Идната светицата, блажена Мајка Тереза

„Мислам дека светот денес е превртен наопаку и дека има толку многу страдања, бидејќи има многу малку љубов во домовите и во семејниот живот. Немаме време за нашите деца, немаме време за еден со друг и немаме време да уживаме еден во друг. Само кога би можеле во нашите животи да го вратиме животот што Исус, Марија и Јосиф го живееле во Назарет, мислам дека тогаш мирот и радоста би завладеале со светот“.

„Не станува збор за тоа колку правиме, туку колку љубов вложуваме во она што го правиме. Не станува збор колку многу даваме, туку колку многу љубов вложуваме во она што го даваме“.



„Мирот се раѓа со насмевката“. „Шири ја љубовта секаде каде што ќе одиш. Кога некој ќе дојде кај тебе, нека си замине посреќен отколку што дошол“.

„Ако не можеш да нахраниш 100 луѓе, нахрани барем една личност“. „Верувај во малите нешта, токму во нив лежи твојата сила“..., се само едни од многубројните пораки што Мајка Тереза му ги остави на светот.

Нобеловката што го задолжи универзумот со своите хумани дела на грижа и помош за болните, особено лепрозните, изнемоштените, сиромашните и гладните, сирачињата и оние кои умираат, се очекува годинава да стане Света Мајка Тереза, веројатно на одбележувањето на 19. годишнината од нејзината смрт, 5 септември 1997 година.

По каноните на Римокатоличката црква, светец, односно светица се станува откако ќе се утврди дека личноста автентично направила најмалку две чуда. Најавената канонизација следи откако, како што е познато, папата Францис го призна второто чудо поврзано со нејзината моќ за исцелување, лекување на маж од Бразил од неколку мозочни тумори во 2008 година. Необјаснивото излекување настанало откако неговата жена и се молела на Мајка Тереза додека тој бил во кома.



Првото нејзино чудо е излекувањето на Индијката Моника Бесра во 1998 година со наод тумор во стомакот, како резултат на што во 2003 година папата Јован Павле Втори во Рим, во присуство на 300 илјади луѓе, шест години по нејзината смрт ја прогласи Мајка Тереза за блажена. Оттогаш трае и постапката за нејзино прогласување за светица. Фактот дека процедурата за нејзината беатификација траела пократко од сите останати во модерната историја, најдобро сведочи за угледот и популарноста што Мајка Тереза го уживала не само кај верниците, туку и во црковните кругови. Особено се цени нејзината идеја за основање на католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута со над 5 илјади сестри вклучени во околу 600 мисии за помош, со школи, прифатилишта и болници за сиромашни, гладни и оставени во 120 држави во светот.



Пупка, цвет со розова боја

Родена е како Гонџа Агнеза, во Скопје, 1910 година, во таканаречениот Латински кварт недалеку од Влашкото маало, трето дете на семејството Бојаџиу, покрај сестрата Ага (1904) и братот Лазар (1907).

- По националност е Албанка од римокатоличка вероисповест (Албанците католици се нарекувале Латини), а самото име Гонџа е старо албанско име и значи пупка или цвет со розова боја. Во светот позната како Мајка Тереза или Мајката од Калкута, која сиот свој живот несебично го посветила на каузата на хуманоста, според едни податоци родена е на 27 август, но вистината е дека таа е родена на 26 август, а на 27 е крстена во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и тој ден се смета за нејзин роден ден, забележува Јасмина Миронски, автор на книгата „Мајка Тереза – Светилката се уште гори“, истражувачко-публицистички труд за потеклото, животот и мисијата на скопјанката Гонџа Агнеза Бојаџиу.

Татко и Никола, дополнува таа, според едни записи бил трговец, а по други аптекарски помошник. Бил почитуван, сакан и современ човек кој во тоа време ги школувал сите свои деца. Мајка и Дранафила, била домаќинка, исклучително побожна жена. Помагала со задоволство секому, а вратата од куќата на семејството Бојаџиу постојано била ширум отворена. Според спомените што ги раскажувал братот на Гонџе, Лазар, фамилијата Бојаџиу потекнувала од Призрен, а мајката и таткото им биле родени во Скопје. Карактеристично за нејзината фамилија било тоа што имало многу мешани бракови.



Гонџе растела опкружена со љубов и гледала како чувствата несебично се споделуваат со другите, заедно со материјалните добра затоа што нејзините родители биле луѓе со широко срце, кои на сиромашните им делеле храна, облека, пари... Во тоа време Скопје бил развиен трговски центар, мултикултурна и мултирелигска средина. Научила да комуницира со сите, и со оние кои се различни и по јазикот, и по културата, и по верата, и по погледите кон светот.

- Низ тие спротивставености и разлики таа учела дека само љубовта ги намалува разликите и љубовта е таа која дава шанса и можности и во тие различности сите да се чувствуваат добро, забележува Миронска.

Забележано е дека младата Гонџа била жива, темпераментна и енергична девојка, ведра, насмеана и дружељубива. Пожртвувана, скромна, а сепак толку одлучна и силна, што било контраст на нејзината кревка физичка природа. И исклучително хумана. Била многу ангажирана околу црковната заедница „Срце Исусово“, пеела во хорот како сопран, играла во црковниот и градскиот театар, рецитирала, пишувала поезија, свирела на мандолина и се почесто сонувала да стане чесна сестра.

Во овој сплет на околности, посветеност кон Исус и вродено милосрдие, останување без татко на само осум години, било логично и очекувано, иако првично болно за мајка и, но и за роднините и пријателите, на 18 години завршената гимназијалка да замине од дома.

- На патот од посветеноста да служи на најсиромашниот меѓу сиромашните и да се дарува љубов на оние на кои им е љубовта потребна, Гонџа од Скопје заминала за Ирска, за потоа да стаса во Калкута, Индија. Од Скопје за Загреб тргнала на 26 септември 1928 година. На Железничката станица дошле да ја испратат неколку стотини лица. Сите плачеле од тага. Нејзиниот братучед Лоренц Антони ќе запише дека роднините се собрале кај нив дома и секој носел по некој ситен подарок како книга, молив и слично во знак на сеќавање. А, да се збогуваат дошле и другарите, соучениците, целото маало. Изборот за Ирска и специфичниот религиозен ред од сестрите на Лорето, кој организирал мисионерски училишта во Индија бил по совет дека е тоа патот по кој таа може да ја исполни својата амбиција и фактот дека ирската секција била една од најдобрите женски верски заедници, подвлекува Миронски, базирајќи се на истражените материјали за својата книга.



Само година дена подоцна се наоѓа во Индија, каде во манастирот Лорето, четиристотини милји северно од Калкута и формално на 23 мај 1929 година го започнува својот живот во нунцијатот.

Зошто токму Тереза

Од богатиот животен пат на Гонџа Агнеза Бојаџиу мошне интересен е делот за изборот на сестринското име. Според одредени документи доброчинителката Гонџа на 24 мај 1931 година ја донела својата втора судбинска одлука и го сменила своето име во монашкото – сестра Тереза, а подоцна Мајка Тереза.



- Ова име го одбрала во чест на света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од 16 век. Тереза од Авила припаѓала на редот на таканаречените босоноги кармелити. Кармелити се римокатолички религиозни редови кои водат потекло од испосниците од ридот Кармел во Палестина. Тереза од Авила или Тереза од Исус (1515-1582) шпанска писателка, калуѓерка, родум од Авила, извршила реформа на кармелитскиот ред. Нејзините аскетско-мистични дела се сметаат за вредни споменици на шпанскиот јазик. Канонизирана е, односно прогласена е за светица во 1622 година, а во 1970 година Католичката црква ја прогласила за учител на Црквата, стои запишано во книгата на Миронски.

