Најмалиот град - музеј: Мелник

Со одвај околу 300 жители Мелник е најмалиот град во Република Бугарија и официјално четврти најмал град во светот. Сместен е во планински регион, во југозападните падини на Пирин планина, на 437 метри надморска височина, на 22 километри југоисточно од градот Сандански. Низ него тече мала Мелничка река која е лева притока на реката Струма и која го дели градот на два дела поврзани со едноставни дрвени мостови што совршено се вклопуваат во живописниот амбиент.



Во Мелник нема индустрија, ниту можност за земјоделство. Па, сепак, годишно го посетуваат и во него престојуваат над 40.000 домашни и странски туристи. Гостите доаѓаат да уживаат во прекрасната природа, да се рекреираат на чист воздух, да се восхитуваат на уникатното чудо на природата - Мелничките песочни пирамиди, да го дегустираат прочуеното домашно Мелничко црно вино, низ приказните и автентично сочуваната архитектура и друго материјално културно и фолклорно наследство да „ѕирнат“ во минатото, да се насладуваат на традиционалните бабини специјалитети, од локалните Мелнички специјалитети овчо млеко со смокви и вртена пита, да...
 
 Мелник е тивко рустикално гратче со успешна приказна: понуда и услуга на европско ниво. Пријатни хотели, гостилници и меани со национална кујна, винарски визби стари по неколку века, продавници за сувенири... Со целата удобност на современото живеење.
 
Редок предизвик за секој добронамерник, љубопитен да доживее и да почувствува како пулсира овој најмал бугарски град особен по многу нешта, во кој малото значи – многу.



Неповторлив шарм
 
Со првиот чекор по калдрмисаните улици станува јасно дека времето тука како да застанало. Длабоко во минатото... Реставрираните, живописни, габаритни куќи со црвени ќерамидни покриви, ѕидани од камен во долниот дел и спратови со многу пенџериња, тесните улички, камените патишта и запрежните коли, влечени од тажни коњи, буриња со вино што чекаат да бидат поправени..., будат носталгични сеќавања. Секоја педа овде е музејска поставка, разгледница на една богата историја... Сосем во склад - од 1968 година Мелник е и официјално прогласен за град- музеј.
 
И, ако верувате дека Мелник може да се прошета и да се запознае во еден ден, во еден здив, затоа што е мало место, што се вели со се’ на едно место, сте се излажале...
 
 Веднаш станува јасно дека населението овде живее исклучиво од винарство и туризам. Се смета дека Мелник е најстариот, најсончев и најтопол град во Бугарија. Климата е погодна за луѓето со респираторни проблеми, бубрежни и ревматски заболувања.
 
Традиционално речиси секое семејство одгледува винова лоза и произведува ракија и исклучиво црвено вино за сопствена потрошувачка и за продажба на мало, а во поново време некои семејства одгледуваат пчели и продаваат „пирински мед“ што може да се купи на многубројните тезги.


 
Всушност, многу од луѓето кои некогаш живееле имале сопствени винарии. Црвеното вино, кое ќе го пробате тука, ќе ве натера да се посомневате дека вистинското вино може да се најде само во Франција. Мелничкото вино има богат вкус и специфична арома. Винарските куќи на Мелник се познати далеку надвор од Бугарија, и тоа не е случајно, бидејќи тука винарството се развива од стотици години наназад и тајната се пренесува од генерација на генерација.
 
Мештаните со гордост ќе ви раскажат дека Мелничкото вино било омиленото вино на Сер Винстон Черчил кој секоја година порачувал по 500 литри од него. Црното виното било омилен пијалок и привилегија и само на високата партиска елита во Бугарија и во поранешниот Советски Сојуз.
 
Медитеранската клима е погодна за одгледување на разни сорти на грозје, но уникатна за градот е сортата „широка Мелничка". За неа е карактеристично што е тоа стара црвена сорта грозје, која може да расте само во југо-западна Бугарија во реонот на Мелник, Сандански и Петрич во долината на реката Струма. Сите обиди таа да биде пренесена во други региони на Бугарија или надвор од границите биле неуспешни. И тоа ја прави уникатна сорта.
 
Кордопулова куќа
 
Мелник не е познат само по црното вино, туку и по специфичната архитектура. Највпечатливи градби се Кордопуловата куќа, која е приватен музеј со винарска визба, Пашовата кула, Турскиот конак, Болјарската куќа, па урнатините на средновековните цркви за кои се вели дека биле седумдесеттина. Имено, во XVII-XVIII век Мелник е населен од 25.000 луѓе, има околу 1.300 куќи и над 70 цркви. Во околината на градот се наоѓа и Роженскиот манастир, кој е еден од неколкуте средновековни бугарски манастири, релативно добро зачувани до денес.



 Според локалните жители во 1915 година оттука поминува Јане Сандански со коњ, пред да падне во заседа и да биде убиен во близина, на патот за денешниот град Гоце Делчев. Всушност четата на Јане Сандански е таа која што го ослободува Мелник од турска власт на 17 октомври 1912 година. Тогаш поголемиот дел од градот бил запален, по што никогаш не се опоравил. Во негова чест во паркот има споменик на Јане Сандански.
 
Секоја една куќа во Мелник, независно дали е мала или голема, има своја уникатна историја која е врзана за процутот на Мелник. Во најмалиот град во Бугарија се наоѓа една од најголемите зданија на своето време. Тоа е Кодуполовата куќа која е уникатна по својата архитектура.
 
