Екстремно ниските температури во одредени прилики може да бидат опасни. Со спуштање на температурите под 0-та, сите го очекуваат првиот снег, но во пакет со него и мраз. Доколку се најдете надвор, никогаш не треба да ја потцените моќта на мразот и снегот дури и да е во кашеста состојба. Било да сте со возило или да се движите пешки тие со сигурност ќе го отежнат вашето движење, а во овој период скршениците се најчести.
Движете се низ снегот
Снегот најчесто е избегнуван доколку не е разгазен, но токму тој може да ви биде од голема корист доколку се најдете на површина со снег и мраз. Мразот е доста лизгав, па големи се шансите доколку се движите по него да се повредите, додека неразгазениот снег ви овозможува да правите сигурни чекори низ него.
Научете да паѓате
Падот не го сака никој, но е нормален при овие услови. Добар дел од луѓето кога ќе се лизнат се обидуваат да се задржат на нозе правејќи голем број движења кои не можат да ги контролираат. Побезбедно е да паднете, а падот да го ублажите со вашите дланки отколку да ги правите тие движења кои доколку не успеат да ве задржат на нозе најверојатно ќе бидат опасни за вас.
Носете ракавици
Ракавиците или грејачите за зглобови и лакти немаат само функција да го згреат вашето тело. Тие ќе ве заштитат и од повреди кои најчесто се случуваат токму на тие нежни места.
Дланките секогаш нека ви бидат празни
Вашите дланки се вашата најголема помош. Практикувајте никогаш во рацете да не држите мобилен телефон, чанта, паричник или друг предмет, посебно доколку се движите по небезбедна површина. При ненадеен пад инстинктивно прво со нив ќе се обидете да го ублажите падот.
Бидете сигурни дека носите соодветни обувки
Избегнувајте чевли со мазен ѓон бидејќи ја зголемуваат опасноста од лизгање, а место нив секогаш одбирајте чевли со рапав ѓон. Имајте на ум дека естетскиот изглед е помалку важен, за разлика од вашите безбедност и удобност кои треба да се на прво место.
Намалете ја брзината на движење
Планирајте го своето време и доколку сте со возило. Треба да знаете дека со појавата на снегот следува и отежнување на сообраќајот и треба да се движите со намалена брзина. Потребната зимска опрема не се налага само за да добиете казна за нејзино неносење, туку и поради вашата безбедност. Намалената брзина при возење освен што ќе ве заштити вас ќе ги заштити и сите други учесници во сообраќајот.