- Но, овој избор ја побива книгата за Мајка Тереза на британската авторка Ана Сиба издадена во САД, како и книгата од индискиот автор Навин Чавла, каде пишува дека Гонџа не го зела името Тереза по шпанската Тереза од Авила, туку по француска калуѓерка која се викала Тереза Мартин, а на која во 1927 година Ватикан и ја доделил титулата – света Тереза од Лисео. И таа била од редот на Карамелитите, умрела многу млада во 1897 година, а водела едноставен живот посветен на молитви и мисионерство, појаснува Јасмина Миронски.

Како и да било, Гонџа Агнеза Бојаџиу, односно Мајка Тереза, со изборот на името како да си ја предодредила сопствената судбина на вечна слава.

Заминување со највисоки државни почести

Мисионерката и хуманитарка Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, градот каде што го мина најголемиот дел од својот живот. Замина десетина дена по нејзиниот 87 роденден. Не издржа благородното срце, поразено од уште еден инфаркт. Децениската напорна работа со само четири часа спиење дневно, си го зеде данокот. Мајка Тереза уште во 1974 година доживеала мал удар, а во 1983 година преживеала тежок инфаркт. И во подоцнежните години имала неколку срцеви удари од кои се опоравувала и продолжувала со мисијата. Со нежно здравје, таа често била болна, дури и од маларија. Последните нејзини зборови биле: „Молете се мојата работа да продолжи. Јас не сум важна“.



Пред смртта, на трети септември, Мајка Тереза ја пишува и последната порака за Скопје. Тоа е писменце испратено до роднините, до Пина Марковска и нејзината ќерка Вероника на кои им се заблагодарува на нивната роденденска честитка.

Иако нејзиниот живот бил повеќе од скромен, нејзиниот погреб одржан на 13 септември во Калкута, беше величествен. Нејзиното тело со денови беше изложено во стаклен ковчег во црквата „Свети Томо“. Мајка Тереза за милиони католици, како и за други, претставуваше светица за време на својот живот. Затоа и не треба да чуди што „светицата на бедните“, како што беше нарекувана од оние за кои таа деноноќно се грижеше, беше носена низ улиците на Калкута на истиот воен топ на кој за време на погребните церемонии беа носени и мртвите тела на Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру. Во поворка од десетици илјади лица кои сакаа да ја видат за последен пат. Светот се прости од неа на свечената погребна церемонија во затворениот стадион „Нетанаџи“ во Калкута. На погребната церемонија која имаше државнички карактер, присуствуваа четиристотини истакнати личности од светот, меѓу кои четири претседатели и три кралици.

Меѓу македонската делегација која присуствуваше на последното испраќање на сограѓанката Мајка Тереза беше и новинарката Јасмина Миронски.



- Сестрите Гертруда и Моника, кои целиот свој живот го минале во нејзина близина, со исклучителна љубезност, пресретливост и благост ми помагаа да поминам преку долгиот ред и на гробот да положам свеќа што ја донесов во Калкута, во име на братучетката Пина Марковска од Скопје. Гробот се наоѓа во една од трите куќи, повеќекатници во Калкута, во онаа што се нарекува Куќата на Мајката каде што е сместено главното седиште на Мисионерките на љубовта. Тоа е поголема бела бетонска конструкција, покриена со бела мермерна плоча со епитаф: „Сакајте се еден со друг, како што јас ве сакав вас“, се сеќава таа.

Кети Мицковска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Двајца излегле со своите жени низ чаршија да се прошетат но и двајцата ги изгубиле своите жени.
И почнале да ги барат.Барајки ги жените и двајцата се судриле.Првиот рекол:Извини...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
570.- Во Мека е роден Мухамед, основач на...
1653.- Водачот на Англиската револуција Оливер...
1657.- Англиската флота, под команда на адмирал...
1768.- Умре италијанскиот сликар Каналето, еден...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби