Некаде со Роберт Смилески... Занзибар

На песок од цимет, под облаци од ванила

Ова е островот – дом на големото семејство егзотични зачини, иако секој од нив, всушност, си има потекло од некои други места низ светот.



Откога се вратив од Занзибар, островската мисковина стана дел од мојот генетски код. При секоја моја идна средба со некој од членовите на ова весело семејство мирудии, се радувам како при средба со некој близок со кој одамна се немам видено, а страшно ми недостигал. Кога дома ќе посакам да вкусам сладолед со вкус на ванила, кога ќе ми затреба цимет, слатко за да ја засече пената на капучиното или кога ќе кивнам од свежо сомлениот црн пипер врз топлата супа, се потсетувам на Занзибар.

Аеродромот близу Стоун Таун не само што немаше клима уреди за да им помогне на патниците да ги извршат своите гранични и царински проверки, туку таа вечер на него немаше ни електрична енергија. Во спарната и темна вечер, по хаотичниот граничен аеродромски премин, сепак лесно го најдовме Али, облечен во бел чист канзу (долга бела кошула налик на арапските). Тој со насмевка и островска ноншалантност нѐ однесе во стариот град, каде беше нашата база за следните денови. Прекрасниот мал хотел „Хилики“ како да беше дом на некогашната принцеза Саломе. Смирувачкиот мирис на морска сол во воздухот се беше впил и во постелнините сушени на врелото сонце.

Мирисливо будење

Некои нови звуци од непознати птици ни посакаа добро утро, небаре се разбудивме во рајот. Низ ролетните ѕиркаше тиркизното небо и огромниот џбун од некој островски вид на буганвилeа. Брзо завршивме со лесниот појадок со доминантен мирис и вкус на сокот од исцедено манго и се фрливме во прегратките на Стоун Таун, единствениот град на архипелагот.

Низ тесните и полутемни улички преполни со упорни улични продавачи на сè и сешто, се пробивме до градската променада на брегот и до градините Фородани. Оттаму, се свртев кон морето и од градската плажа со ситен песок, како цимет, ја скицирав визурата на градот: контурите на тврдината, градините, Куќата на чудата и катедралата Св. Јосиф правеа долга неправилна кардио-линија која завршуваше некаде блиску до моето срце. За прв пат по долгите километри пат низ Африка таму сосема се опуштив, дишев бавно и рамномерно. Си ги пуштив внатрешните фанфари за триумф и себеси си ставив: лајк!

Сиеста пред молитва

Пред да се огласи гласот на муезинот и да повика на пладневна молитва, градот веќе беше на половина од својата сила за тој ден. Мажите, босоноги, со раширени нозе во своите комотни канзуа беа испоседнале на цементните ѕитчиња со функции на клупи под сенката на некоја стара палата, на едно од многуте плоштатчиња. Над нив, на ѕидот како контрадикција имаше реклама со нацртана ајкула со прикажани крволочни заби. Пред нив темпераментните деца играа џамлии и правеа џагор типичен за децата од цел свет. На спротивната страна, минуваа жени покриени со буи-буи, наметки налик на црна бурка. Во потрагата по свежи намирници за ручек рацете им подѕирнуваа од под црниот вел и откриваа ситна чипка од тетоважа направена од к‘на. Тие зборуваа со продавачот тивко и ненаметливо. Така и се движеа низ уличките, сè до старите дебели изрезбани врати со метални шилци – заштитен знак на Стоун Таун. Во близина имаше мал хотел. Оттаму туристи со мапи и наочари за сонце излегуваа и се нурнуваа во кањонот од тесните улички. За да се зачува овој единствен тропски коктел на арапската, индиската, персиската, европската и свахили културата, Унеско го има ставено овој град под своја заштита. Векови и цивилизации лежеа напластени низ овој дел од стариот град, а јас бев трпелив гостин со отворен визир, фотоапарат и нотес - сите орудија потребни за овековечување на тие прекрасни сцени од еден таков далечен и егзотичен свет.

Куќата на чудата

Некогашната палата на султанот од Оман наречена Куќа на чудата, била запаметена од луѓето како првата куќа во Занзибар која била осветлена од електрична енергија и каде што прв пат бил вграден лифт, нешто што малку од хотелите го имаат и денес. Од терасите со изрезбано дрво и со линии како кај раџастанските палати во Индија, се пружа поглед кон локалните занзибарски кајчиња со бели платна, вековно обележје на овдешните рибари, но и на новите контејнери од огромните танкери кои зачините од овој остров ги носат до трпезите низ целиот свет. Ако се фрли погледот уште подалеку, азурното синило завршува со морска модрина поради завршувањето на зоната на коралите. Овој корален гребен е како светла круна околу зелениот смарагден тропски остров. Под вода се отвора нов универзум на риби и корални градини во сите бои.



Погоди што е ова?

„Погоди кој зачин е ова?“ – е изгледа омилената игра на Занзибарците. Сопственикот на една плантажа на север од Стоун Таун со нож ќе копнеше во земјата и ќе откопаше некакви коренчиња или ќе откинеше некои подземни плодови со чудни облици. Потоа ќе нè прашаше нас, посетителите на организираната прошетка низ светот на зачините, дали знаеме што е тоа? Некогаш погодувавме, но најчесто не. Шетајќи низ плантажата помирисавме свеж кардамон, мускатни (морски) оревчиња, шафран, лимонова трева, каранфилчиња, бибер, тандори, ванила, цимет и што уште не.

Сите тие тревки, коренчиња и плодови кријат зад себе многу труд, на кој најчесто никој и не помислува кога ќе завршат во мали дребни евтини кутичиња по нашите маркети. Видовме како расте и еден од најскапите зачини во светот – шафранот. Од илјадници коренчиња се добиваат едвај стотина грама шафран! За жителите на Занзибар овие зачини се повеќе од мирудии потребни за кујната. Со лимоновата трева се бранеле од комарци, шафронот го употребувале долго пред Западот да ја измисли вијаграта.

Кардамонот се употребувал во замена на денешните гуми за џвакање, но и како лек за болки во стомакот. Жар-црвената кора на мускатното оревче се сушела и се употребувала како благ наркотик. Од исушеното мускатно оревче се подготвувал и чај за невестите на првата брачна ноќ - за да ја ублажи нивната (очекувана) срамежливост.

Сите мириси... доаѓаат од Занзибар

Светските авантури за кои сме читале кога сме сакале да мечтаеме, често тргнувале од Занзибар. Многу патувања на Дејвид Ливингстон почнале и завршиле во Занзибар. Британскиот истражувач и новинар Хенри Стенли при крајот на 19 век оттука го почнал своето епско патување низ срцето на Африка, прво по сувоземен пат низ саваните и џунглите, па пловејќи по реката Конго сè до Атлантиктот, на другата страна на континентот. Оттаму тргнал, по своја волја, во потрага по светска слава и еден од најславните жители на Стоун Таун – Фреди Меркјури. И ние требаше исто така, не своеволно, да заминеме од Занзибар, по морски пат до Дар Ес Салаам. На убавиот и бајковит престој му дојде крајот. Како што отпловувавме од овој необичен остров од фантазијата, фрлив уште еден поглед за да го поздравам Стоун Таун кој блескаше на силното екваторско сонце... Го покрив лицето со двете раце. На левата рака почувствував мирис на цимет, на десната - трага од цветовите на ванила...

Текст и фотографии: Р. Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби