Нашата Елена Ристеска заедно со Јелена Гавриловиќ, Бане Мојичевиќ, Катарина Богичевиќ и Ненад Окановиќ, влезе во финалето на „Tvoje Lice Zvuci Poznato“ и ќе се бори за наградата од 25 илјади евра кои се наменети за хуманитарни цели.
-Се чувствувам мошне чудно. Со оглед на сè што се случи во последната емисија, не очекував дека ќе влезам во финалето. И покрај тоа што ме издаде гласот поради здравствени проблеми, сепак се најдов во финалето. Многу ми е драго поради тоа бидејќи сето ова е шоу со хуманитарна цел, изјави Ристеска.
Вечера вечер Елена ја изведе „Chandelier“ од Sia, но беше далеку од својата најдобра изведба поради проблеми со синусите. Сепак, нашата претставничка очигледно е еден од фаворитите на публиката бидејќи од неа доби 10 поени кои и овозможија да влезе во финалето и покрај тоа што имаше ист број на поени со неколку други учесници.
Победникот во полуфиналната емисија е Катарина Богичевиќ, за која ова е втора победа, по маестралната изведба на „I Will Always Love You“ од Витни Хјустон.