Витлеем, Палестински територии

Престолнината на графитите

Ако досега Витлеем беше синоним за почетоците на една голема и универзална животна приказна, денес таму се создаваат сосема нови и поинакви приказни и тоа на мошне автентичен, урбан и досетлив начин. Ѕидот помеѓу Израел и Палестина е најновото омилено уметничко платно за сликарите, активистите и пацифистите од целиот свет.

Заедно со тукушто пронајдениот таксист Јусеф, се наоѓаме сред Витлеем на сериозна задача. Дали тој е дораснат за задачата, не сме сигурни – ни изгледа престар за да ја следи новата урбана уметност во светот!? Но, не еднаш сме си рекле: изгледот може да излаже! Нашата сериозна, самозaдадена задача е да ги пронајдеме најдобрите графити во градов. Локациите ни се педантно маркирани на Google мапата на нашите смартфони, а многубројните бесплатни интернет локации, дури и низ Светата Земја ни беа гаранција дека нема да промашиме ниту една! Уште по првите неколку часа престој на најсветите координати на планетава, заклучокот ни е неменлив: превезот на мистичност денес е „заменет“ со превез на илјадници заштитени и слободни безжични интернет локации со свети и профани имиња. Во сенката на еден билборд со реклама на Ватанија Мобајл, на кој беше прикажан фудбалерот Меси заедно со некои палестински деца, со ширум отворени раце и отворени врати на таксито, поради жештината, нѐ дочека Јусеф. Тргнавме на прошетка низ Витлеем оддалечувајќи се од Црквата на Христовото раѓање до периметарот на малото место, до маалата кои до неодамна биле посетувани само од политичари и војници. Низ тесните улички на Витлеем се префрлувавме со божествена брзина де нагоре де удолу. Додека се шетавме и ги фотографиравме графитите од едната страна на безбедносниот ѕид кој ги раздвојува Израел и Палестинските територии, од излижаните плочки на вековните поплочени сокаци нѐ заслепуваше отсјајот на жешкото сонце и генијалноста на спрејовите на графити-уметниците од целиот свет.

Симболично „платно“

Исусовото родно место денес е престолнина на графитите. Најпознатите графити-уметници, почнувајќи од полумитскиот британски уметник Бенкси, италијанскиот Блу и други, токму овде оставиле графити – ремек-дела кои во модерниов свет се познати речиси исто колку и Мона Лиза на Леондардо да Винчи.

Исцртани на трошни ѕидови и одбранбени бедеми со несигурна иднина, графитите праќаат пораки кои буквално го опколуваат светот со своите универзални значења! Повеќето од графитите можат да се видат на 8 метри високиот ѕид кој од безбедносни причини пред 10 години бил изграден од Израел по должината на исцртаните линии на границата со се уште недооформената држава Палестина. Денес освен што ѕидов е уште една брзоплета несмасна креација на човекот, тој е и симбол и надеж за подобро утре, симболично „платно“ на кое се нижат најзначајните и најмирољубиви графити од целиот свет. Витлеем и Ерусалим денес се соседи, речиси споени, но сепак за да се посети Витлеем, на палестинска територија, се поминува пасошка контрола од страна на Израел.

Една симпатична млада, но вооружена девојка-војник ги прегледа нашите исправи и ете сме на територија каде што преовладува арапското наместо хебрејското писмо. По должината на овој ѕид се исцртани графити до последниот милиметар. Освен за овие мали ремек-дела на вистината, ѕидов е искористен и од неколкуте кафулиња кои се досетиле своите менија да ги напишат и нацртаат токму на него! Веројатно ова се најнеобично презентираните менија во светот!

„Заробени“ графити

Ќе се обидам да ви ги раскажам највпечатливите графити: новогодишна елка обиколена со ѕид од тули, така што никој не може да ја види, гулаб на мирот со маслиново гранче во клунот, но и со елек отпорен на куршуми, девојче сака да го прескокне високиот ѕид со балони надуени со хелиум, џиновски инсект го урива ѕидот помеѓу Израел и Палестинските територии како домино,.. девојче во розово фустанче, како некоја необична Црвенкапа, го претресува од глава до петици војникот до себе... Сите овие и недоброј други графити ремек-дела засекогаш се „заробени“ во мојот смартфон, но... уште посигурно – во моите спомени и мисли! Некои од овие графии ќе бидат избледени од сонцето и измиени од дождот, ама само во реалноста!



Најновата, највистинската историја

Оваа уметност на графитите е како пиреј. Како розови ракети со голем дострел, графитите допираат до срцата на целиот бунтовен свет кој денес чинам е потешко од кога било да се залажува со големи туѓи вистини. Фотоапаратите на мобилните телефони, ја бележат најновата и највистинската историја на Витлеем, на Палестина и на светот воопшто.

Сите ние што одиме таму, на еден поинаков аџилак, сме новите апостоли кои ги шират своите вистини и пораки на еден графички начин кој лесно се памети и се прераскажува, како некогаш десетте заповеди, како пораките на еден голем човек кој се родил блиску до мојот омилен графит и го променил светот. Тој го променил светот, графитот ме промени мене. Најновата, највистинската историја живее на ѕидот, во телефонот...

Текст и фотографии: Р. Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Жена чека пред телефонска говорница да заврши човекот пред неа, меѓутоа поминуваат 10 минути, а тој не само што не отстапува, туку само седи со слушалката на уво и ништо не...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Во западните делови од државата, на повисоките места се бележат врнежи од снег, но...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на книгата и авторското...
1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир,...
1616.- Во Мадрид умре Мигуел де Сервантес,...
1792.- Создадена е француската химна "Марселеза"...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби