се променети лигата и спортот воопшто од кога почнавте да следите?

Енко: Драстично е сменета кошарката во последните 20 години. Особено од аспект на физичката подготвеност на играчите. Конкретно кога е НБА во прашање од лига на центри сега имаме лига на бекови и крила. И тоа е така со години. Се игра побрзо на двата краја од теренот, а и во одбраната веќе нема „сечење глави“ кое поминуваше кај судиите во времето на Бед Бојс Пистонси или пак Никси на Пет Рајли.

Шепард: НБА денес е поинтернационална од кога било – што се одразува и на културата и на начинот на игра. Во исто време, физичката подготвеност на просечниот играч е неверојатна. Во овие 20 години, имаше и низа промени на правилата – воведување зонска одбрана, санкционирање на хенд чекин фаули, дефанзивни три секунди итн. Збирниот ефект е сосема поинаква кошарка од таа во 1990- тите: попаметна, помалку груба, потимска, и со помалку „хироу бол“ моменти. Ме радува што НБА покажува и сѐ поголема општествена одговорност.

Како еден типичен американски спорт доби фанови во Македонија?

Енко: Кошарката го нема тој проблем како на пример хокејот, американскиот фудбал и безболот, спортови кои, особено последниве два, се типични за САД. Во периодот кога се појави НБА на овие простори, кошарката и онака беше еден од најпопуларните спортови, така што лесно беше да се освои нова публика со оглед на сето она што го нудеше НБА од аспект на дотогаш невидена атракција.

Шепард: Не би рекол дека е типичен американски спорт. Измислен е од Канаѓанец, а бргу по измислувањето се шири низ целиот свет, вклучително и во Кина, каде што на пример е омилениот спорт на комунистите за време на војната во 1940-тите. А во Македонија, мислам дека кошарката долго време има посебен статус, особено што бивша Југославија беше кошаркарска велесила.

Како се најдовте и како решивте да пишувате заедно?

Шепард: Јас имав блог, и Енко имаше блог. Двајцата пишувавме за кошарка. Стапивме во контакт, пиевме кафе во некогашен „Медиум“ зад Собрание, и ни текна дека наместо два засебни и маргинални блогови, можеме да направиме еден заеднички кој би бил многу поквалитетен. Останатото е историја.

Енко: Со Анастас се најдовме онлајн во времето кога нетот сѐ уште беше реткост и кога друштвените мрежи сѐ уште беа во нечии глави и во нечии фиоки. И двајцата имавме свои блогови на блогер, се читавме еден со друг до моментот кога на Анастас му текна да ми предложи заедно да ја тераме во тие моменти NBA Macedoniа, која потоа луѓето ја дознаа и како MakNBA.

Кој ви е најдраг, а кој најпопуларен пост?

Енко: Писмото до Леброн Џејмс насловено „Драги Лебронтије“ објавено пред тој да ја освои својата прва титула со Мајами и серијата постови на Анастас од САД и посетата на „Куќата на славните“, дефинитивно се во кругот на најомилени и најпопуларни постови на МакNBA, иако е прилично тешко да се издвојат само неколку од илјадниците постови објавени во последните 10 години.

Шепард: Моите најдраги авторски, а можеби и најпопуларни постови, се репортажите од НБА натпреварите кои сум ги гледал во живо (во Бостон и Њујорк), и репортажата од Кошаркарската сала на славните во Спрингфилд.

Да не постоеја блог-платформи и достапен интернет, како ќе ја ширевте „љубовта”?

Енко: Ха, веројатно со некое печатено издание на МакNBA, идеја која и ја имавме во старт и која еден кус период прерасна во идеја за неделна получасовна ТВ емисија, Од овој проект успеавме да завршиме само најавна шпица и неколку сегменти пред сѐ да падне во вода.

Шепард: Можеби ќе собиравме сликички.

Дали ве препознаваат фанови на кошот во маало?

Енко: Се случува, посебно помладите кои активно нѐ следат и се вклучуваат во дискусија со нас и со другите фанови на нашата Фејсбук страница.

Шепард: Кошот на Вера е многу компетитивно маало, нема фанови, само ривали.

Кој би ви бил во прва петорка кога би играле еден против друг?

Енко: За тоа би морале да направиме еден драфт од луѓето кои од почетоците ја следат МакNBA. Кој и да биде во мојот тим - сигурно добиваме, а првиот пик е мој и со него го бирам Чоте.

Шепард: Ќе ги извадам од пензија Брус Боуен, Попај Џонс, Слава Медведенко, Крег Ило и Чаки Еткинс и мислам дека Енко ќе го фати толку „мрско“, што веднаш ќе ја предаде утакмицата.

Среќен десетти роденден! Како ќе прославите за 10-годишнината и што посакувате?

Енко: Фала и кај вас! Планови и идеи имаме еден куп, малку потешко стоиме со време и буџет за реализација на сето тоа. Секако, тоа што „родителите“ на MakNBA се во две различни земји, исто така не помага во целиот процес.

Шепард: За 10-годишнината се надевам конечно ќе успееме да организираме баскет-турнир!



К. Зографска

Интервјуто е преземено од магазинот на Т-Мобиле - Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Студенка по медицина полага
испит.
-Колешке,во тестисите на
мажите колкаво количество спер-
ма има?
По кратко размислување.
-Паа,голтка -голтка ипол!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на бабите, празник...
1472.- Роден е италијанскиот сликар Бартоломео...
1483.- Во Урбино е роден Рафаело Санти,...
1749.- Во Бомон ан Ож е роден Пјер Симон Лаплас,...