Некаде со Роберт Смилевски... Самоа

Од вчера до утре (без денес)

Шлапкајќи со стапалата во кристално чистата тиркизна вода на Пацификот, седнат на камен измазнет од времето и свртен кон запад, од плажата на Tisa’s Bare Foot Bar се пружа сосема уникатен поглед на светот. Поготово ако се занесете во ножни мантрања и се обидете да погледнете што подалеку низ отворот на обичната пластична розова сламка од тукушто испиената, божествена овошна напивка.

Ќе рече некој, погледот си е поглед, како и сите други во вакви тропски места - зајдисонце во хедонистичко ќоше на сончевата страна од планетава: палми, песок, океан, исончани тел(ц)а, сламени шапки и мириси на кокосово млеко и орхидеи... Но, не, овде станува збор за една сосема друга димензија на нештата!

Жителите на Самоа и ретките посетители секојдневно ексклузивно ги поздравуваат последните мигови од тековниот ден на планетата, без емоции и со бавни движења, какви што, впрочем, беа и моите тамошни денови, затоа што во Јужниот Пацифик ништо и никој не брза.

И мравките, чинам, се побавни. И птиците побавно мавтаат со крилјата обоени со живописни бои. И мрежите распнати помеѓу две палми се нишаат побавно, како на филмска лента. Чинам.

Линија на времето 

Островите на Западна Самоа и Американска Самоа, две држави, а ист народ (мошне позната концепција во овој дел од вселената), се наоѓаат во последната часовна зона на Земјата. По нив, движејќи се на запад многу брзо се доаѓа до Меѓународната датумска линија (IDL – International Date Line) и веднаш зад измислената линија почнува сосема друг датум, во кој било период од денот. Таа имагинарна усвоена неправа линија се протега од Северниот до Јужниот Пол и го демаркира секој календарски ден од следниот. Линијата настанала како последица на временскиот систем организиран така што локалните пладниња да кореспондираат со времето кога сонцето го поминува локалниот географски меридијан.

Природа и општество

Среќа што овде луѓето немаат голема потреба за весници, инаку би имале добра ретроспектива на светските дневни збиднувања на изминатиот ден. На крајот од денот веќе во светот се имаа случено доволно убави и неубави нешта. Водејќи се од Толстоевата логика на нештата (парафраза од „Ана Каренина“): убавите нешта се слично убави насекаде во светот и затоа недоволно интересни за соопштување, но неубавите се неубави на посебен начин,.. луѓето во Самоа тој октомвриски ден ќе се изнасркаа вообичаени тешкосварливи планетарни манџи: земјотреси, смрт на кралеви, штрајкови и протести, заразни болести, докази за глобално затоплување и што уште не. Но, тој ден, потрошен мудро и погледнат од безгрижно и доволно скришно место, како на пример ова, на плажата на Tisa’s Bare Foot Bar, светот изгледаше сосема поинаку. Совршено пријатни температури и влажност на опијанувачкиот воздух, пријатно ветерче и дремење во неколку темпирани дози, добра книга, рогозина за лежење и очила за сонце. Крпа не носев, се придржував до минималистичкиот концепт освен фотоапаратот, сето друго ќе беше поткопување на замислата за божествени мигови „во соработка“ со самоанските природа и општество.

Речиси вечност, речиси (инстант) просветлување

Претходниот ден мајката на Бен и Прес, за време на нашата средба во Апија, ми ја објасни функцијата на Fa’asamoa, т.е. начинот, умешноста на Самоанците да ги претворат релативно невозбудливите денови (и животи) во самоодржлив и препознатлив стил на живот, вплетувајќи ги во дневните рутини прастарите полинезиски традиции.

Секој патник кој буквално го обиколува светот и носи часовник што го поместува нанапред или наназад за еден час кога и да влезе во друга временска зона,.. кој носи календар што го превртува за еден ден на полноќ, сфаќа на крајот од обиколката, стигнувајќи на појдовната позиција, дека датумот се разликува за еден ден од датумот што важи за луѓето кои го пречекуваат! IDL (International Date Line) обезбедува стандард за потребните нагодувања! Но, неспорен факт е дека кога се преминува IDL, движејќи се западно, се губи еден ден од животот! Кога, пак, истата линија се преминува движејќи се кон исток, денот ви се враќа, повторувајќи се, всушност, двапати!
За да се даде смисла на животот овде се користат следниве состојки: светост на земјата, водата и изворите на храна, „аига“ - проширено семејство, песни, танц со бавни движења на рацете и задолжителна насмевка и верба во Бога. Ако кон сево ова се додаде и здравата храна, воедначената клима низ целата година и животното темпо модерато без стрес - се добива... речиси вечност. Затоа, во Самоа нема брза храна, нема брз интернет, ниту еспресо и инстант кафе и супи.

Тие имаат доволно време за љубов. Мајката на Бен и Прес затоа ме предупреди, да седнам кога зборува, а не простум да стојам. „Седни кога јадеш или пиеш. Седни, испружи ги нозете пред да ги свиткаш и диши длабоко“. Си заминав по лаф муабетот речиси просветлен. Ова беше (речиси) инстант час за зен на самоански начин. Лекција применлива насекаде во светот.

Туситала, раскажувачот на приказни

Роберт Луис Стивенсон (подударноста со моето име сигурно не е случајна!) го има откриено ова парче многу време пред мене. Пред точно 150 години, шкотскиот поет и патописец побегнал од лицемерниот свет и во потрага по мир и место поволни за неговото здравје, го открил овој рај. На островот Уполу купил плац и ја изградил Ваилима - убавата „куќа на петте реки”, претворајќи го островот во свој вечен дом, а островјаните во свои блиски и штитеници. Наоѓајќи ја инспирацијата, последните 4 години од животот ги напишал веројатно своите најдобри дела.

Туситала, раскажувачот на приказни, како што го нарекуваат овде, починал ненадејно, отворајќи вино во својата Ваилима. И ден денес неговиот гроб е таму каде што на рамо го однеле Самоанците, погребувајќи го на една висока карпа со поглед кон Тихиот Океан и кон запад, кон утрешнината, а не кон минатото.

Летечки лисици и пурпурни гулаби

Сум задремал. Или сум поспал. Или можеби само бев замислен гледајќи кон спојувачката сина линија помеѓу океанот и небесите. Мракот привтаса. Јужниот крст засвети силно на небото без месечина. Мора да се тргне назад кон Паго Паго, кон малите собички со кревет и огледало. И, ете, се вратив и се погледнав во огледалото. Сам сум, а насмеан, не за други, за самиот себе!

По навика го вклучувам телевизорот. Нема речиси ништо. Нема сателитски канали. Ете, има и извинување - местото е надвор од сателитското покривање. Нема сателитски отпечаток на овие полинезиски зелени остовчиња, чинија со бело-кремасти рабови. Нема вести и спорт - опијати за светската популација, бессрамни грабливци на драгоценото ни време.

Уште поубаво и од тоа! Вестите од островот вечерта ми ги соопштуваат самоанските летечки лисици и пурпурните гулаби на Пацификот. Каков незаборавен ден! Посакав да потрае или да се повтори. Да се повторува...



Крајот на светот, крајот на времето

Каде е крајот на светот? Таму каде престануваат да живеат луѓето или таму каде што завршува времето, денот? На Самоите, луѓето живеат среќно и надвор од сателитскиот отпечаток и агресијата на модерното живеење.

Кога ќе посакате да побегнете за миг од секојдневната трка со времето во која самите сме најголемите губитници, затворете ги очите и појдете таму кај што јас бев и почувствувајте се среќно и безбедно.

Да прошверцуваме некоја среќна состојба и блажен мир и овде, во Македонија. Од таму. Од крајот од светот. Од крајот на времето.



Текст и фотографии: Роберт Смилески



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Муабетат двајца пријатели во кафана:
- Абе, знаеш дека од една пијачка ме фаќа?
- Ај, шо збориш, од една само???
- Да бе, и тоа обично шестата.

* * *
Прашува едно дете...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај...
Верски календар
На денешен ден
1461.- Во најкрвавата битка во Војната меѓу двете...
1772.- Умре шведскиот филозоф Емануел...
1792.- Умре шведскиот крал Густав Трети, 13 дена...
1809.- Шведскиот крал Густав Четврти мораше да...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби