Ѓорче Ставрески, режисер

Хронолошки наназад

Едно од најталентираните имиња меѓу новите македонски филмаџии со сигурност е Ѓорче Ставревски, чие портфолио содржи неколку кратки филмови наградувани на фестивалите насекаде низ светот, по што природно се наметна потребата од снимање прв долгометражен филм.



Работниот наслов на првиот долгометражен филм на Ѓорче Ставрески е „Тајната состојка“, а сценариото на филмов изминатите месеци имаше забележлив успех на европските фестивали и форуми, добивајќи неколку парични награди. Ѓорче во интервјуто ветува интересен филм, а во што се состои „тајната состојка“ на приказната (иако во еден момент тој вели дека ја нема!) останува да проценат гледачите следната година кога филмот ќе се појави на големото платно.

„Сценариото е развиено и зрело, а ние сме подготвени.“

Мој клуб: Ѓорче, лека-полека се отплеткува приказната насловена како „дебитантски филм“. Ајде да почнеме од крајот: кога е планирано снимањето на Вашиот прв целовечерен проект со работен наслов „Тајната состојка“ или „Крани“, како што гласеше името на филмот на почетокот?

Планираме да снимаме на крај на летото. Сè зависи од средствата кои ќе ги обезбедиме во наредниот период, меѓутоа би сакале да снимаме во август и во септември. Сценариото е развиено и зрело, а ние сме подготвени.

На годинашното Берлинале, заедно со продуцентката Емилија Чочкова, бевте дел од програмата „Талент проект маркет“. Кои се Вашите искуства од престојот на престижниот Берлински филмски фестивал, и секако, кои се придобивките од настапот таму?

Влеговме на маркетот на Берлинале и бевме многу среќни. Дополнително нè номинираа за една од наградите. Номинацијата значеше и настап пред преполна сала продуценти пред кои во 5 минути моравме да го претставиме проектот. Тоа ни донесе видливост на маркетот и резултираше со плодни состаноци. Продуцентите го бендисаа проектот, а некои од нив побараа продолжение на комуникацијата по електронска пошта. Сакаат да го прочитаат сценариото, се интересираат за нашите планови. Супер беше.

„Добро поминавме!“

Наградата на Берлиналето е само една од неколкуте во изминатата година. Ајде една мала ретроспектива каде сѐ приказната успеа да ги воодушеви ценетите членови на жиријата на проекти во подготовка?

Прво добивме награда за развој на сценарио во организација на нашиот фонд во Македонија. Потоа добивме награда за најдобро сценарио на „Скрипт корнер“ кој се одржува во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“. Следуваше најбитното: наградата „ЕАВЕ стипендија” на пичинг форумот „Кога истокот го сретнува западот” во Трст. И последната: номинација на германските продуценти на копродукцискиот маркет на Берлинале.

Колку наградите на претходните фестивали одиграа улога за влез на престижното Берлинале, каде што од 245 пријавени проекти, влеговте во финалниот избор од 10 филма?

Да, веројатно наградите одиграа улога за влезот на маркетот на Берлинале. Секоја награда, поточно секое учество на пичинг форумите и маркетите, резултира со поголема видливост на проектот. Луѓето слушаат и се интересираат. Меѓутоа и покрај сè, бевме изненадени кога ни кажаа дека сме примени. Конкуренцијата беше голема, а како што спомна, примаа само 10 проекти. Бонус беше што влеговме меѓу 3 номинирани филмови во борба за една од наградите. Добро поминавме!

„Ако ти ја кажам тајната...“

Можете ли да процените, веќе од дистанца по сите тие награди, што е она на што најмногу „се фатија“ луѓето од фелата при проценката на сценариото? Според Вас, која е тајната алхемиска состојка која Ви донесе успех?

Ако ти ја кажам тајната, ќе морам да те убијам. Шега на страна, ќе морам да те разочарам, мислам дека не постои „тајната состојка“. Меѓутоа, слушнавме неколку работи кои им беа симпатични на луѓето. На пример, им се допадна фактот дека филмот е мешавина на комедија и драма. Неколкумина ни кажаа дека се уморни од тешки и траорни приказни од Балканот, а нашата им изгледаше освежувачки. Друга работа што ни ја кажаа е дека лесно се чита сценариото, што е голема пофалба за мене. Меѓутоа да не забораваме, сценариото не е филм туку само рамка, потсетник, упатство за правење филм.

Следејќи го концептот на ова интервју „хронолошки наназад“, веројатно дојдовме до моментот кога и тргна целата оваа работа, конкурсот во Филмскиот фонд и зеленото светло за стартување на овој проект.

Секој филм тргнува така. Драго ми е што Фондот го поддржа филмот и се надевам ќе им покажеме дека не згрешија со нивната одлука.

„Патот е макотрпен...“

Сметате ли дека Вашата генерација филмаџии конечно добива достојна поддршка од државата за реализација на своите идеи, и колку таа е доволна за финална реализација?

За пофалба е што Агенцијата за филм усвои стратегија на поддржување на млади автори, нешто што претходно не беше направено. Имаа критериуми, а јас го направив тоа што се очекуваше од мене: два кратки наградени филмови. На крај конкурирав со игран филм кој беше добро оценет и поддржан од страна на комисијата. Средствата не се доволни за реализирање на филмот и токму затоа се обидуваме да најдеме пари од надвор. Меѓутоа, најголем проблем ни предизвика новиот закон за хонорарци кој влијаеше крајно деморализирачки. Филмот е хонорарна дејност и законот практички ни збриша дел од средствата, а со тоа и бројот на снимачките денови, што на крајот ќе влијае и на квалитетот на филмот.

До каде сте со барање ко-продукции, за заокружување на финансиската конструкција?

Тоа е најтешкото за дебитантски филм. Меѓутоа, се бориме. Имаме партнери од Бугарија со кои ќе аплицираме за поддршка од нивниот фонд и се надеваме дека ќе најдеме заинтересирани продуценти од Германија и Холандија, земји кои покажаа најголем интерес за филмот. Но, патот е макотрпен. Треба некој продуцент да се заинтересира, да аплицира во нивниот фонд, потоа се чекаат резултати кои често знаат да бидет негативни. Па повторно се бара нов партнер и така натаму. Токму затоа не треба да чуди статистиката на која налетав пред некој месец која вели дека просекот на комплетирање на еден филм во Европа - од идеја до премиера - е од 5 до 7 години.

Еден сте од филмаџиите кои сакаат да седнат, да напишат сопствена приказна и потоа да ја реализираат, со што автоматски влегувате во фолдерот на „авторски филмаџија“. Дали на овој начин полесно дишете при снимањето на приказните, и дали можеби во иднина би се нафатиле да режирате туѓ текст, кој, сепак, го чувствувате за доволно близок на својата естетика?

Комплексно е прашањето. Да, би прифатил да режирам туѓо сценарио, зошто да не. Меѓутоа нема сценарија во циркулација во нашата земја. Всушност, ретко се наоѓа средина каде било во Европа во која сценаристите се одлично платени, творат и создаваат доволен број сценарија, а режисерите се во мака, бидејќи не знаат кое да го одберат. Таа слика е својствена само за Холивуд каде што филмот е вистинска индустрија. Таму навистина има професионални сценаристи, затоа што најчесто продуцентите се тие кои ги буткаат проектите, а режисерот се најмува откако ќе заврши потрагата по финансии на филмот. Во Европа работите се јасни: ако сакаш да снимаш филм или седни и пишувај сам или најди сценарист за да работите заедно на приказната која најчесто е твоја.



За „дејствувањето на ликовите под присила на стегите на приказната“

„Тајната состојка“ или „Крани“. Што ни носи оваа приказна, која е нејзината порака, намена, цел...?

Па намерата ми е како и секогаш иста: да раскажам интересна приказна. Би било добро ако предизвикам емоции, ако ги натерам гледачите да ги преиспитаат своите ставови, ако се препознаат и се замислат, но пред сѐ ќе бидам среќен ако уживаат и се опуштат. Инаку приказната е за син кој сака да му помогне на својот татко, а преку тоа успева да си помогне себеси. Мала приказна е, полна со апсурдни ситуации, современа, некогаш смешна, некогаш тешка, но ветувам ќе биде забавна.

Кои се оние допирни точки со претходните приказни кои ги имате реализирано? Колку длабоко сакате да навлезете во психологијата на карактерите за кои раскажувате, колку преку нив сакате ангажирано да ја прикажете реалноста во која живееме?

Ликовите и приказната се двата двигатели на филмската нарација. Овој филм е повеќе граден преку приказната. На некој начин, ликовите се оформуваат притиснати од калапот на приказната, од нејзините клучни точки по кои нема враќање назад. Често се добива чувство како да немале друг избор, освен оној што го гледаме во филмот. Затоа не би рекол дека ми е фокусот на психологија на ликовите, иако таа може да биде изведена, реконструирана од дејствувањето на ликовите под присила на стегите на приказната.

За „вистинските прашања“

Дали модерното кино треба да претставува ангажирана уметност, со оглед на секојдневните турбуленции низ кои поминуваме? И во која насока (треба да) се движи македонскиот филм, а пропо критериумите кои треба да се задоволат за снимање на еден актуелен, европски филм кој треба да помине добро на фестивалите низ Европа?

Дефинитивно, филмот треба да биде ангажиран. Меѓутоа, внимавај, има различни толкувања на терминот. Јас претпочитам суптилна ангажираност, ненаметлива. Филмот е уметност, а главната особина на уметноста е да ги поставува вистинските прашања, не да биде тезична и да дава одговори по секоја цена. Македонскиот филм има еден начин за успех: современи авторски приказни, критички настроени кон општеството во кое живееме, доволно евтини за да бидат остварени и ориентирани кон публиката, исто колку и кон критиката. Современиот романски филм е одличен модел.

Ви посакувам успех!

Благодарам.


Текст: И. Анѓелков
Фотографии: Е. Николова-Лиере

Интервјуто е преземено од магазинот на Т-Мобиле - Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...