Кордопуловата куќа е изградена во 1754 година. Првично зградата е изградена за производство и складирање на вино и припаѓала на богатото грчко семејство Кордопулос. Последниот претставник на семејството Кордопулос - Манолис загинал за време на Балканската војна. Во 1912 година тој обезбедува засолниште на Јане Сандански - ослободителот на Мелник од турското ропство. Денес во Кордопуловата куќа може да се види па дури и да се влезе во тајните одаи каде се криел Јане и други Бугари, вклучени во ослободувањето.
 
Познато е и друго име на Кордопулова куќа - Цинцаровата куќа. Така се вика, бидејќи по смртта на Манолис, куќата се наследува од Агнес, која била или сестра или слугинката на Кордопулос. Таа се омажила за Георги Цинцари и заедно со него живеат во куќата. Бидејќи семејството на цинцари немало деца, тие го посиниле Гаврил. Во периодот 1974-1980 Кордопуловата куќа е обновена и реставрирана. Денес е приватен музеј на Никола Паспалев - син на Гаврил.


 
Кордопуловата куќа се посетува од 30.000 туристи годишно. Ентериерот и екстериерот на куќата говорат сами за себе. Куќата е изградена со префинет вкус, зачувувајќи ги најдобрите традиции на производство и складирање на Мелничкото црвено вино.
 
Според некои извори Кордопуловата куќа е најголемата зачувана куќа од XIX век во Бугарија. Таа се состои од четири ката, од кои два се изградени од камен и винарска визба со 150-метарски подземен тунел за чување на вино е издлабена во карпите и може да се сместат до 300 тони вино. Се говори дека внатре подрумите се копани 12 години. Во тунелот има посебни канали и системи за вентилација за правилно складирање на виното. Туристите можат да се спуштаат во лавиринтите и да го видат најголемото буре кое може да собере 12,5 тони вино. Таму исто така може да се обидете и да купите од познатото Мелничко вино. Подземните ходници се тесни и ѕидовите на тунелот се покриени со залепени монети од кои целиот тунел светка.  Обичај е туристите да си помислат желба и да ја стават парата во некој од процепите на ѕидот од варовнички карпи - ако таа не падне, нивната желба ќе се исполни.
 
 На горните катови на Кордопуловата куќа е задржан антички мебел. Во главната сала на куќата може да се видат 12 од прозорците со венецијанско стакло, насликани ѕидови, резби и долапи. Дрвениот под е покриен со шарени теписи (рачна изработка). Жителите на куќата, исто така имале и зимска и летна градина.
 
Фасцинантните песочни пирамиди


 
Мелник е сместен меѓу чудесни песочни пирамиди, природен феномен и најинтересна природна атракција во Бугарија, кои привлекуваат туристи од целиот свет. Овие чуда на природата го прават уникатен исклучително живописниот предел на југозападниот дел на Пирин Планина. Фасцинира глетката кон карпестите формации од бела глина, расфрлени на површина од 50 метри квадратни и во должина од 17 километри, чија автентична природна целина е прогласена за природна реткост во 1978 година.
 
 Се верува дека токму по „меловите“, односно по пирамидите што го имаат прегрнато ова планинско градче, Мелник го добил своето име. Етимологијата на зборот „мел“ значи бела глина, креда и со неа се именуваат карпите сред кои е распослан градот.
 
Овој необичен извајан камен свет се смета дека е дело на милениумската ерозија на глинената почва. Она што ги прави посебни е фактот дека Мелничките пирамиди се во постојан процес на формирање и нивниот изглед се менува со текот на времето. Или, подобро речено, од забот на времето. Па, ако при една посета сте ги овековечиле со камера или со фотоапарат во еден облик, веќе при следното доаѓање, бидете сигурни, ќе видите поинаков предел.


 
Овие восхитувачки природни скулптури, сите атрактивни и впечатливи на свој начин, имаат најразлични форми, контури и детали. Наликуваат на камени печурки, на купи сено, на минариња, на алпски гребени и врвови, на мечови, на обелисци, на Египетски пирамиди, на Готски храмови... Се’ зависи од силата на вашата имагинација, што се’ можете да препознаете во нив. Високи се над 100 метри, со голи стрмни песочни косини, на места целосно вертикални, поради што се и наречени песочни пирамиди, и со недостапни врвови, покриени со тревна вегетација.
 
 За оние кои сакаат од блиску да ги доживеат пирамидите, има директна патека која минува низ природниот феномен Мелнички пирамиди. Јужно пак од селото Рожен кое од Мелник е оддалечено околу шест километри има илјадници големи и мали камени печурки кои, исто така, се интересни за туристите. Доста впечатливи и исто толку посетувани се и пирамидите во селото Картаново, исто така општина Сандански. Околината на Пиринскиот крај е идеална и за планинарски туризам. Тука, високо на падините над Мелник се наоѓаат планинарските домови „Пирин“ и “Малина“ кои во секое време од годината им нудат гостопримство на љубителите на природата, од каде и да се.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот

Две плавуши прават муабет за култура.
- Си го гледала оној филмот ТИТАНИК?
- Да, да , и тоа три пати.
- А која сцена ти остави највеќе впечаток.
- Онаа кога беа на бродот.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на дрвјата
- Денеска е Светски ден на интелектуалната...
121.- Роден е Марко Аврелиј, римски цар...
1452.- Роден е италијанскиот сликар, вајар,...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби