НЕПОПРАВЛИВ РОМАНТИЧАР И СОЗДАВАЧ НА СКАЗНИ

Сказна за конецот и иглата

Таа е „непоправлив романтичар и создавач на сказни“. А сказната што овојпат ни ја раскажува е онаа на конецот и малата накривена чингелакија...

Во оваа сказна се испреплетуваат традицијата, фантазијата и љубовта, но таа во себе носи и парче од душата на оној кој ја создава... Овојпат, „раскажувачот“ е Маја Кузманоска, професор по англиски јазик, но и дизајнер на уникатни плетени парчиња накит и модни додатоци кои под насловот „Романтик мори“ беа претставени во креативниот простор на „Концепт 37“.


Ни ден без плетење

Помислата на конецот и малата накривена чингелакија е спонтано патување наназад во времето. Виртуелна телепортација во минатото... Го враќа споменот на нашите баби и нивните вредни и трпеливи раце, кои низ играта на котелците, создаваа уникатни парчиња - честа декорација во македонскиот дом... Како воопшто во ова урбано и високо потрошувачко време дојдовте до идејата да го оживеете споменот, да посегнете по нешто за кое мислевме дека засекогаш останало заробено во минатото?

Пораснав во семејство каде што традиционалните вештини беа длабоко вкоренети и рачната работа беше високо ценета, величана и практикувана. Моите две баби беа вешти во рачните изработки – едната беше професионална шивачка, а другата вистински мајстори за секаков вид плетење. Обете уште од мали нозе ми даваа да им помагам или да си направам нешто сама. Меѓутоа, плетењето со чингелакија (хеклањето) ми го зароби срцето. Гледајќи ги прекрасните изработки кои оживуваа преку магичните раце на баба ми, се заљубив во таа волшебната игра на чингелакијата и конецот. Бидејќи следам многу креативни блогови, на еден таков најдов плетено ѓерданче кое ми остави толкав впечаток, што посакав да си направaм нешто слично. И оттука тргна сѐ. Првиот пост со плетена креација на мојот блог предизвика лавина реакции и тоа ми беше мотив да продолжам понатаму. Сега не можам да замислам ден без да сплетам нешто, а уште повеќе се радувам што преку интернетот сум дел од една огромна заедница со која споделуваме искуства од оваа област.

„Шумски девојки“

Неодамна ја претставивте вашата нова, пролетна „Романтик мори“ колекција. Соодветно на насловот, колекцијата беше женствена, романтична, волшебна… Како вие лично ја доживувате и каде посегнавте по инспирација за неа?

Колекцијата е инспирирана од јапонската улична мода која се нарекува „мори“. „Мори“ на јапонски значи шума, оттука овие шумски девојки главно се облекуваат во парчиња со бои од природата. Стилот е боемски со комбинација на готски и викторијански елементи. Токму „мори“ модата ги прикажува моите длабоки убедувања за жената и каква таа треба да биде: женствена, заводлива и романтична, маѓепсувачки фасцинантна со доза на мистериозност во себе. За колекцијата користев памучен, мерцеризиран конец, различни видови тантела, тул и памучни ткаенини, бисерчиња и мониста со кои верувам успеав да направам една посебна сказна – еден нов заводлив свет.

Боите на природата украсени со нежните цветни дезени ги преточувате во... ... интересни ѓерданчиња, лариати, бразлетни, прстени, брошеви, а имам и шноли и венчиња. Накитот е комплетно составен од цветни дезени за кои користев најразлични видови плетки за цвеќињата, секако, користејќи и други материјали кои ги вметнував во цветната композиција.

Идеалната „Романтик мори“ девојка

„Романтик мори“ на еден извонреден начин ги обединува и спротивставува слободниот боемски дух, ексцентичноста на јапонската мода, романтичната страна на цветовите и мистериозноста на готиката и викторијанското доба, создавајќи еден интересен еклектичен спој на најубавото од повеќето светови. Според вас, која и каква е идеалната „Романтик мори“ девојка?

Секоја девојка која попрво ќе ја избере смиреноста на природата од заглушувачкиот метеж на градот е „Романтик мори“ девојка. Таа е образована и вљубена во пишаниот збор, претпочита да ужива во мали задоволства кои за многумина се неважни. Смирена е, свесна за светот околу себе, љубопитна, со сетилата широко отворени, но која не ја засегаат или искушуваат одредени стандарди или трендови. Нејзиниот стил е безвремен, смирен и женствен. Љубовта кон женственоста изразена во викторијанскиот период ја диктира линијата на одредени парчиња облека, така што „мори“ девојката е заљубена во винтиџ парчиња. Таа ужива во убав текстил и секако претпочита органски материјали пред синтетиката, пристрасна е и кон боите кои ја красат природата од каде што таа за црпе енергијата.

Воскреснат интерес



Денешниот човек ја беше подзаборавил убавината на минатите традиции и магијата на старите занаети... Но, се чини, нештата во оваа сфера полека почнуваат да се менуваат. Во светот се шири сѐпоголемиот воскреснат интерес за некогашните вештини како плетењето, везењето... Тие станаа особено популарни како дел од таканаречените „Направи сам“ проекти. Колку македонскиот млад човек ја препознава убавината на плетените дизајни?

Изненадувачки е колку младите луѓе денес покажуваат интерес за рачните изработки. Иако кај нас се чини малку беа паднале во заборав рачните техники на изработка на накит и облека, во светот овој тренд никогаш и не беше стивнал. Во прилог на ова оди и тоа што многу големи дизајнерски куќи како „Диор“, „Александар Меквин“, „Шанел“,... го ставаат својот потпис на плетени парчиња, без разлика дали се работи за облека, накит или додатоци. Ме радува тоа што во последно време младите кај нас, посебно оние кои ја следат модата и трендовите, посебно го ценат, почитуваат и признаваат овој вид изработки. Би се запрашале што е посебното во плетениот накит? Едноставно, тој зрачи со посебен шарм и уникатност. Фактот дека е рачно изработен од органски материјали го прави уште попривлечен и попосебен.

На љубителите на плетените предмети им нудите поглед кон својот свет, свет на креативност и фантазија кој го споделувате на вашиот блог Little Treasures (http://thelittletreasures.blogspot.com/). На блогот можат да се најдат мали скапоцености како...

На блогот пишувам за сѐона што е во опсегот на мојот интерес и авантурите во светот на креативните изработки. Најмногу сакам да пишувам за мојот креативен процес, но и да споделувам упатства (DIY – направи сам) за декорации, украси, плетени работи,.. пишувам за моите патувања, промовирам нови и надежни креативци и луѓе од светот на уметноста и модата на кои им се восхитувам. Сепак, морам да признам дека блогот е најпосетуван и најпознат по плетењето со чингелакија, а постовите кои имаат најголема посетеност се оние во кои споделувам упатства за изработка на накит, како и часовите „Како да се прочитаат шеми за хеклање“, каде што објаснувам како симболите да се преточат во зборови за изработка на т.н. бабини квадратчиња (granny squares).

Оние помалку умешните, наместо да направат сами, можат да купат ваши дизајни на популарната страница за рачни изработки Etsy…Какви сѐкреации продавате таму?

Во мојата продавничка на Etsy можат да се најдат различни парчиња хеклан накит – најмногу ѓерданчиња и нараквици кои се уникатни во дизајнот и го отсликуваат мојот стил. Тие се и најбараните. Сезонските парчиња кои се популарни во есенскиот/зимскиот период, како интересни шалови и шарпи, се мошне барани исто така. Лете најмногу продавам врвци кои се носат околу глуждовите на нозете (anklets). Исто така има неверојатно голем интерес за упатствата за изработка на одредени парчиња кои се прилично популарни во мојата продавничка.
Текст: Ц. Беличанска
Фотографии: Е. Л. Николова

Интервјуто е преземено од магазинот на Т-Мобиле - Мој клуб. Во најновиот број читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....



 



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...