Некаде... Валпараисо, Чиле

Ексцентричната невеста на океанот

„Додека ова го пишувам, веќе сум далеку. А кога ќе се вратам, веќе сум заминат. Сакам да видам дали истите нешта им се случуваат и на други луѓе, како што ми се случуваат мене… Кога оваа дилема детално ќе се истражи и кога ќе се дообразувам себеси доволно, веројатно додека зборувам за своите проблеми, ќе зборувам за географијата...“



Вака приближно има напишано големиот чилеански поет, Нобеловецот Пабло Неруда. И кога веќе сум на негов терен, во еден од најинспиративните градови во Јужна Америка – Валпараисо, ја пуштам мојата (не)поетска фантазија да рее над убавиот залив на овој неповторлив град. По навика ја поистоветувам земјата што ја посетувам со имагинарна девојка: Чиле е една навистина витка и стројна мома. Видете ја на мапата: главата и мислите и се врели, некаде на север во најсувото место на планетава Земја - пустината Атакама. Таму летаат огнено црвени фламенко-птици. Оваа мома е страстна црвенокоса. А ,сепак, таа е толку присебна. Стапалата и се студени. Најстудените на светот – длабоко во Антарктика. Андите и се ‘рбетот – затоа Чиле е горда и тешко освоива незаинтересирана девојка која гледа замислено во бескрајот со полуспуштени клепки - во најголемото синило на светот – Пацификот. И ако главниот град Сантиаго е нејзиното срце, душата сепак и е во Валпараисо, градот во кој прелесно се вљубив. Чиле е една од оние големи, а кратки љубови што ги криете од сите, љубов скриена далеку од сè. Скриена на југ, најјужно, на другиот дел од светот.

Валпо - Вашиот нов ексцентричен пријател



На прв поглед Валпараисо и не е убав град. Валкан е, непропорционален, поделен на рамен и стрмен дел. Куќите се несразмерни, секоја приказна за себе: без некој логичен или естетски редослед, во многу бои кои со годините веќе се избледнети од сонцето и морската сол. Фасадите се трошни, а металните орнаментирани огради често за’рѓавени. Неговите мани можат да се редат во низа, но,.. застанете само неколку минути и фрлете поглед кон океанот од балконот на некоја стара колонијална куќа на еден од 42-та рида на кои е спружен мрзливиот Валпараисо. Или подалеку, погледнете кон ридовите кои еден зад друг ја менуваат нијансата на сино и се зголемуваат експоненцијално сè до колосот Аконкагва, највисокиот врв на Андите и на сите континенти надвор од Азија (речиси 7 000 m). Гледајте наоколу, слушајте внимателно и ќе Ви се случи тоа што ми се случи и мене. Ќе сфатите дека Валпараисо незабележливо ви се пикнал под кожа и со него веќе сте на „Ти“, викајќи го Валпо, како неговите граѓани. Прашање на миг е кога Валпо, спонтано и неусилено, нетуристички и неконвенционално, ви станува ново необично пријателче засекогаш...



Некој аргентински посетител во 19 век го опишал Валпараисо како „Европа која само што пристигнала уморна и се распослала и разголила на плажата”. Навистина, и денес градот е мешавина на стилови од Европа од крајот на 19 век – италијански, британски, шпански... Тоа е град-сурогат на европскиот космополитизам и наивноста на Новиот свет. Вистинска ексцентрична невеста на океанот. Таму ридовите го гушнале океанот и формирале пристаниште – едно од најголемите и најпознати во Латинска Америка. Помеѓу рамниот комерцијален дел на градот, до пристаништето, и стрмниот боемски дел, на ридовите, преполн со мали тесни калдрмени улички, се наоѓаат 15-тина стари, но добро зачувани „асенсори”, т.е. лифтови кои се изградени на кратки пруги кои водат речиси вертикално нагоре. Со времето, тие станале и симбол на градот. Заедно со градската архитектура се заштитени од УНЕСКО. Сите си имаат свои имиња и граѓаните за нив зборуваат како за свои живи сограѓани - миленичиња (Тури, Барон, Кралица Викторија, Поланко, Еспирито Санто...)

Под секој камен - скриен поет

Валпараисо и е на Латинска Америка исто што и Струга на Европа – град бастион на поезијата. Не знам дали поради тоа што и двата града се наоѓаат на вода, а опколени се со планини, или можеби едноставно виновни се сонцето и светлината,.. како и да е, на обете места поезијата тече во реки, не во потоци. Во Чиле има изрека дека поетите таму се скриени под секој камен. Можеби и е навистина така: пејзажите на Чиле се како откорнати од дивата јужноамериканска латино душа: пустините, вулканите, глечерите, шумите и лозјата се непресушните извори на поетските реки.



Пабло Неруда го сакал Валпараисо. Таму, на еден од неговите ридови – Серо Белависта, ја изградил и една од своите омилени куќи, ексцентричната „Ла Себастијана”. За неа, Неруда рекол дека „ја изградил од воздух, и и поставил знаме кое висело од небото, од ѕвездите, од бистрината и од темнината”. Денес таа куќа е прекрасен музеј и собиралиште на поетите од цел свет, каде што редовно се одржуваат и поетски работилници. Таа однадвор е бела и црвена, а внатре е полна со слики со морски мотиви на ѕидовите. Спалната соба потсетува на бродска кабина. Заедно со другите предмети собирани од целиот свет „Ла Себастијана“ потсетува на боемско место кое инспирира на отпловување и патување, најголемата страст на Неруда. Историјата на овој град е турбулентна, полна со земјотреси предизвикани и од природата и од луѓето...

Градот на кој „не му треба чешел“

Се искачив на Серо Консепсион за последен пат, да испружам нозе и поглед, да се поздравам со градот, мојот нов пријател. За два часа треба да сум на автобускиот терминал Родовиарио и да заминам. Одбрав едно кафуле од каде што се слушаше тивка џез музика и седнав во аголот со добар поглед. Вработените во локалот беа пријатни, а открив и дека готвачот, извесен Ил Постино, ти бил поет по хоби! Пишувал поезија за сè, дури и за палачинките на Валпараисо. Меланхолијата и чадот од пурата на господинот кој седеше до мојата маса и читаше, формираа густа смеса која владееше со просторот, нежно движејќи се, носена од ветрецот и музиката. Отворив книга со поезија на Неруда и им дозволив на зборовите да замавнат и да засечат во смесата од чад. Одвреме навреме, го подигнував погледот нагоре кон синилото од океан и јужно небо. И надолу кон градот кој го живееше тој февруарски летен ден: на калдрмената уличка се тркаа надолу две палави дечиња на велосипеди со помошни тркала. Потаму, од една друга уличка, збрче и зачади стар фолксваген-буба, едвај разминувајќи се со за’рѓан теренец од jавната хигиена на градот... Куќите веќе не ми стрчеа, напротив, како да беа органски израснати од ридовите. И јас се чувствував небаре сраснувам и се претопувам во амбиентот. Градот на кој „не му требаше чешел и кој немаше време за дотерување” го живееше својот ден на крајот од светот.



Валпараисо е мое откритие, мое чудо и моја љубов. Да бев Неруда, и јас со право ќе речев: „Да бев религиозен, ќе го наречев Валпараисо најголемо ремек-дело на Бога”.


Текст и фотографии: Роберт Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби